Поголем е ризикот да се добие миокардитис од самиот коронавирус, отколку од вакцините

Фото: Принтскрин видео

Фаучи не признал оти вакцините против ковид предизвикуваат миокардитис, туку напротив вели дека ризикот од вакцината кај младите мажи да добијат миокардитис е многу помал отколку ризикот да добијат миокардитис од коронавирусот. ЦДЦ информира за ретки пријавени случаи на миокардитис, но без некои посериозни здравствени последици. Објавата очигледно има за цел да манипулира со изјавата на Фаучи и да наштети на процесот на вакцинација против ковид

Фаучи не признал оти вакцините против ковид предизвикуваат миокардитис, туку напротив вели дека ризикот од вакцината кај младите мажи да добијат миокардитис е многу помал отколку ризикот да добијат миокардитис од коронавирусот. ЦДЦ информира за ретки пријавени случаи на миокардитис, но без некои посериозни здравствени последици. Објавата очигледно има за цел да манипулира со изјавата на Фаучи и да наштети на процесот на вакцинација против ковид

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека врвниот експерт за инфективни болести во САД, д-р Антони Фаучи признал дека вакцините против ковид предизвикуваат миокардитис.

Фаучи сега признава дека вакцината предизвикува миокардитис. Нешто што ќе ти го бришеа профилот на ФБ ако го кажеше пред една година…, стои во објавата.
Објавата споделува и видео од интервју на Фаучи дадено за Еј-би-си во кое тој говори за новите ажурирани ковид вакцини направени од „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“, како и од „Модерна“, за луѓе од 12 и повеќе години, кои неделава ги одобри Администрација за храна и лекови (ФДА), а Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) официјално препорача нивна широка употреба. ФДА ги одобри вакцините и за итна употреба кај деца од 6 месеци до 11 години.
Во видеото, Фаучи не признава дека ковид вакцините предизвикуваат миокардитис, туку, напротив, вели дека ризикот од вакцината кај младите мажи да добијат миокардитис е многу помал, отколку ризикот да добијат миокардитис од коронавирусот.

Верувам дека оваа вакцина треба да ја примат повозрасните и оние со хронични болести. Но верувам дека треба да им дадеме избор и на луѓето кои не се во ризична група да ја направиме вакцината достапна за нив, бидејќи ние имаме искуство со овој вид вакцина со билиони луѓе. Тоа е истата вакцина. Се разбира, со мРНК има многу, многу, многу, мал ризик особено кај младите мажи, да добијат миокардитис. Но, ако ги погледнете ризиците од миокардитис од ковид вирусот самиот по себе тие се поголеми од ризикот од вакцината, вели Фаучи во интервјуто.

Миокардитис е воспаление на срцевиот мускул. ЦДЦ  на својата официјална веб-страница има објавено дека миокардитис и перикардитис (воспаление на надворешната обвивка на срцето), ретко се пријавени. Кога се пријавени, случаите биле особено кај адолесценти и млади возрасни мажи во рок од неколку дена по вакцинацијата со мРНК вакцината на Фајзер/Бионтек и Модерна.

ЦДЦ продолжува да препорачува сите на возраст од 6 месеци и постари да се вакцинираат за ковид-19. Познатите ризици од болеста ковид-19 и нејзините поврзани, можеби тешки компликации, како што се долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација, па дури и смрт, многу ги надминуваат потенцијалните ризици од ретка несакана реакција на вакцинацијата, вклучително и можниот ризик од миокардитис или перикардитис, пишува ЦДЦ на својата веб-страница.

Што се однесува до вториот дел од тврдењето во објавата дека на Фејсбук пред една година се бришеле објави ако во нив се зборувало за миокардитис, и тоа не е точно. Вистиномер досега во многу наврати има анализирано вакви објави и ниту една од нив не е избришана. Информацијата за постоење редок несакан ефект на миокардитис и перикардитис, после примањето ковид вакцина на „Фајзер“, не е никаква тајна и тоа се јавно достапни информации, односно не се криеле како што сугерира објавата.

Европската Агенција за лекови (ЕМА) уште на 11 јуни 2021 година има јавно информирано дека нејзиниот безбедносен комитет продолжува да разгледува извештаи на миокардитис и перикадитис кај мал број на луѓе коишто ги добиле по вакцинацијата против ковид-19.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД има објавено дека прима и разгледува пријави за ретки случаи на миокардитис и перикардитис после вакцинација со вакцината на Фајзер против ковид-19.

На сајтот на владата на Австралија е наведено дека не сите случаи на миокардитис и перикардитис после вакцината се поврзани со неа, но постои каузална врска во ретки случаи, односно миокардитис и перикардитис се ретки несакани ефекти на вакцината против ковид-19. Сепак, постојат и случаи кога миокардитисот и перикардитисот се појавуваат како резултат на самата инфекција со ковид-19 болеста.

И во Велика Британија се примаат извештаи за несакани ефекти на миокардитис и перикардитис и се анализираат од владино тело. Исто така, обновен е и летокот за упатствата за користење на вакцината, така што на самото упатство на Фајзер, здравствените работници и пациентите се информираат дека редок несакан ефект се миокардитис и перикардитис. Пријавите за миокардитис и перикардитис се многу ретки, а пациентите вообичаено закрепнуваат за кратко време со одмор и стандарден третман.

Од ова можеме да заклучиме дека Фаучи не признал оти вакцините против ковид предизвикуваат миокардитис, туку, напротив, вели дека ризикот од вакцината кај младите мажи да добијат миокардитис е многу помал отколку ризикот да добијат миокардитис од коронавирусот. Постоењето на ретки случаи на појава на миокардитис не се никаква тајна, туку тоа се јавно достапни информации. ЦДЦ информира за ретки пријавени случаи на миокардитис, но без некои посериозни здравствени последици. ЦДЦ и натаму ја препорачува вакцината против ковид како сигурна и помалку ризична по здравјето на луѓето отколку самиот коронавирус. Исто така, во јуни 2021 година ФДА ги има додадено миокардитисот и перикардитисот како ретки несакани ефекти во самото упатство кое доаѓа со вакцината и јавноста беше редовно известувана за следењето на пријавите. Сепак, причината поради која вакцината на „Фајзер“ остана во употреба и покрај сознанијата за каузална врска со појавата на миокардитис и перикардитис е што случаите беа ретки, а ризиците од ковид-19 поголеми, отколку ризиците од вакцината. Исто така, најголемиот дел од пријавите завршуваа со позитивен исход односно пациентите зекрепнуваа брзо и за неколку дена.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција