Пригожин и неговата мистериозна судбина – главен маркер за дезинформации

Путин и Пригожин (десно) од дружба во 2010 г. Фото: Влада на РФ, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Жив е или навистина загинал во авионски пад на 23 август? Ова е главната дилема што се наметнува во јавноста по серијата вести и (дез)информации околу падот на компанискиот авион на Евгениј Пригожин, во кој се наоѓал и самиот во моментот на падот, барем според официјалните списоци и официјалните информации што ги лиферува руската влада. Проблемот е што малку кој верува во информациите од Москва кога станува збор за легендарниот основач на платеничката група Вагнер

Жив е или навистина загинал во авионски пад на 23 август? Ова е главната дилема што се наметнува во јавноста по серијата вести и (дез)информации околу падот на компанискиот авион на Евгениј Пригожин, во кој се наоѓал и самиот во моментот на падот, барем според официјалните списоци и официјалните информации што ги лиферува руската влада. Проблемот е што малку кој верува во информациите од Москва кога станува збор за легендарниот основач на платеничката група Вагнер

 

 

На 23 август во попладневните часови по локално време во Тверската област во Русија помеѓу Москва и Санкт Петерсбург падна патнички деловен авион во кој се наоѓале повеќе високи претставници на платеничката група Вагнер, меѓу кои, како што беше подоцна официјално потврдено и основачот на групата Евгениј Пригожин.

Оваа вест во која за идентитетот на загинатите не може да има потврда од независни извори, го одбележа август како најконтроверзна вест околу која се плетеа безброј шпекулации и дезинфо наративи од повеќе страни, редовно и со голем интензитет пренесувани и од медиумите на македонски јазик. Она што може да се утврдaт како факти за настанот, е дека паднатиот авион од типот „Ембраер Легаси“ навистина бил во сопственост на компанијата што е правно лице на групата Вагнер, потоа дека во него се наоѓале 10 лица од кои тројца биле членови на екипажот и дека до последните 30 секунди авионот не покажувал знаци на нерегуларен лет, а потоа нагло почнал да ја губи висината.

И додека на руската страна ѝ требаа два дена да ја отфрли тезата што се пласираше од разни извори на Запад дека Пригожин е убиен (тоа го стори гласноговорникот на Кремљ Дмитриј Песков), американски воени претставници тврдеа дека веруваат дека Пригожин е убиен, иако немале никаква потврда дека авионот бил соборен со ракета земја-воздух или воздух-воздух.

Германската шефица на дипломатијата, Анелина Бербок уште првиот ден од несреќата побара да не се шпекулира околу смртта на Пригожин, додека Франција уште првиот ден од несреќата соопшти дека има „оправдани сомнежи“ околу падот на авионот. Генерално, ставот на ЕУ беше дека тешко може да се потврдат вестите дека Пригожин е мртов, без оглед што, на пример, британски разузнавачи тврдат дека знаат и кој бил одговорен за саботажата на авионот.

 

Путин изрази сочувство и жалење

Руските официјални власти уште веднаш по несреќата излегоа со детали за тоа чиј авион паднал, со списокот на десетте патници, меѓу кои и Пригожин, како и со детали од тоа што ќе се истражува околу падот на авионот. Рускиот претседател, Владимир Путин не осврнувајќи се на шпекулациите на 24 август, ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите и неколку пригодни зборови околу Пригожин. Два дена подоцна, на 26 август, тој преку декрет побара од платеничките војски, вклучително и од групата Вагнер да се заколнат на верност на Руската федерација.

Дел од шпекулациите што сè уште се јавуваат, се однесуваат и на опцијата Пригожин воопшто да не е мртов, што одговара на наративот од ЕУ од 24 август, дека не може да се потврди таа вест. Па така, на 27 август во медиумскиот простор на македонски јазик беше пренесена веста дека регионален аналитичар од Балканот тврди дека е можно целиот настан да бил сценарио и договор помеѓу Путин и Пригожин за инсценирана смрт. Истиот ден, на 27 август беше објавена анкета спроведена во Русија по порачка на „Сандеј тајмс“, според која само 8 проценти од анкетираните веруваат дека Путин е одговорен за несреќата. Но, тоа што дури 70 отсто го сметаат Пригожин за воeн херој од Украина, јасно укажува на фактот дека дезинформациите поврзани со падот на авионот ќе продолжат и во иднина.

Скриншот од тв снимка од погребот на Пригожин

Затоа, иако медиумите на 29 август јавија дека Пригожин го погребуваат, ќе остане дилема дали е веста вистинита, односно дали погребот е исто така инсцениран, како и присуството на Пригожин во авионот во моментот на падот, како што се шпекулира од различни извори.

A, коренот на дезинформациите поврзани со Евгениј Пригожин лежи во настаните од крајот на јуни, кога за помалку од 24 часа започна и на чуден начин беше завршен бунтот на Пригожин против официјална Москва. Впрочем, доволно е само да се прочитаат шпекулациите и други вести од последниот ден на август за да биде кристално јасно дека (дез)информации околу судбината на Пригожин и понатаму ќе може да се читаат во медиумскиот простор.

 

Интензивирана војната со дроновите

Првиот ден од август започна со напад на украински дронови врз Москва. Всушност во текот на целиот август се интензивираше војната со дронови на двете страни, а месецот така и заврши со напад извршен во северна Русија, врз аеродромот Псков.

Во нападот на почетокот на месецот (01.08.2023), како што се наведува од руски извори, била погодена истата висококатница во која пред два дена, исто така, удрил украински дрон. Според РИА Новости, во зградата која беше нападната, се сместени неколку владини агенции.

Руската против-воздушна одбрана соборила „неколку“ беспилотни летала кои биле насочени кон московскиот регион, изјави градоначалникот на главниот град на Русија, Сергеј Собјанин, пренесe „Гардијан“.

Дронови, ама морски, дејствувале вториот ден од август. Вооружените сили на Украина се обиделе да нападнат руски цивилни транспортни бродови со три чамци без екипаж во југозападниот дел на Црното Море, соопшти руското Министерството за одбрана, пренесува „РИА Новости“.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова на 03.08. 2023 година ваквите напади со дронови ги нарече терористички и дека со тие напади Украина ја компромитира и САД.

Со извршување на терористички напади врз цивилна инфраструктура, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја компромитира Америка и ја уценува Белата куќа со барања за уште поголема „помош“, изјави Захарова.

Повторно истиот речник за терористички напади од страна на Русија беше употребен на 21/22 август кога небото над Москва беше затворено со часови поради нов налет на украински дронови во доцните вечерни и раните утрински часови. Патем, нападите не биле само врз Москва туку и врз руски воени аеродроми, при што е уништен најмалку еден стратешки бомбардер на руското воено воздухопловство.

Во целиот период од август нападите со дронови беа доста чести и карактеристични и за двете завојувани страни. Но, додека руските напади со дронови за Москва беа сосема нормално средство и тактика на војување, секој напад со дронови од страна на украинската армија, било да се работи на територијата на Украина или на руска територија, беше означуван од московските претставници и гласила како „терористички акт“.

Она што е новост, а се случи на 30 август, е дека Русија претрпе напад со дронови во северниот дел од земјата, врз аеродромот Псков во близина на границите со Латвија и Естонија, при што беа оштетени четри големи транспортно-патнички или извидувачки авиони од типот Ил-76. Одговорот на Русија на овој „терористички чин“ на Украина беше жесток комбиниран напад врз Киев (со дронови и со ракети), при што загинаа и неколку цивили.

ИЛ 76 МД. Фото: Vitaly V. Kuzmin, CC BY-SA 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by-sa/4.0>, via Wikimedia Commons

ООН ја повикаа Русија да ги запре нападите врз цивилите

На 19 август медиуми на македонски јазик јавија дека седум лица, вклучително и шестгодишно дете, загинаале кога руски проектил погоди театар во северниот украински град Чернихов, соопштија властите. Меѓу 129-те повредени имало и 15 деца.

До нападот дојде само еден ден откако украински дрон погоди деловна зграда во центарот на Москва, која и овој напад го нарече „терористички“.

Нападите насочени против цивили или цивилни објекти се строго забранети според меѓународното хуманитарно право. Тоа мора да престанеповика хуманитарната координаторка на ОН за Украина, Дениз Браун.

Повеќето вести за овој настан може да се прочитаат на линкот тука.

 

Украина да отстапи територии – „балон“ или не, пак се јави Медведев

Изјава од шефот на Канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен од 15 август, дека Украина би можела да стане членка на НАТО ако се согласи да ѝ отстапи на Русија територии и на тој начин да означи крај на конфликтот, предизвика низа шпекулации и изјави во корист на рускиот дезинфо наратив дека во тој случај би требала да се откаже дури и од главниот град Киев и да го премести во Лавов (став на Дмитриј Медведев). За веста за изјавата од НАТО и реакциите на 16 и 17 август, меѓу кои и дезинфо наративот од Русија, преку Медведев, може да се прочитаат на линковите од македонските медиуми кои се наоѓаат тука.

На 22 август еден од најревносните руски пропагандисти, поранешниот претседател Медведев повторно упати закана кон Европа, овојпат поради најавите на две европски земји дека ќе ѝ испорачаат авиони на Украина од типот Ф 16.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Медведев, ги повика Европејците да не си играат со авиони коментирајќи ја изјавата на германската министерка за надворешни работи, Бербок, која ја нарече одлуката на Холандија и Данска за трансфер на борбените авиони „Ф16“ во Украина „добар ден за Украина и Европа“. Веста со ваквиот руски дезинфо наратив ја пренесоа и повеќе медиуми на македонски јазик.

Другите дезинформации поврзани со агресијата на Русија во Украина, а кои носат руски лажни наративи, но ширени на социјалните мрежи може да се прочитаат во рубриката „Проверка на факти“ на Вистиномер Проверка на факти. Станува збор за дезинформации околу потеклото на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за наводна злоупотреба на сурогат мајките во Украина, за трговија со органи во таа земја, како и за тоа дека промената на календарот на Украинската православна црква, наводно е поврзан со нацистичката идеологија во црквата и државата, итн.

 

БГНЕС и српските и интереси во Северна Македонија

БГНЕС на 27 август објави текст со кој предупредува дека Србија и официјално се вклучила во кампањата околу уставните измени во Македонија. Повод за таквиот текст се два медиумски продукта претходно објавени во Србија, односно прилог и текст на српскиот јавен сервис РТС и потоа реобјавен во белградска Политика, за кои БГНЕС тврди дека се официјални гласила на српската државна политика.

Текстот беше опширно пренесен во медиумскиот простор на македонски јазик, а карактеристиката е во тоа што претходно немаше вести за оригиналните објави во РТС, а потоа и во Политика, од оние македонски медиуми што имаат дописници во Белград. Што значи за српско, малигно медиумско внимание, во овој случај, јавноста дознава преку бугарски медиум.

Ден претходно БГНЕС објавува интервју со историчарот и како што го нарекуваат меѓународен аналитичар Кирил Илиев, под наслов: „Бугарија треба да се обедини со Западот против српската агресија на Балканот“, каде што исто така се споменуваат српските интереси на целиот Балкан.

Скриншот од интервјуто на Илиев за БГНЕС

Според Илиев, Србија сакала да го дестабилизира Балканот и да ја отстрани секоја можност државите да ги нормализираат односите, а тоа особено се гледало во контекст на бугарско-македонските односи. Во врска со политиките во С. Македонија, Илиев смета дека политичарите се покажале кратковиди и гледале на работите само од контекст на избори. Ваквите ставови на Илиев беа пренесени од само два медиума во С. Македонија

 

Ковачевски – Курти, остра дискусија или блеф на Вучиќ?

Цитирајќи изјава на српскиот претседател, Александар Вучиќ дадена на 22 август, по неформалниот состанок/вечера во Атина на лидерите од земјите од Западен Балкан и претставници на ЕУ, а по повод 20 година од Агендата од Солун за Западен Балкан, медиуми на македонски јазик на 23 и 24 август објавија дека имало некаков вид кавга или дијалог на повисок тон од страна на македонскиот премиер, Димитар Ковачевски кон косовскиот премиер, Албин Курти. Повод за тоа било однесувањето на Курти за време на неговата неофицијална посета на Скопје и Тетово, каде домаќини му беа градоначалниците на Тетово и Чаир и лидери на други поголеми или помали албански опозициски партии.

Каков разговор имале Ковачевски и Курти. Фото: Влада на РСМ/веб

Ковачевски не го демантираше тоа, ама ниту го потврди, изјавувајќи дека се работи за нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави, со коишто имаме одлични врски и каде динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на нивна интеграција во ЕУ. Така што, на крајот остана нејасно дали настан од таков тип навистина се случил или српскиот претседател, кој во исто време очигледно разговарал и со Ковачевски во врска со спорна изјава на српскиот министер за одбрана, малку го „исфилувал“ разговорот Ковачевски-Курти.

Во секој случај, оваа изјава на Вучиќ која нашироко ја пренесоа и српските и македонските медиуми, предизвика лавина реакции и дезинформации, со кои само дел од медиумите на македонски јазик се занимаваа во анализи, како што е Дојче Веле, на пример.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција