Неточно е тврдењето дека Бранимир Несторовиќ го обвинил Вучиќ за примени 590 милиони евра за да воведе страв

Фото: видео скриншот

Рецензираме пост со придружна фотографија во која што се тврди дека доктор Бранимир Несторовиќ го разобличил српскиот претседател Александар Вучиќ, кога кажал дека добил 590 милиони евра за да воведе страв

Рецензираме пост со придружна фотографија во која што се тврди дека доктор Бранимир Несторовиќ го разобличил српскиот претседател Александар Вучиќ, кога кажал дека добил 590 милиони евра за да воведе страв. 

На Лукашенко му се понудени 900 милиони евра и ја одбил понудата, а Вучиќ ја прифатил и си игра со вашиот здрав разум, се вели во текстот на постот, кој вклучува и фотографија на која се ставени Вучиќ и Несторовиќ.

Постот, ист отака, вели:

Се поставува прашањето дали на секоја влада и претседател СЗО има понудено милиони долари за да креираат страв и вештачки пландемии?, се прашува во постот.

Меѓутоа, нашата проверка на факти покажа дека доктор Несторовиќ никогаш не изјавил на ниту едно место во јавноста дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, добил 590 милиони евра за да воведе страв. Напишаното на фотографијата е лага, измислица и накалемена непостоечка изјава, која му ,,се става во уста” на доктор Несторовиќ иако тој такво нешто никогаш не кажал.

Изворот на ова тврдење е непознат и потекнува од Јутјуб Канал именуван ,,Балканска тараба”.

 

 

На овој Јутјуб канал на 5 септември 2020 година, неименуван автор чита коментар полн со неатрибуирани информации за кои нема наведен извор. 

Во емисијата во делот од 14.50 мин. гласот чита текст во кој тврди дека Александар Вучиќ зел хонорар од 590 милиони евра.

Потоа од 18.43 мин. до 19.30 мин. во истото видео следува појаснување на ова измислено тврдење, дека Вучиќ се сретнал со наследникот на Џорџ Сорос на конференција во Вашингтон, каде што, наводно, му биле понудени овие пари, кои ги прифатил и така почнала пандемијата во Србија.

Ниту авторот е потпишан, ниту, пак, постои било каков извор на овие тврдења во пребарувачот Гугл. Единствениот извор е анонимно лице кое го чита кажаното во аудио материјалот, а потоа на тој материјал му дава опис кој е манипулативен и лажен, како да го кажал доктор Несторовиќ. Како што се гледа од официјалната страница на претседателот на Србија, Вучиќ навистина бил во Вашингтон на конференција Аипак во март 2020 година. Но, таму не се зборувало за пандемијата од коронавирусот. Значи, ова е спин, односно делумно точна информација, со додадена неточна информација која комплетно го менува контекстот и смислата на првата информација за да се манипулира со вистината.

Освен тоа, на официјалната веб страница на Светската здравствена организација, може да се види дека таа се финансира на два начини – прво преку членарина од земјите членки и преку доброволни донации. СЗО има и програма за да се види како се планира да се трошат парите. Во неа не стои давање 590 милиони евра на Александар Вучиќ.

Што се однесува, пак, на делот каде се тврди дека на Лукашенко му биле понудени 900 милиони евра и ја одбил понудата, за тоа веќе пишувавме дека е невистина на 20 август 2020 година, но со цифрата 82 милиони евра, колку што лажно се тврдеше дека му биле дадени тогаш.

Настрана фактот што вакви износи од некакви си 900 милиони евра понудени на Лукашенко или 580 милиони евра понудени на Вучиќ претставуваат огромни давачки за огранизација со буџет каков што го има СЗО. На пример, приходите на организацијата во период од 7 квартали (21 месец) во периодот 2020-21 година изнесуваат вкупно нешто под 8 милијарди долари или по околу 1,14 милијарди долари за едно тромесечје. Така што, нудење износи од 1,48 милијарди евра за да се потплатат Лукашенко и Вучиќ, значи наводно потплатување на само двајца лидери, претставува многу повеќе пари отколку што СЗО троши за едно тромесечје и тоа за сите свои програми, не само за оние поврзани со ковид-19. Друга приказна е како СЗО би ги оправдала овие пари и пред ревизорите на ООН, и пред своите донатори, и пред земјите членки, и како било кој може да помисли дека ваква раобта, односно вакви огромни износи за наводно потплатување би можеле да поминат незабележано. Такво нешто е едноставно бесмислено. Токму затоа никаде не се спомнува кој би бил изворот на тие пари.

Ако се погледне подлабоко, Белорусија, лани и тоа во јули, има склучено двегодешен договор за соработка со СЗО Европа, каде што припаѓа. Во врска со пандемијата и состојбата во Белорусија, експертски тим на СЗО престојувал во повеќедневна посета на земјата при крајот на април, по што, откако посетиле повеќе здравствени установи и се сретнале со белоруски претставници од повеќе институции, издале препорака и понудиле техничка помош. На крајот на јули претставници на СЗО Европа донеле хуманитарна помош за областа Минск…

Како што може да се види, и покрај почетното одбивање на Лукашенко да поверува во корона вирусот, веќе кон крајот на април властите во оваа земја соработуваат со СЗО до ден денешен и покрај одредени разлики во одговорот против корона вирусот.

Тврдењето дека српскиот претседател Александар Вучиќ добил 590 милиони евра од СЗО, преку синот на Бил Гејтс, не е втемелено во реалноста. Српскиот лекар Бранимир Несторовиќ никогаш не изјавил такво нешто. Тврдењето е лажно. 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција