Приведувањата на онкологија немаат никаква врска со новиот министер за внатрешни работи

Фото: portalb.mk

При претресите и приведувањата на Клиниката за онкологија, полицијата постапувала по наредба на јавен обвинител, а не по наредба на министерот за внатрешни работи. Впрочем и самиот министер Тошковски во изјава за Сител рече дека МВР постапувало по наредба на Основното јавно обвинителство и дека надлежноста за целиот процес е на ОЈО

При претресите и приведувањата на Клиниката за онкологија, полицијата постапувала по наредба на јавен обвинител, а не по наредба на министерот за внатрешни работи. Впрочем и самиот министер Тошковски во изјава за Сител рече дека МВР постапувало по наредба на Основното јавно обвинителство и дека надлежноста за целиот процес е на ОЈО

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека новиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, на првиот ден од својата работа почнал голема полициска акција за апсење на Клиниката за онкологија.

ПРВ ДЕН НОВ МИНИСТЕР И МАСОВНИ АПСЕЊА!!!!
ИМА РАЗЛИКА!!!!!
Еден по еден сите ќе излезете пред лицето на правдата…….јавно со име и презиме не да ве кријат…..Џелати!!!!, стои во објавата.

Ваквата манипулативна објава е доста раширена на социјалната мрежа Фејсбук и ваквиот наратив прави херој од новоименуваниот министер за внатрешни работи, иако тој нема никаква врска со акцијата за приведување на осомничени во врска со случајот на Онкологија.

Имено, на 30 јануари беа извршени претреси на повеќе локации во објекти на лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со случајот „Онкологија“. Од Основното јавно обвинителство, за „360 степени“ изјавиле дека се преземале дејствија по наредба на јавен обвинител. Оттаму информирале дека биле извршени претреси на три локации и биле задржани четири лица.

Значи, приведувањата биле по наредба на јавен обвинител, а МВР само постапувало по таа наредба, а не по наредба на министерот за внатрешни работи, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме.

Имено, и самиот министер за внатрешни работи во своето гостување во Тема на денот на Сител телевизија на 31 јануари 2024 година, изјави дека МВР постапува по наредба на Основното јавно обвинителство, дека се преземаат сите мерки кои што треба да се преземат, а надлежноста за целиот процес е на ОЈО.

Сепак, јас настапувам од позиција на министер за внатрешни работи. Шеф на целокупниот процес е ОЈО. Излегоа, дадоа соопштение, тоа е се што можам да кажам во делот на самиот процес. Единствено што сакам да напоменам е да им се извинам на граѓаните на Република Македонија по втор пат денеска, особено на оние кои што директно биле засегнати со проблемот со Онкологија, во однос на семејствата чии блиски настрадале, на нивните блиски, пријатели и т.н. Никој не заслужува на ваков начин да биде злоупотребен, рече Тошковски.

Изјавата на Тошковски може да се слушне во видеото на Јутјуб од 12:15 минута до 13:26 минута.

Од сето ова можеме да заклучиме дека министерот за вантрешни работи немал никаква врска со претресите и приведувањата на Клиниката за онкологија. Полицијата постапувала по наредба на јавен обвинител, а не по наредба на министерот. Обвинителството отвори предистражна постапка за овој случај лани во септември и оттогаш прибира докази, а со споменатите приведувања Обвинителството отвори и истрага во која осомничени се двајца директори и тројца лекари. Впрочем и самиот Тошковски во изјава за Сител рече дека МВР постапувало по наредба на Основното јавно обвинителство и дека надлежноста за целиот процес е на ОЈО. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција