Подводаџиско новинарство

07242014-Kurir-Monika-crop-resize

[Рецензија: ФОТО: Прилепчанка нуди секс масажа со „хепи-енд“ за 750 денари]

Тоа што го објавува некој медиум, содржините со кои ја исполнува својата форма, го дефинираат профилот на медиумот кој произлегува од уредувачката политика на редакцијата. Каков е профилот на медиумот што ја објавил оваа медиумска содржина што ја рецензираме? Каква уредувачка политика генерира објавување вакви вести?

Читателот на Сервисот за проверка на фактите во медиумите (СПФМ), на чиј предлог ја пишуваме оваа рецензија, вели: „Што е ова? Реклама?“ И, сосема е во право. Што рекламира овој текст, а со ништо не е означено дека се работи за комерцијален оглас? Да не е скриено рекламирање?

07242014-Kurir-MonikaЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Прилепчанка нуди секс масажа со „хепи-енд“ за 750 денари

Датум и време на објавување: 23.07.2014, 10:02

Датум на рецензирање: 24.07.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Инаку, еве и да го исклучиме импресионистичкиот пристап, оној на прв поглед, за оценка на една ваква информација, резултатите од сериозната рецензија на оваа медиумска содржина со методологијата на СПФМ покажува дека таа „паднала“ на дури 4 членови од Кодексот на новинарите. Само две реченици, а 4 прекршувања.

Како прво, прекршен е членот 6, кој ги регулира појавите на натрапничко рекламирање во новинарски текст. Одредбата од Кодексот вели:

„Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист.

Митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија.

Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето.

Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата. “

Понатаму, членот 11 вели дека мора да се почитуваат општо прифатените стандарди на пристојност. Тоа е во есенцијата на новинарскиот израз, зашто медиумите комуницираат со различни категории граѓани. По сите основи, и, оттаму, мора да се „најде најмал заеднички содржател“, кој од јазикот на комуникацијата ќе направи алатка за прифатливо, разумно и целисходно пренесување на пораките. Впрочем еве го членот 11 во целост:

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Кодексот ја негува и културата на говорот, а тој во текстот што го рецензираме е подводаџиски. Тое не е говор на една угледна професија и професионалци.

„Член 15: Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката.

Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“

Дали овој текст и овој медиум го чуваат угледот на професијата како што налага членот 16 од Кодексот:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

Се разбира дека не го чува угледот. Напротив, демонстрира понижувачка позиција и во однос на сопствениот статус, и во однос на читателите, а да не зборуваме за наводната Моника за која останува нејасно дали воопшто дала согласност нејзините активности, ако се вистинити, да се шират низ мејнстрим медиумите.

Уште еден важен податок: Со голема сигурност тврдиме дека фотографиите се лажни, односно, дека се собрани од интернет, зашто со едноставно пребарување на Гугл (Search Google for this Image) доаѓате до истите фотки (овде е втората фотографија, овде е третата, а овде последната, на пример), објавени на различни сајтови за различни потреби и со постар датум. Тотален „фејк“.

Подводаџиско новинарство… И ценовникот го објавиле… Уште ова го не бевме виделе досега!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција