Во Северна Македонија нема учебник во кој се тврди дека постојат само три раси: Македониди, Монголоиди и Негриди
Изјавата на европратеникот Ангел Џамбаски ја оценуваме како невистинита, затоа што книгата со наслов ,,Филип втори Македонецот” е приватно издание, не е во официјална употреба во македонскиот образовен систем и уште помалку претставува ,,учебник”, како што тврди тој.
Нагледно учебно помагало за промакедонските соросоиди од жолтата калдрма (се мисли на плоштадот „Цар Ослободител“ – локација на антивладините протести во Софија – н.з.) и ул. „Шишман“ (собиралиште на софиската либерална младина – н.з.), кои сакаат да ја пуштиме Република Северна Македонија во ЕУ веднаш и без никакви услови. Ова е скопски учебник. Како ли гледаат на оваа расна теорија нивните работодавачи во странските амбасади?
Не постои учебник со ваква содржина, напишан на македонски и на германски јазик, којшто е во употреба во образовната програма за основно или за средно образование.
Со дополнително истражување тимот на „Вистиномер“ утврди дека книгата која бугарскиот европратеник Џамбаски ја квалификува како учебник, всушност, претставува приватна публикација, односно книга на авторите Ристо Поповски и Ангелина Маркус, насловена како ,,Филип втори Македонецот”.
Книгата е во издание на Едиција Клеа, испечатена во 2008 година во 1.000 примероци. Како што е наведено во онлајн изданието достапно за преземање во ПДФ формат, книгата е спонзорирана од Жан Митрев и Кардиохирургија Филип Втори. На 28-та страница од книгата може да се најде илустрацијата заедно со тврдењето дека има само три крвни групи и три раси, Македониди Монголоиди и Негриди.
Во неговиот пост, со кој дезинформира за содржините од учебниците во Северна Македонија, бугарскиот европратеник Џамбаски го користи терминот „соросоиди“ за лицата кои се противат на одлуката на Владата на Република Бугарија да го попречи влегувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Организацијата на Евреите од Бугарија „Шалом“ во август предупреди таквите случаи се форма на говор на омраза – антисемитизам, додека во Република Северна Македонија стручњаци за човекови права укажуваат дека според стандардите на Советот на Европа користењето на тој термин е дискриминација.
Оттука, изјавата на бугарскиот европратеник Џамбаски ја оценуваме како невистинита, затоа што книгата не е во официјална употреба во македонскиот образовен систем и уште помалку претставува ,,учебник”, како што тврди тој. Кога се споменува зборот учебник, тоа значи применета литература во официјалниот образовен систем на земјата, што со оваа приватна публикација не е случај.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар