Одговорноста за можно украинско сценарио e на Иванов и Груевски

Кој го носи Мајдан во Македонија? Фото: flickr/wikipedia

Одлуката за комплетно помилување на група политичари обвинети за изборни измами, иако Ѓорге Иванов само пред еден месец кажа дека нема намера да ослободува од судски прогон изборни криминалци, е слична на кобната одлука на екс-претседателот на Украина, Виктор Јанукович, која во земјата предизвика многу страдање, пролеана крв и граѓанска војна

 

 

Одлуката за комплетно помилување на група политичари обвинети за изборни измами, иако Ѓорге Иванов само пред еден месец кажа дека нема намера да ослободува од судски прогон изборни криминалци, е слична на кобната одлука на екс-претседателот на Украина, Виктор Јанукович, за непотпишување на Договорот за асоцијација со ЕУ, која доведе до дестабилизација на земјата

 

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Кога во последната недела од ноември 2013 на самитот на Европската Унија и земјите од Источното партнерство во Вилнус, Литванија, Виктор Јанукович не го потпиша договорот за асоцијација со ЕУ, ниту во најстрашен кошмар не можеше да се предвиди дека само три месеци подоцна во Киев, во еден изблик на масовни демонстрации и народно незадоволство предизвикани од таа одлука, ќе бидат убиени стотина луѓе.

„Граѓанската војна во Киев денес е она што може да биде Москва задутре ако Путин одбие да замине од власт, но и Скопје утре, после евентуално нелегитимните претседателски избори во април.“ Ова го напишав пред точно две години и два месеци, во разгорот на крвавата мајданска револуција во Киев кога стотина демонстранти беа фатално погодени од снајперите и агентите на тогашната промосковска власт на Јанукович.

Го напишав со горчина во душата. Како предупредување. Се сомневав дека Македонија навистина може да стане Украина. После опасното salto mortale на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, со што ненадејно им даде бланко помилување на десетици членови на владејачката партија обвинети за изборен криминал, некое од платоата во центарот на Скопје навистина може да стане скопски Мајдан, плоштадот на независноста во Киев.

 

НИЗА СЛИЧНОСТИ

Не сакам да ширам зловолие, но со нелегалниот чин, нашироко критикуван од домашни и странски познавачи,  Иванов насила ја турка Македонија во украинско сценарио. Во нашиот случај, немаме надворешен фактор за дестабилизација (Русија).  Имено, владејачката ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и нивниот истурен човек во практикување на криминалната власт,  Иванов, кој не покажа државнички квалитети како во својот прв, така и во вториот мандат, се, всушност, дестабилизирачкиот фактор. Тие се оние кои провоцираат Мајдан среде Скопје. Затоа, протестантите завчера легитимно бараа негова оставка и создавање на експертска влада.

Украинската и македонската драма имаат низа сличности. Македонија, исто како и Украина, е заглибена во повеќегодишна политичка криза. Економијата е на работ од колапс, владата со своите задолжувања ја носи земјата во финансиска криза, а бранот на иселување поради лошите состојби не се намалува.

Украина наликува на Македонија и во острата поделеност на нејзиното општество. Исто како и балканската земја која се дели на либерали, почитувачи на западните вредности и реакционери, кои сметаат дека Македонија треба да биде под закрилата на Русија, и Украина е поделена на прозападен и на проруски дел. Првиот бара интеграција на земјата во Европската унија, вториот се стреми за припојување на југоисточниот дел кон поголемиот сосед.

 

ПРОПАГАНДА ОД НАДВОР, ПРОПАГАНДА ОД ДОМА

Руската пропаганда во Украина и политиката на Москва во регионот (анексијата на Крим, војната во Донбас, како и воената интервенција во Сирија) играат значајна улога во продлабочување на националниот раскол во земјата. Путин испраќа и делови од руската армија прикриено да војуваат во југоисточна Украина заедно со сепаратистите. Комплексот од различни начини на уцена со воена сила, разгорување на анти-владини демонстрации, подршка на референдуми за отцепување и окупација на територии од проруски платеници уште се нарекува и хибридна војна.

Но, во случајот со Македонија, сите нејзини соседи се оградуваат од состојбите и не се мешаат во внатрешните работи на земјата. Уште повеќе, на денот на објавувањто на таканаречената аболиција, шефовите на државите на соседните Хрватска и Словенија дури дојдоа и во пријателска посета на земјата. Единствен елемент на раскол во македонското општество се група на политичари и повеќе провладини медими. Тие, всушност, се оние кои водат хибридна војна против сопствениот народ до целосна девалвација на институциите на државата, со единствена цел: контрола на власта по секоја цена. Иако со аудио бомбите на опозицијата тие политичари и медиуми се разобличени во своите криминални дејанија.

Конечно, одлуката за комплетно помилување на обвинети за изборни измами (инаку Иванов само пред еден месец кажа дека нема намера да ослободува такви криминалци откако Уставниот суд ја донесе контраверзната одлука да му даде право да помилува осудени за изборни нерегуларности), е слична на кобната одлука на Јанукович која донесе толку многу страдање во Украина.

Имено, иницијатор на немирите и кобните зимски демонстрации во Киев беше отказот на Јанукович да го потпише со години наназад планираниот договорот за асоцијација со ЕУ. Следуваше неверување и шок низ цела Украина. Сличен таков шок во македонската јавност предизвика одлуката на Иванов. Новата 2014 продолжи со насилни демонстрации и демолирања на административнте зданија во многу украински градови. Се појавија неколку радикални движења кои формираа паравоени формации. Од внатрешноста на Украина се праќаа автобуси со илјадници доброволци кои ги бранат барикадите на Мајдан.

 

ПОТРАГА ПО ПЕТТОКОЛОНАШИ И СТРАНСКИ СЛУЖБИ

Украинците протестираа не само за пристапувањето кон ЕУ. Настаните во фебруари 2014 уште се  нерукаваат и Револуција на достоинството, за конечно ослободување од стегите на Совок – културата на поданичка егзистенција и редуциран животен стандард под комунистичкиот режим продолжија со децении после колапсот на Советскиот Сојуз.

Но, како во Украина така и во Македонија, протестите зедоа насилен тек, откако народот се судри со полицијата, бидејќи мирните демонстрации власта ги растерува/ше насилно со помош на специјални сили (во Украина тогаш делуваа специјалците од „Беркут“). Полицијата лојална на Груевски е психолошки подготвена да употреби неселективна “тврда сила“ против случајни минувачи и учесници на масовни улични протести, одамна применувана тактика на полицијата на Путин. Тепање до крв и неселективни апсења на протестанти, кои потоа незаконски се носат во притвор со недели или месеци за втерување страв кај јавноста. Како показ пред сите „еве што може да ве снајде ако продолжете да протестирате“. Целта е таа.

Со последните случувања се гледа дека дејствијата на режимот еволуирале во една нова фаза. Груевски е сјајен ученик и се држи до лекциите на Путин. Се создаваат контра-протести, се формираат национал-шовинистички групи и антимајдан движења од типот на „Наши“ (ГДОМ) за спас на Русија (Македонија) од „мешетари кои делат сендвичи“ (Викторија Нуланд) и „финансираат пучеви“. Се бараат петтоколонаши и се посочува со прст кон „странски служби“.

Таканаречена менаџирана или псевдо-демократија е систем на владеење под уцени, притисок и сеопшт страв на мнозинството од пропаѓање во социјална беда. Популизмот и пропагандата овде играат клучна улога. Демократијата е во целосен грч со контрола на изборниот процес и самото гласање, како и цврст стисок за сите општествени и државни инцитутиции, од медиуми, невладини организации, до економија, до култура и образование. Скандалот со бескрајните прислушувања покажа зошто власта била секогаш чекор понапред од опозицијата.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција