Претседателски избори: што за нив дознавме, а што не дознавме од медиумите

Американскиот претседател Џон Кенеди пред општинскиот парламент Schoneberg во Берлин за време на неговиот историски говор во кој ги искажа зборовите „Ich bin ein Berliner“ на 26 јуни 1963 година. Неполни 5 месеци подоцна тој ќе биде жртва на атентат во Далас, Тексас. Фото: jimmerbond
Американскиот претседател Џон Кенеди пред општинскиот парламент Schoneberg во Берлин за време на неговиот историски говор во кој ги искажа зборовите „Ich bin ein Berliner“ на 26 јуни 1963 година. Неполни 5 месеци подоцна тој ќе биде жртва на атентат во Далас, Тексас. Фото: jimmerbond
  • Ниту еден медиум не им понуди на граѓаните анализа, или барем претставување, на надлежностите на Претседателот на државата.

  • Во ниту еден од медиумите не е анализиран изборот на претседател на државата низ призмата на актуелната политичка ситуација во Република Македонија, меѓународниот контекст во кој треба да делува идниот претседател и/или основните предизвици со кои треба да се соочи.

  • Третиот елемент кој медиумите требаше и треба да го адресираат се искуствата од активноста на досегашните претседатели. (…) Само со анализа на направените грешки и научени лекции, може да се напредува и да не се повторат направените пропусти.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Иванов денес треба да ја поднесе својата кандидатура за претседател.

СДСМ ќе го бира својот кандидат за претседател на 4. март.

ДУИ ќе бара Уставни измени за избор на претседател на државата.

ДПА со свој кандидат за Претседател?

Ѓоргe Иванов повторно кандидат за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ негира дека е одлучено Пендаровски да биде кандидат за претседател. Зошто Пендаровски и СДСМ лажат за кандидатурата за претседател?

Претседателски избори: Сите очи свртени кон ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ го бара кртот, ДУИ тактизира, ДПА се мобилизира, а ВМРО-ДПМНЕ го има Иванов!

И така натаму, и така натаму…

 

Во последните месец дена нема ниту еден медиум кој на некаков начин не ги спомна претседателските избори и можните кандидати за претседател на државата.

Прашањето е: дали сите овие написи им помогнаа на граѓаните во изборот на идниот претседател? Дали им понудија информации неопходни за остварувањето на правото на избор? Дали ги поттикнаа политичките субјекти да го понудат најдобриот избор? Дали имаа било какво влијание во креирањето на јавното мислење и создавањето поволна атмосфера за остварување на изборниот процес?

Медиумите прво се впуштија во нагаѓање за тоа кој би можел да биде кандидатот на секоја од политичките партии. Потоа во ширење на претпоставки за позицијата на можните кандидати во нивната политичка партија и можните последици врз партиските сојузи. За да завршат со достигнување на највисоката цел: објавување на имињата на конечните кандидати.

Што недостасува во медиумското известување и анализа?

 

  1. 1.      Анализа на Уставните и законски одредби.

 

Ниту еден медиум не им понуди на граѓаните анализа, или барем претставување, на надлежностите на Претседателот на државата. Голем број граѓани немаат претстава за улогата на претседателот на државата утврдена во Уставот на Република Македонија и конкретизирана во неколку други закони. Тие не ги знаат можностите кои му стојат на располагање да влијае на другите сегменти од власта (Собранието, Владата и судството) и кои го профилираат како еден од контролните механизми во системот на проверка и рамнотежа меѓу нив.

На пример, со ветото на законските текстови кое му стои на располагање или можноста да дава мислења на Собранието. Или со актот на поставување и отповикување на амбасадорите на Македонија, кога влијае на одлуките на извршната власт. Или со предлагањето на двајца судии во Уставниот суд и двајца членови во Републичкиот судски совет, со што влијае на судската власт. Како претседател на Советот за безбедност и како врховен командант на вооружените сили.

Познавањето на овие надлежности треба да им помогне на граѓаните во формирањето на нивните мислења за тоа кој треба да ја врши претседателската функција.

Меѓутоа, истакнувањето на овие надлежност треба да изврши влијание и врз решението на политичките субјекти во изборот на нивните кандидати. Токму медиумите треба да побараат образложение од страна на политичките партии зошто се определиле баш за тој, а не за некој друг кандидат.

На тој начин објаснувањата поврзани со иницијативата за повторно кандидирање на Иванов кои ги пренесуваат дел од медиумите стануваат потполно бесмислени:

Иницијативата тргнува од фактот што актуелниот претседател е најголем поддржувач и чувар на вредностите кои се носечка сила на македонската државност“ (Република)

“”Иванов е семеен човек“ (Вест)

 

  1. 2.      Каков претседател и е потребен на Република Македонија во актуелниот момент?

 

Во ниту еден од медиумите не е анализиран изборот на претседател на државата низ призмата на актуелната политичка ситуација во Република Македонија, меѓународниот контекст во кој треба да делува идниот претседател и/или основните предизвици со кои треба да се соочи.

Ако тргнеме од претпоставката дека секое време бара посебни лидерски карактеристики, многу значаен аспект на изборот на претседател претставува конкретниот збир од предизвици со кои треба да се соочи и справи новиот лидер.

На пример, доколку како приоритет на Македонија се зацртаат такви промени кои ќе доведат до зајакнување/воспоставување на владеењето на правото, тогаш во профилот на посакуваниот претседател можат да се вбројат спремност за воспоставување на систем од правила, процедури и критериуми кои ќе обезбедат ограничување на самовластието и зајакнување на контролната функција на претседателот.

Медиумите пропуштија да направат пресек на политичката реалност во која треба да делува идниот претседател, и врз основа на овој пресек да ги дефинираат посакуваните или потребните карактеристики кои треба да ги водат во процесот на избор како партиите (политичките субјекти), така и граѓаните.

 

  1. 3.      Кои се искуствата од минатото

 

Третиот елемент кој медиумите требаше и треба да го адресираат се искуствата од активноста на досегашните претседатели.

Тука не мислам на пригодните надгробни говори и сентименталното потсетување на починатите претседатели (кои се добри, но не и во функција на претседателските избори), туку на релевантна анализа на нивниот придонес во она што ѝ се случуваше на Македонија. Само со анализа на направените грешки и научени лекции, може да се напредува и да не се повторат направените пропусти.

На новинарите им стојат на располагање статистички податоци, развојни трендови и веќе направени анализи кои можат да ги искористат во поставувањето на врската меѓу конкретен претседател и клучните моменти на промените кои се случуваат.

На пример, дали во текот на мандатот на конкретен претседател тој бил повикан да даде мислење на Собранието или, пак, со него се консултирал премиерот во процесот на градење на политиките. Или, дали во текот на мандатот на конкретен претседател избил конфликт и со кои средства тој се справил со конфликтот, односно, дали и на каков начин бил воспоставен демократскиот поредок после конфликтот.

Само врз основа на една ваква анализа може да се издвојат карактеристики, модели на делување и вредносни системи кои се пожелни или непожелни кај кандидатите за претседател на државата.

Медиумите ни соопштија како ќе не обележуваат, ни кажаа како се подготвува МВР, ни ги покажаа лого на конвенцијата за избор на кандидат за претседател, не држеа во тек со поднесувањето на кандидатурите за претседател, ни ги пренесуваат меѓусебните препукувања на можните кандидати. Меѓутоа, ниту еден медиум не понуди анализа за тоа каков претседател ѝ е потребен на Македонија врз основа на законските надлежности кои ги има, врз основа на актуелната политичка ситуација и врз основа на лекциите научени од мандатите на претходните претседатели.

Ова е прилика кога медиумите можат активно да се вклучат во градењето на демократијата и да понудат суштински параметри за избор на претседател кој ќе овозможи изградба на демократијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција