Пропагандно видео за да се оцрни Бајден, а да се глорифицира Путин

Двата контекста во кои Бајден и Путин се сретнаа со децата на кои им се обраќаат, се различни. Во случајот со Путин може да се види дека станува збор за однапред договорено интервју и средба, со оглед на тоа што камерите на видеото се веќе поставени, а тој се однесува согласно ситуацијата којашто е сценирана. Видеото од Бајден, од друга страна e спонтано, снимено од мобилен телефон и Бајден  не му кажува непристојни зборови на детето, како што оваа објава сака тоа да го прикаже

Двата контекста во кои Бајден и Путин се сретнаа со децата на кои им се обраќаат, се различни. Во случајот со Путин може да се види дека станува збор за однапред договорено интервју и средба, со оглед на тоа што камерите на видеото се веќе поставени, а тој се однесува согласно ситуацијата којашто е инсценирана. Видеото од Бајден, од друга страна e спонтано, снимено од мобилен телефон и Бајден не му кажува непристојни зборови на детето, како што оваа објава сака тоа да го прикаже

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се споделува видео на кое наводно се наоѓа претседателот на САД, Џо Бајден и според видеото, односно според неговиот превод, тој му шепоти несоодветни зборови на некое дете при случајна средба. Видеото потоа е надополнето со видеоинсерти од претседателот на Русија, Владимир Путин, кој се среќава со едно девојче и тој е претставен како се однесува заштитнички кон неа – татковски. Во објавата што ја рецензираме се вели:

Има ли разлика?

Ваквата споредба е со цел да се пренесе пропагандна порака до јавноста дека претседателот на САД е педофил, перверзен и непристоен, а претседателот на Русија е поддржувач и олицетворение на семејни вредности, татковска фигура и пристоен човек. Овој наратив се провлекува на социјалните мрежи од почетокот на руската инвазија врз Украина, кога се проширија и пропагандни пораки дека Русија е заштитничка на семејните вредности и традиционалното семејство, како и на христијанската православна религија, а Западот, наводно е промотор на растурање на тие вредности и поттикнувач на комплетна девастација на религиозните и семејните вредности.

Но, како што напоменавме, станува збор за пропаганда, чија намера и цел е да се оцрни Западот и претседателот Бајден како негов претставник (симплифицирана претстава лесна за пласирање кај широките народни маси) наспроти Русија. Слични примери Вистиномер веќе разгледуваше и рецензираше овде.

Во првиот дел од видеото во објавата што ја рецензираме, се слуша наводно Џо Бајден како изговара:

Ти си едно секси дете не ѝ кажувај на мајка ти дека ти го реков тоа.

Гласот кој изговара „ти си едно секси дете” не е гласот на Бајден. Ова видео е изменето, односно гласот е додаден, Бајден нема изговорено такви непристојни зборови при случајна средба со детето.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, клипот со Бајден како му шепоти на детето непристојни зборови е дигитално изменет. Оригиналното видео од средбата е објавено од страна на мајката на детето овде и на него не може да се слушне дека Бајден споменал „секси дете”.

Мајката на детето за Ројтерс изјавила дека на интернет кружат и графички изменети видеа каде лажно се претставува дека Бајден го мириса нејзиното дете, што, исто така, не се случило. На 9 јуни Бајден имаше настан во Форт Либерти, Северна Каролина, посветен на подобрување на можностите за сопругите и сопрузите на припадниците на армијата и оригиналното видео е снимено на тој настан.

Путин, пак, е снимен  во 2018 година со девојката која се појавува во вториот дел од видеото во објавата што ја рецензираме. Станува збор за 17 годишната Реџина Парпиева која има слепило, а од телевизиската екипа на РТ наводно побарала како нејзина желба, да го запознае претседателот на Русија и да му направи интервју, односно да ја оствари својата желба да биде новинарка, барем на еден ден. Инсертите искористени во видеото од објавата се од оваа средба од 2018 а која е објавена на РТ.

Двата контекста во кои Бајден и Путин се сретнаа со децата на кои им се обраќаат, се различни.

Во случајот со Путин, може да се види дека станува збор за однапред договорено интервју и средба, со оглед на тоа што камерите на видеото се веќе поставени. Путин се однесува согласно ситуацијата којашто е однапред сценирана.

Видеото од Бајден, од друга страна е спонтано снимено од мобилен телефон и Бајден не му кажува непристојни зборови на детето, како што пропагандата сака тоа да го прикаже.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме видеото е дигитално изменето за да се додадат неприкладни/непристојни зборови и на таков начин да се оцрни Западот наспрема Русија, со веќе познатиот пропаганден наратив дека Западот е приврзаник на декаденцијата, а Русија на фамилијарните вредности. За да се направи оваа манипулација, злоупотребено е видеото, со графичко менување. Објавата ја оценуваме како неистинита, заради манипулативно изменетата видео содржина.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција