Бунтот на Пригожин и уривањето на Каховка, главни теми за дезинформации во јуни

Три настани беа извориште на информациите и дезинформациите од странски извори во земјава – уривањето на браната Каховка во Украина, бунтот на Пригожин и неговата платеничка група Вагнер и вистинската економска моќ на Русија и влијанието на западните санкции. Тука се проанализирани овие три настани, но и доминантни домашни теми кои предизвикаа дезинформациски наративи во медиумскиот простор на македонски јазик, како што беше протестот на МПЦ-ОА за родовите политики, теми за промена на уставот и за корупцијата

Три настани беа извориште на информациите и дезинформациите од странски извори во земјава – уривањето на браната Каховка во Украина, бунтот на Пригожин и неговата платеничка група Вагнер и вистинската економска моќ на Русија и влијанието на западните санкции. Тука се проанализирани овие три настани, но и доминантни домашни теми кои предизвикаа дезинформациски наративи во медиумскиот простор на македонски јазик, како што беше протестот на МПЦ-ОА за родовите политики, теми за промена на уставот и за корупцијата

 

 

Преку дводневна драма и десетдневна неизвесност исполнета со информации и дезинформации Русија го потресе светот со бунтот на платеничката група Вагнер, која на 24.06. 2023 г. тргна со илјадници борци и воена опрема кон Москва, за по неколку дена голем дел од групата да заврши во Белорусија.

Откако на 22 и 23 јуни лидерот на групата и нејзин основач Евгениј Пригожин ги обвини руските воени сили дека ракетирале негови единици во Украина, во вечерните часови тој се упати преку границата и со своите сили без истрелан куршум, како што истакнуваше и самиот, го зазеде аеродромот и центарот на Ростов на Дон, вклучувајќи го и командниот центар на руските сили во Украина. За ова македонските медиуми објавија со назнака дека во Русија се случува хаос.

По кусата пауза во Ростов на Дон, Пригожин на 24 јуни се упати кон Вороњеж, каде што имало и според руските официјални извори, престрелки со руските сили, при што загинаa неколку пилоти на руски борбени хеликоптери и еден пилот на воен авион. Во истиот период во Москва беа воведени антитерористички мерки во целиот град, а на автопатот што води кон Москва беа поставени пречки и ископани ровови, за што македонскиот медиумски простор беше преполн со вести. Истиот ден во претпладневните часови рускиот претседател Владимир Путин имаше пет минутно обраќање до нацијата, во кое бунтот на Пригожин го опиша „како заривање нож во грб на татковината во најтешките моменти и дека бунтовниците ќе бидат најстрого казнети“.

Во тие драматични моменти никој не очекуваше дека целата работа со бунтот ќе заврши до доцните вечерни часови на 24 јуни, кога од повеќе извори – од официјална Москва, од Белорусија и од самиот Пригожин, беше потврдено дека е постигнат договор тој со неговите трупи да се повлече во Белорусија и да не учествува во натамошни воени операции во Украина, а со опција оние што не сториле злосторства против руските војници да се вратат во Русија или да потпишат договор со Министерството за одбрана на РФ, бидејќи нема да бидат гонети. Сите овие детали беа пренесени и во македонскиот медиумски простор делумно на 24, но главните информации беа на 25 јуни.

Медиумите беа и се преполни со информации дека Пригожин навистина отишол во Белорусија, дека во една воена база на 200 км од границата со Украина се гради камп за неколку илјади војници, но дезинформациска дилема е што ќе прават таму и што навистина се случуваше тие три дена од 22-24.06.2023 година.  Дали бунтот беше реален или инсцениран,  и ако бил – со која намера тоа било сторено.

Притоа, може да се прочитаат (дез)информации дека бил реален, со теза дека причината за бунтот била таа што Пригожин се уплашил за неговата моќ, откако Москва соопшти дека сите „вагнеровци“ доколку сакаат да продолжат да се борат ќе треба да потпишат договор со Министерството за одбрана од 01.07.2023 г. Но, во исто време можеа да се сретнат (дез)информации дека бил инсцениран со цел Путин да расчисти со дел од воениот врв кој не го смета за лојален, теза која може да се поткрепи со вестите околу непознатата судбина на рускиот генерал, Сергеј Суровикин.

И третата опција е чисто воено – тактичка и оние што зборуваат за нејзе наведуваат дека целиот бунт бил инсцениран со крајна цел групата Вагнер да се префрли во Украина, па оттаму во иднина да го загрози Киев со брз продор од север. Оваа опција уште во првите денови ја посочија како можна повеќе извори. На пример, беше пренесен и ставот на поранешен генерал на британската армија, во која тој зборува за можноста Пригожин да дејствува врз Украина од територијата на Белорусија, доколку му останале верни поголем дел од трупите (околу 25.000 платеници). Анализата е на генерал Ричард Данат, објавена во Скај Њуз .  Истиот медиум објави и колумна на Дијана Магнеј, дописничка на медиумот од Русија, во која се наведува дека можеби станува збор за државен план на Кремљ да се залаже западната јавност и воените аналитичари, бидејќи е нејасно како по говорот на Путин дека најстрого ќе ги казни оние што ѝ зарија нож на Русија во најтешки моменти, по неколку часа можат да бидат амнестирани. И овој став беше пренесен во дел од македонските медиуми.  За оваа опција македонскиот бригаден генерал Методи Хаџи Јанев,  во изјава за Слободен печат во рамките на анализата што ја правел медиумот за настаните, вели дека ако се случи тогаш „најверојатно ќе биде еден од маневрите кој допрва ќе се изучува како дел од големата игра на манипулации и измами со цел да се постигне стратешко изненадување“.

Впрочем, конфузијата околу целиот настан и можноста од третото сценарио продолжуваат, па така и на 30.06.2023 г. британскиот Телеграф сè уште ја разработува таа опција, а написот беше пренесен во дел од македонските медиуми. Исто како и информацијата од истиот ден дека белорускиот претседател Александар Лукашенко ги поканил „вагнеровци“ да ја обучуваат белоруската армија… А, дека хаосот со информациите и дезинформациите околу целиот настан продолжува, може да се види и од кластерот вести на Тајм мк од 30 и 01.07.2023, каде може да се сретнат и информации од украински извори дека Путин наредил Пригожин да биде убиен.

 

Кој ја урна Каховка?

Ноќта на 06.06.2023 г. беше разнесен голем дел од огромната брана на Дњепар во близина на Нова Каховка во јужна Украина, со што војната во Украина доби нова, досега невидена форма која вклучува екоцид, т.е. еколошка катастрофа, а и двете страни и Русија и Украина тврдат дека тоа го сторила спротивната страна.

Фото: Укринформ

Додека првиот ден од катастрофата повеќе се посветуваше внимание на обвинувањата и на можните проценки, веќе на 7 јуни утврдената штета доби конкретни бројки. Па така, украинската влада, како што пренесува ДВ на македонски, прецизираше дека на над 80 места им се закануваат поплави и дека се загрозени од поплави околу 42 илјади луѓе. Освен ова, ДВ ги пренесува деталите од проценката на надлежната украинска компанија, според која браната не може да се обнови и да функционира поради степенот на разурнувањето:

Уништени се 16 прeградни порти, зградата на хидроцентралата и браната помеѓу зграда на централата и преградата. Електраната не може да се обновиизјави за ДВ, Ихор Сирота, директор на акционерското друштво Укрхидроенерго, кое е сопственик на хидроцентралата.

Повеќе за првичните реaкции околу настанот може да се прочита во збирната информација на „Вистиномер“ објавена на 07.07.2023 година.

На 09.06.2023 г. службата за безбедност на Украина соопшти дека поседува телефонски разговор со кој се докажува дека руска диверзантска група ја разнела браната. Телефонскиот разговор, кој Украина тврди дека го поседува, наводно се одвива меѓу двајца војници кои на руски јазик разговараат за последиците од уривањето на браната.

Тие (Украинците) не го погодија. Тоа беше нашата диверзантска група. Сакаа да ги исплашат луѓето со браната, но тоа не одеше според планот – направија повеќе од она што планираа“, цитиран е од Службата едниот од соговорниците, додека другиот изразил изненадување.

Други детали не навеле од украинската безбедносна служба. Веста преку Ројтерс ја објавија голем дел од македонските медиуми, а тука ја користиме верзијата на 360 Степени.

На 13.06.2023 рускиот претседател Владимир Путин на средба со воените дописници и известувачи, зборувајќи за, како што тврди, неуспехот и огромните загуби што ги трпат украинските оружени сили во рамки на контраофанзивата што почна викендот на 10/11 јуни, го спомена и инцидентот со разурнувањето на браната Каховка. Како што пренесоа дел од македонските медиуми, тој тврдел дека нема логика тоа да го сториле руските единици, затоа што штетата што е нанесена е најголема во рамки на територии што ги контролираат руските воени и цивилни власти, истовремено посочувајќи ги придобивките за украинските воени сили.

Истиот ден „Вистиномер“ објави уште една анализа на повеќе информации, од кои е очигледно дека нема докази, ниту логика Украина да ја кренала во воздух браната. Анализата на „Вистиномер“ можете да ја прочитата на линкот тука.

Конечно, на 18/19 јуни „Њујорк Тајмс“ излезе со текст со тврдење дека Русија е виновна за уривањето на браната Каховка. Весникот се повикува на експерти кои тврдат дека уривањето е на делот што го контролираат Руси и дека само со експлозив однатре во самата брана можело да се нанесе толкава штета. Овие информации беа широко пренесени во македонскиот медиумски простор.

Фото: Скриншот од годишниот аутлук на ММФ

Кога и дали Русија повторно се врати меѓу 10-те најсилни економии?

Уште еден руски дезинформациски наратив беше регистриран во медиумскиот простор во јуни, а е поврзан со руската економска моќ и ефектот од западните санкции врз Русија. Голем дел од македонските медиуми посебно во онлајн просторот објавија информација дека Русија по неколку годишна пауза се вратила меѓу десетте најмоќни економии во светот, остварувајќи БДП за 2022 година од околу 2,2 трилиони долари. Оваа информација поврзана за руската економија, за која патем, Путин на форумот во Санкт Петерсбург ја оцени како економија на која многу добро ѝ оди, има два аспекта.

Првиот е манипулација со информацијата што беше извршена врз македонските медиуми, кои ја објавија преземајќи ја од српските и црногорските медиуми без проверка. Имено, во вестите што се нижеа на македонските портали на 10,11 и 12 јуни ретко имаше извор. Но, по проверка на податоците „Вистиномер“ утврди дека македонската јавност, преку преземена вест од српски медиуми („Политика“ е изворот), за оваа „новина“ е известена еден месец подоцна од оригиналната објава на РИА Новости. Вториот аспект е дали е вистинита и оригиналната информација објавена од РИА Новости, или е само полуинформација, дезинформациски руски наратив изграден врз очекувања, а не врз конечни бројки за обемот на остварениот БДП за 2022 година.

„Вистиномер“ во текст со наслов „Кога и дали Русија се врати меѓу десетте најголеми економии во светот“ ги анализираше двата аспекта на овие манипулативни техники и дезинфо наратив.

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Дезинформациите на МПЦ во врска со родовите прашања

На 29.06  во организација и на повик на МПЦ-ОА пред Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје се одржа голем протестен собир против предлог законите за родов идентитет и за матична евиденција, со силен шмек на конзервативизам, со повици за борба против поредокот и со црковни и македонски знамиња, при што беа забележени и неколку руски знамиња, за што известуваше и новинската агенција Мета.мк.

Протестниот собир на којшто зборуваше поглаварот на црквата, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, беше завршна манифестација на неколкудневната војна со информации и дезинформации, претежно од Црквата, во врска со овие два закона со кои треба да се унапредат правата на жените и да им се овозможи на лицата што имаат проблеми при нивното родово идентификување во државата да ги надминат тие проблеми (промена на пол и без каква било физичка трансформација, право на здравствена заштита и серија други човекови права).

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Дезинформациите што беа искажани и при најавата на протестот од поглаварот и од епископот Стобиски г. Јаков кој се претстави како гласноговорник на ваквата политика, продолжија и за време на одржување на самиот протест, со реторика дека црквата бара заштита за 99 отсто од луѓето за кои законите биле неприфатливи. Говорејќи на протестот, архиепископот  назначи дека „законите се несреќни“, а Црквата „ќе ги брани децата (и жените) од неприфатливи и нагрдувачки идеологии“:

Жената во учењето и животот на црквата не само што не е немоќна, туку напротив, токму таа во своите кревки мајчински раце, го држи оној, што ја одржува во постоење сета вселена, семоќниот Бог… Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на црквата, а ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот. И токму на тој начин му даваат легитимент на насилството врз жената. Жените во Македонија, верувам, не сакаат таква лажна еднаквост и такви лажни права. Не сакаат да бидат ослободувани од цркавата, оти токму во цркавата ја живеат својата вистинска слобода, изјави г.г. Стефан, пренесува 360 Степени.

Повеќе информации за целиот настан и за дезинформациите искажани во врска со темата може да се најдат на линкот на агрегирани вести од Тајм.мк, а на линкот од веста со фото галеријата на 360 Степени може да се забележи и кој сè од политичарите или други јавни личности присуствуваа на собирот.

Јасен знак дека станува збор за дезинформации од страна на Црквата даде и министерката за труд и социјална политика под чиј ресор се наоѓаат двата закона, Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденцијата. Министерката Јована Тренчевска јасно посочи дека првиот закон кој сè уште не е ниту во владина, ниту во собраниска процедура – онака како што тврдат од МПЦ – и се однесува на унапредување на улогата на жената во општеството. Додека, пак, со вториот закон за матична евиденција се предвидува промена на полот по однос на искажано чувство на поединецот, кој со тоа би стекнал право и да го смени обележувањето во матичната евиденција

Како борец за човекови права, не можам да кажам дека протест не смее да се одржува. Протестот е легитимно право на секој, но легитимно право е и да биде кажана вистината за двата закони, и за дефинициите и за механизмите. Протест може и по Устав и по закон да организира секој во државата, рече Тренчевска.

Поимот род и пол не е исто што и родов идентитет. Тое се дефинирани согласно постојната законска регулатива во државата и согласно она што државата го презела како обврска од Истанбулската конвенција, идентични се дефинициите во Предлог законот за родова еднаквост со Законот за заштита и спречување од насилство врз жените, правна несигурност во државата ќе постои ако имаме различни дефиниции во различни закони, додаде Тренчевска.

Дека МПЦ шири дезинформации ден претходно се изјасни и активистката за човекови права Ирена Цветковиќ, која ја истакна разликата помеѓу двата закона и текот на процедурата во која се наоѓаат, во колумна со наслов МПЦ – извинете што постоиме.

И „Вистиномер“ во својот контраспин со наслов „Окови, линч и тоталитаризам има само во перцепцијата на епископот Јаков Стобиски“, ја акцентираше дезинформациската тактика на МПЦ-ОА или на нејзини претставници, при што беше појаснето зошто изјавата на епископот во врска со улогата на граѓанските организации, коишто ги нарече платеници, е дезинформација и спин.

 

(Дез)информациите во врска со германската поддршка за македонскиот идентитет

На 15.06.2023 во доцните вечерни часови, Германија ја презентираше резолуцијата за поддршка на македонскиот јазик и идентитет, што беше усвоена во Бундестагот по барање на владата во Берлин.

Ова предизвика серија изјави од политичарите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои се обидоа да го минимизираат значењето на резолуцијата, наведувајќи дека тоа не се тој тип гаранции што ги очекувале од партијата за да се согласат со уставните измени. Два дена подоцна се консолидираа во ставовите, па изјавите ги започнуваа со поздравување на одлуката на германската влада и собрание, по што додаваа едно НО,…

Дури и по официјалната посетата на Берлин на премиерот Димитар Ковачевски што уследи при крајот на јуни, при што на прес-конференцијата пред започнување на разговорите германскиот канцелар, Олаф Шолц рече дека, според него не би требало да има други билатерални условувања на европскиот пат на Македонија и дека такво нешто не било зборувано, ниту договорано претходно на Европскиот Совет, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше протолкувано како недоволна гаранција, лош превод на македонски, неразбран Шолц и слични забелешки. Ова предизвика реакција од страна на СДСМ од каде изјавија дека само ВМРО-ДПМНЕ не се задоволни од политичките уверувања на официјална Германија. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, бугарските медиуми како што беше пренесено во медиумскиот простор во Македонија, едногласно го пренеле Шолц со констатација дека Бугарија нема да смее да става нови билатерални пречки при европскиот напредок на Скопје. Сите вести поврзани со ова може да се прочитаат агрегирани на страниците на Тајм.мк.

Б. Ивановска и А. Груби
Фото: Колаж на Мета.мк

Дезинформациски наратив за ДКСК по повод внукот на Али Ахмети

На крај бележиме уште една крупна дезинформација поврзана во морето информации и дезинформации околу темата како Дрин Ахмети, внукот од брат на лидерот на ДУИ Али Ахмети,  станал сопственик на 39 отсто од трговскиот комплекс Соравија.

Станува збор за вест којашто се надоврза набрзо по ставањето на американската „црна листа“ на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, којшто исто така самиот по себе беше извор на бројни информации и по некоја дезинформација. Така што, од ДУИ по првичниот молк се очекуваше реакција, а особено откако излезе информацијата за внукот на Ахмети. Првиот вицепремиер Артан Груби, излезе со став дека нема корупција во ДУИ и како пример се наведе самиот себеси и проверката што ја правела Државната корупција за спречување на корупција, при што изнесе дезинформација околу капацитетноста на институцијата:

Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ. Огромно мнозинство од случаевите се или изгубени по административни постапки или отфрлени од судиите и се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен…Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките, рече Груби

„Вистиномер“ со контраспин со наслов „Како Груби виде „угледни“ во ДУИ а „некадарни“ во ДКСК веднаш го разобличи и овој дезинформациски наратив од ДУИ, изразен преку конкретниот спин на Груби. „Вистиномер“ и во текот на јуни работеше на разобличување и на други дезинформации или дезинформациски наративи во своите редовни рубрики, посебно во рубриките Проверка на факти и Контраспин.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција