Палевски не е наместен од државата, туку првоосомничен за двојното убиство

Фото: Принтскрин ФБ видео

Поради фактот што осомничените соучесници во двете убиства, го посочуваат Палевски како човекот што испукал од пиштолот и во двата случаја, сосема е логично тој да биде првоосомничен за овие кривични дела. Нему му се дадени сите права додека чека во екстрадициски притвор Турција за да биде испорачан во нашата држава. Покрај тоа, обвинителот Гаврил Бубевски наведе дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик како и исказите на осомничените

Поради фактот што осомничените соучесници во двете убиства го посочуваат Палевски како човекот што испукал од пиштолот и во двата случаја, сосема е логично тој да биде првоосомничен за овие кривични дела. Нему му се дадени сите права додека чека во екстрадициски притвор Турција за да биде испорачан во нашата држава. Покрај тоа, обвинителот Гаврил Бубевски наведе дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик, како и исказите на осомничените

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во заробена држава требало да седи Палчо и да докаже правда.

Па дали сте вие нормални, тој што те мести, истиот да ти дели правда.

Во објавата се зборува за првоосомничениот за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, кој моментално се наоѓа во екстрадициски притвор во Баликесир, Турција – Љупчо Палевски Палчо. Според објавата, државата „го наместила“ Палевски за овие убиства за кои е првоосомничен.

Но, Палевски како првоосомничен се води во постапката што ја водат МВР и Јавното Обвинителство, поради тоа што другите лица и негови соучесници, кои биле сведоци на испукувањето на куршумот, го посочиле него како лицето што пукало. И самите тие се осомничени за грабнување и за убиство.

Така што не е државата таа која го „мести“ Палевски, како што лажно се тврди во објавата што ја рецензираме, која има за цел да ја поткопа довербата во институциите во државата, да ги обвини за некаков реваншизам од непознати причини.

Наспроти она што се тврди во објавата „дека Палчо требало да седи во заробена држава за да докаже правда“, доколку биде екстрадиран во државава, Палевски ќе биде на распит пред обвинител и понатаму со него да се спроведуваат различни законски дејствија, зависно од тоа што ќе одлучи Јавното обвинителство.

Како што веќе истакна јавниот обвинител Гаврил  Бубевски, не само вербални искази, туку во предметот има и материјални докази кои укажуваат на сторителите на делата кои сега се осомничени.

 

Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое ви кажав и минатиот пат, а се испитуваат нормално материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Толку, рече Бубевски.

Во секој случај, постои презумпцијата на невиност, благодарение на која секој е невин додека не биде осуден од суд.

За екстрадицијата на Палевски веќе се испратени документи во Турција, согласно процедурата за екстрадиција. Палевски има право на жалба, има право на адвокат, има право на сите постапки, како и сите други државјани на С. Македонија кои се во процес на екстрадиција од Турција (меѓу кои и да побара азил) итн. Оттаму, за него ништо во постапката не се прави поинаку, споредено со другите граѓани.

Доколку Палевски се соочи со судска постапка, тоа ќе го направи во Македонија, а не во Турција. Дури и Турција да не го екстрадира, судската постапка ќе се води во Македонија.

Како што посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, докази против Палевски ќе бидат камерите од Сејф Сити кои се обезбедени.

 Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од „Сејф сити“. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка – дециден е министерот Спасовски.

Емисијата КОД објави дека самото киднапирање се одвивало во предел во влезот на зградата кој не е обезбеден со камери, а под мртов агол за снимање е и просторот надвор пред самиот влез. Но, возилото со кое што постои основано сомнение дека е извршено грабнувањето на Вања Ѓорчевска, може да се види на камерите од Сејф Сити како се движи во непосредна близина на местото каде е на крајот запалено возилото. Исто така, оние коишто ги однеле обвинителите до телото на Вања кое било во дупка, и самите се осомничени. Како тие би го знаеле местото ако претходно не биле таму, со оглед на тоа што се работи за рурална непристапна средина?

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека државата го мести Палевски за убиството на Вања. Причината поради којашто тој е првоосомничен за двојно убиство се искази од сведоци и осомничени соучесници. Исто така, убиството на Вања се случило и во непосредна близина на селото од кое потекнува Палевски. Во интерес на истрагата не се споделуваат бројни детали од обдукциите, ниту пак, што покажаа вештачењата на два пиштоли што беа пронајдени во истрагата. Обвинителството побара и ДНК од Палевски од Турција, со цел да ја спореди со пронајдените траги на местото на злосторството.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција