Предизборна „љубов“ и дарежливост кон пензионерите

Фото: portalb.mk

СДСМ ветува минимална пензија од 20 илјади денари до 2028 година, дополнително и новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата почнувајќи од оваа година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавува по 5 илјади денари линеарно за сите пензионери уште првата година од мандатот. Овие ветувања звучат примамливо, но прашање е дали се реално остварливи. Ваквиот изблик на грижливост кон највозрасните граѓани не е ништо ново и невообичаено пред избори, имајќи предвид дека во државата има над 340.000 пензионери, а нивните гласови се многу битни за освојување на изборната победа на двојните избори – претседателски и парламентарни
 

СДСМ ветува минимална пензија од 20 илјади денари до 2028 година, дополнително и новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата почнувајќи од оваа година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавува по 5 илјади денари линеарно за сите пензионери уште првата година од мандатот. Овие ветувања звучат примамливо, но прашање е дали се реално остварливи. Ваквиот изблик на грижливост кон највозрасните граѓани не е ништо ново и невообичаено пред избори, имајќи предвид дека во државата има над 340.000 пензионери, а нивните гласови се многу битни за освојување на изборната победа на двојните избори – претседателски и парламентарни

 

 

Двете најголеми партии се „потепаа“ за гласовите на пензионерите, па во трката за добивање на нивната поддршка, фрчат најави за покачувaња, бонуси, новогодишни пакети… Во тој дух на грижливост и предизборна „љубов“, СДСМ им ветува: минимална пензија од 20 илјади денари до 2028 година, просечна пензија од 30.000 денари, плус по 100 евра за сите пензионери за Нова година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветува по 5 илјади денари линеарно за сите пензионери уште првата година од мандатот.

 

Наддавање: Кој повеќе ќе почести?

Во очи на официјалниот старт на изборната кампања (за претседателски избори на 4 април за парламентарните на 18 април) главните актери – двете најголеми политички партии, се наддаваат кој повеќе ќе ги почести пензионерите во надеж дека ќе ја добие и нивната поддршка на изборите.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски  изминатиот викенд (23.03.2024) во обраќањето на партискиот Конгрес, претставувајќи ја новата изборна програма им порача на пензионерите:

Во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Плус, од оваа година, па секоја наредна ќе има новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата.

Истото од партијата го кажаа и два дена подоцна (25.03.2024) преку соопштение за јавноста насловено: Нова програма на СДСМ за европска иднина: Просечна пензија од 500 евра!“, во кое уште велат дека:

Повисок животен стандард, европски плати и пензии се еден од клучните столбови на планот за европска иднина на Македонија.

Оттаму се пофалија и дека во изминатите седум години просечната пензија  е зголемена за 6.400 денари, минималната за 50 отсто, а со воспоставената методологија пензиите продолжат континуирано да растат.

На пензионерите се осврна и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој во интервју за „Реално“ за 24инфо.мк, исто така, кажа дека:

Секоја година, според закон има усогласување и зголемување на пензиите. Минималната пензија до 2028 година ќе биде 20 илјади денари, а просечната ќе биде 30 илјади и секоја година ќе добиваат 100 евра, секој пензионер како К-15 или регрес. Ова го темелиме на тоа што сме го виделе за системот да не пропадне.

Битиќи во оваа прилика не пропушти да спомене дека за разлика од ситуацијата до 2016 година сите покачувања се прават без да се креира дефицит на пензискиот фонд.

Забораваме, но во 2016 година кога дојдовме, не зборувавме ние, самите зборуваа дека пензискиот фонд е пред крах. Тоа не го направиме ние, нивното владеење 12 години го направи тоа, вели Битиќи.

Предизборно дарежливи кон пензионерите се и од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски на 24 март, на промоцијата на нивната изборна програма наречена Платформа 1198, им порача на пензионерите да не се грижат и најави дека ќе има:

5.000 денари поголема пензија за сите пензионери во рок од една година од формирањето на новата влада.

При презентација на делот од програмата што се однесува на социјалните политики, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски исто така кажа дека пензионерите ќе бидат меѓу приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој напомена дека откако е министер, за 50 дена поминале 30 градови за да ги слушнат барањата на пензионерите кои на протести ги бараа своите права за повисока пензија, но како што вели, власта немала слух за нивните барања:

Ние бевме првите да ги слушнеме овие граѓани и она што го бараа како прво барање, линеарно покачување од 5.000 денари ќе стане реалност преку нашата програма на ВМРО-ДПМНЕ. 220.000 пензионери, односно две третини живеат со под 20.000 денари пензија, и со ова покачување навистина ќе им дадеме поквалитетен живот.

За вакво линеарно зголемување на сите пензии ВМРО-ДПМНЕ говори и во соопштението од 16 март, во кое ја критикуваат власта дека „поради лошото владеење пензионерите се на работ на егзистенцијата и едвај го поминуваат месецот“:

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголеми линеарно пензиите за 5.000 денари, што е реална помош.

Овие ветувања звучат примамливо, но прашање е како и дали се реално оствариливи. Впрочем, ваквиот изблик на дарежливост кон највозрасните граѓани не е ништо ново и невообичаено пред избори, имајќи предвид дека во државата има над 340.000 пензионери, од кои според МТСП над 60 проценти се со пензии под 20.000 денари и живеат со 13 -14 илјади денари месечно. Нивните гласови, несомнено, се многу битни за освојување на изборната победа на двојните избори – претседателски и парламентарни

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција