Невистина е дека Австралијци со вакцина против ковид 19 биле заразени со ХИВ

Фото: скриншот од дел од постот

Користејќи техника на извртување на фактите и коментари, во објавата на ФБ на Коложег инфо се шират две дезинформации. Првата е дека Австралијци биле заразени со ХИВ вирусот што ја предизвикува СИДА-та. Втората дезинформација е дека станува збор за  „почетни последици кои ги покажува злокобната кампања за зомбирање на луѓето и народите во прифаќање на скопување со убиствена зомбирачка нано-чипирана вакцина на глобалофашистите“. Овие две тврдења се невистини

Користејќи техника на извртување на фактите и коментари, во објавата на ФБ на Коложег инфо се шират две дезинформации. Првата е дека Австралијци биле заразени со ХИВ вирусот што ја предизвикува СИДА-та. Втората дезинформација е дека станува збор за „почетни последици кои ги покажува злокобната кампања за зомбирање на луѓето и народите во прифаќање на скопување со убиствена зомбирачка нано-чипирана вакцина на глобалофашистите“. Овие две тврдења се невистини

 

Пост-објава на фејсбук страницата на Коложег инфо изнесува куп дезинформации околу вакцините против ковид 19, поаѓајќи од една одлука на австралиската влада во врска со развојот на нивната домашна вакцина за овој тип болест.

Во самиот пост, каде е прикачен линк до текст од он-лајн медиумот Коложег, како вовед се натрпани повеќе квалификации за новата вакцина, кои се базираат, пред сè, на теории на заговор и каде се употребуваат квалификативи од типот „глобалфашисти“, „зомбирање на луѓе“, „нано-чипирина вакцина“ „скопење“ и се разбира, незибежниот во вакви теории, Бил Гејтс:

Од каде до каде во вакцината има вградено СИДА елементи? За здравје сигурно! Ова се само првите почетни показатели за последиците, кои ги покажува злокобната агенда за зомбирање на луѓето и народите во прифаќање на скопување со убиствена зомбирачка нано-чипирана вакцина на глобалофашистите и самопрогласениот “министер за здравство на светот”, необразованиот фронтмен на глобалистичките анти-хумани ЦИА-проекти Гејтс, под превез на борба со непостоечка “чума”!

Под ваквиот вовед, кој е, всушност, поднаслов од текстот што се нуди како „доказ“, прикачен е медиумски материјал што треба да претставува некаков си новинарски извештај, но кој е далеку од тоа, бидејќи, пред сè, е преполн со мешавина на (полу) факти со коментари и со нецелосни информации, но и со една голема невистина проширена уште во насловот на текстот, кој гласи: Во Австралија Вакцината ги Зарази Примателите со ХИВ, Опасни Алергии, Контраефекти во САД и Светот!

 

Нема заразено Aвстралијци со ХИВ од сегашната вакцина

Да почнеме од главната невистина. ФАКТ: Австралиските државјани кои примиле експериментално доза на локалната вакцина против ковид 19, НЕ СЕ ЗАРАЗЕНИ СО ХИВ!

Станува збор за класично манипулирање со вистината, т.е. со фактите. Имено, австралиската влада на 11.12.2020, навистина издаде важно соопштение до јавноста дека го напушта проектот во која и сама беше финансиски инволвирана за развој на австралиска вакцина против корона вирусот, што ја создаваат австралиската компанија CSL-Limited и Универзитетот од Квинсленд. Веста што ја пренесоа најугледните светски медиуми, како Би-Би-Си, на пример, уште во насловот јасно ја истакнале причинaта – вакцината како домашен проект се напушта, бидејќи има пријави за лажно ХИВ позитивни лица од оние што ја примиле експерименталната доза.

И од самото заедничко соопштение на компанијата и универзитетот може јасно да се разбере дека тие во консултација со Владата решиле да не продолжат со клиничките тестирања од фазата 2 и 3 на испитување на вакцината, бидејќи во досегашните испитувања од фазата 1, во кои учествувале 216 граѓани на Квинсленд, е утврден извесен број лажни резултати дека станале ХИВ позитивни.

До ваков развој на настаните дошло, бидејќи при создавањето на вакцината е употребен елемент кој е дел од патогенот што предизвикува имунидефициентност. Ваквиот елемент е насочен кон стабилизирање на протеинот што треба да произведе антитела против корона вирусот. Ова се појаснува во повеќе текстови, а тука е земено појаснувањето на порталот што следи наука Лајф сајанс (Livesience.com).

Што се однесува до коментарите од типот дека станува збор за „почетни последици кои ги покажува злокобната кампања за зомбирање на луѓето и народите во прифаќање на скопување со убиствена зомбирачка нано-чипирана вакцина на глобалофашистите“ и дека во тоа е замешен, кој друг ако не сопственикот на Мајкрософт, Бил Гејтс, ваквите тврдења без факти повеќе пати се разобличени во светски и домашни медиуми, а дел од нив може да се пронајдат и на страниците на „Вистиномер“.

 

Микс на информации и дезинформации-коментари

Останатиот дел од текстот е микс на точно пренесени изјави и факти околу безбедноста на другите вакцини, кои сега се актуелни, последиците, пред сè, алергиските реакции и слично. Но и овој дел завршува со теориите на заговор, така што, во целост земено, постот што го рецензираме е евидентна дезинформација која шири невистини.

За да биде поуверлива сторијата, прикачен е скриншот од видеото на кое се гледа дека медицинската сестра Тифани Довер од Тенеси, САД, ја прима вакцината на Фајзер Бионтек, по што ѝ се слоши, но дополнително беше утврдено дека не постојат докази оти вакцината е смртоносна и дека имала претходно хронично заболување, а вчера, пак, беше објавено дека сега е добро и продолжува со својата работа.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција