Обука, платено практиканство и можност за студиска посета на САД – остануваат уште 4 дена за пријава

Илустрација генерирана преку Microsoft Designer, со помош на DALL-E

Со помош на обучувачи од САД, покрај работата со податоци и креирање на визуелизации на податоци, младите учесници ќе се запознаат и со начините на етичко користење на Вештачката интелегенција

Остануваат уште четири дена за сите заинтересирани млади студенти, новинари, членови на граѓанскиот сектор, активисти или ентузијасти да аплицираат на тродневната работилница за Новинарство базирано на податоци и визуелизации на податоци.

Најдобрите шестмина учесници на серијата од три работилници ќе имаат можност за едномесечно платено практиканство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис, во текот на следното лето. Тројцата најдобри, пак, ќе заминат на еднонеделна студиска посета во САД со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) во Вашингтон.

Работилницата ќе се одржи во Скопје од 14 до 16 декември 2023 година. Обучувачи ќе бидат Дерек Вилис, предавач на Факултетот по новинарство „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд, Горан Ризаов, раководител на програмата Медиуми за демократија во Метаморфозис и Бојан Блажевски, главен уредник на новинската агенција Мета. Покрај работата со податоци и креирање на визуелизации на податоци, младите учесници ќе се запознаат и со начините на етичко користење на Вештачката интелегенција.

Апликацијата за првата тродневна работилница е отворена до 30 ноември 2023 година.

Ова е првата од серија на три работилници кои ќе се одржат од декември годинава до мај следната година. На сите три работилници обучувачи ќе бидат еминентни новинари од САД, заедно со новинари од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.

Настанот е дел од проектот „Новинарство за новата генерацијa“ кој Фондацијата Метаморфозис го спроведува во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, во периодот од септември 2023 година до јули 2024.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција