Општина Аеродром сè уште е кираџија
ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нова општинска зграда
[Извор: Изборна програма на Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром Рок: 2018 – 2020 година]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на нова општинска зграда на Општина Аеродром е неисполнето ветување на градоначалникот Златко Марин. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020) „Живот во Аеродром! За сите!“ (стр.14).
Изгрaдбата на нова општинска зграда е прв од неколкуте клучни проекти на Марин наведени во неговата изборна програма.
Општина Аеродром е можеби единствената општина во РМ што нема своја општинска зграда. Изградбата на нова општинска зграда е насушна потреба за граѓаните на општината. Капиталната инвестиција ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Општинската зграда, покрај својата основна цел, ќе одговори и на други барања на граѓаните. Во неа ќе има повеќенаменска сала, која ќе се користи за состаноци, но и за венчавање. Пред општинската зграда ќе има мултифункционален плоштад што ќе значи можност за повеќе активности на граѓаните и граѓанските организации.
Изградбата на општинската зграда ќе придонесе за заштеда на средства од општинскиот буџет. Веќе 12 години од парите на граѓаните се издвојуваат секој месец од 6.000 до 8.000 евра на име кирија за изнајмениот простор. Општинската зграда 100 % ќе го задоволи јавниот интерес на граѓаните преку архитектонското решение и содржините планирани во неа, се наведува во програмата.
Најавите за изградба на нова општинска зграда во Аеродром не се нешто ново. Имено, и претходникот на Марин, Ивица Коневски, ветуваше дека општината ќе добие нова зграда. Според изборните проекции на Коневски, проектот требаше да се реализира во 2015 година, но тоа не се случи.
Актуелниот градоначалник Марин, во периодот на изборната кампања го најавуваше овој проект. Критикувајќи го својот противкандидат Ивица Коневски, велеше:
По 12 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, општината сѐ уште нема сопствени простории и администрацијата е принудена да плаќа кирија за општинската зграда.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, една година по власта на Марин, на 18.10.2018 година, обвинија дека тој не реализирал многу од ветувањата, меѓу кои и тоа за изградба на нова општинска зграда.
Со истите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ излегоа и на 19.10.2019 година.
Ново училиште „Димитар Македонски“, нова гимназија во Аеродром, градинки во Мичурин и на ул. „Тодор Чангов“, подобрена инфраструктура, нови паркови и зеленило, нова општинска зграда, мултинаменски културен центар, гасификација, паркинг простори, нова индустриска зона, нова амбуланта во населба Лисиче, затворен зелен пазар, комунален ред и хигиена на европско ниво, можеме да видиме само на хартија. За жал, општина Аеродром е далеку од она што беше ветено“, рече Пане Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистиномер“ се обрати до Општина Аеродром каде прашавме, до каде е изградбата на нова општинска зграда и дали е нешто преземено во врска со тоа. Оттаму кратко ни одговорија:
До никаде. Апсолутно ништо не е преземено по ова прашање. Се уште сме под кирија.
Општина Аеродром од нејзиното основање во 2005 година е сместена во објект под кирија и тоа, во периодот од 2005 до март 2015 во зградата на фирмата „Брилијант“ на улицата Венјамин Манџуковски, а од април 2015 наваму седиштето на Општина Аеродром е на булевар Јане Сандански бр. 109А, во зградата на АД „Скопски пазар“, во близина на ТЦ „Капитол“.
Имајќи го предвид одговорот од Општина Аеродром, како и рокот за реализација на ветувањето наведено во програмата на Златко Марин, 2020 година, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот за изградба на нова општинска зграда е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма на Златко Марин за локалните избори (2017-2020) – „Живот во Ародром! За сите!“ (стр.14) [Пристапено: 22.11.2019]
- Вистиномер (20.10.2016) – Општина Аеродром повеќе од 11 години кираџија [Пристапено: 22.11.2019]
- Макфакс (19.08.2017) – (ВИДЕО) Интервју со Златко Марин, номиниран за кандидат за градоначалник на општина Аеродром [Пристапено: 22.11.2019]
- Курир (18.10.2018) – Митески: Една година откако локалната власт во Аеродром е под раководство на СДСМ и Златко Марин, а разочарувањето на жителите од Аеродром е огромно [Пристапено: 22.11.2019]
- А1 он (19.10.2019) – (ВИДЕО) Антовски: Катастрофата што и се случува на општина Аеродром, има име и презиме Златко Марин [Пристапено: 22.11.2019]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар