Пругата Битола – Кременица стаса само до првиот километар
ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛНИЦАТА БИТОЛА-КРЕМЕНИЦА КАКО ДЕЛ ОД КРАКОТ 10 Д ОД КОРИДОРОТ 10 И ИЗГРАДБА СО КРАК КОН ИНДУСТРИСКА ЗОНА ЖАБЕНИ
Со овој проект се предвидува пругата од Битола до Кременица (граница со Република Грција) во должина од 16 километри да се направи оперативна со што ќе се придонесе за подобрување на можностите за транспорт и превоз помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со реализацијата на овој проект се овозможува и железничко поврзување на индустриската зона Жабени, во близина на Меџитлија, Битола. Со изградба на крак од околу 1,5 километри ќе се овозможи поврзување на зоната со останатата железничка инфраструктура во државата, а по реализација на проектот Битола-Кременица и железничко поврзување на зоната Жабени со северниот дел на Република Грција. Со тоа ќе се направи Коридорот 10д да биде оперативен Пан-европски коридор, а не национална железничка линија која завршува во Битола, туку продолжува и се поврзува понатаму на кракот на Пан-европскиот Коридор 4 кој ги поврзува Грција и Турција и завршува на пристаништето Игуменица. Проектот ќе се финансира со ИПА средства. (Буџет: проценета вредност 20 милиони евра, РОК: 2015-2017 ГОДИНА)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во текот на оваа година ќе започнат градежните работи. Постапката за надзор е објавена, целокупната тендерска документација за градежни работи е одобрена од страна на Европската делегација, очекуваме во текот на април да биде објавена. Периодот за пријавување на компаниите е 90 дена. Оваа година ќе случиме договори и ќе започнеме со градежните работи, изјави Јанакиески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Бутел.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на битолското село Новаци истакна дека железничката пруга од Битола до Кременица интензивно се реконструира. Според неговите зборови, реконструктивниот зафат треба да се комплетира навреме, поради тоа што на самата траса се работело ефективно. Во изминативе девет месеци, изведувачот ја отстрани досегашната нефункционална пруга во должина од 17 километри, но започна и со рехабилитација на дел од мостовите и реализира дел од земјените работи за изведба на долниот строј од новата едноколосечна пруга. Инфраструктурниот проект вреден 19,9 милиони евра треба да се комплетира најдоцна до 30 јули 2016 година.
На 31 август годинава, телевизијата Алсат М известува дека не се работи на трасата, а од вкупната должина од 17 километри, прагови и шини има само на првиот километар од битолската Железничка станица во правец кон Кременица. Тампонирана со крупен чакал, пак, идната пруга е само во должина од еден километар од прекинот на шините а потоа завршува „трагата“.
На пробивањето на рокот од тендерот укажува и Благој Бочварски на партиска прес-конференција на СДСМ на 27 септември годинава, на која потенцира дека рокот е истечен, работите се во прекин, а дотогашната реализација изнесува 30 отсто.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014-2016 – „Проверено“ (стр. 68 ) [Пристапено: 28.09.2016]
- (31.03.2014) Дума – Годинава отпочнува обновата на пругата Битола – Кременица [Пристапено: 28.09.2016]
- (15.04.2014) Билд – ЕУ објави тендер за рехабилитација на пругата Битола – Кременица, ќе се гради и станица кај Жабени [Пристапено: 28.09.2016]
- (20.12.2014) Билд – Бугарски конзорциум ќе ја реконструира пругата Битола – Кременица [Пристапено: 28.09.2016]
- (21.03.2015) Лидер – Следува инвестиција во пругата Битола-Кременица и на железничката станица во Битола [Пристапено: 28.09.2016]
- (22.06.2016) МРТ – Поставени првите прагови и шини на новата пруга Битола- Кременица [Пристапено: 28.09.2016]
- (22.08.2016) Орбис – Многу пари, малку проекти [Пристапено: 28.09.2016]
- (04.11.2015) Билд – Пругата од Битола кон грчката граница ќе се заврши во предвидениот рок [Пристапено: 28.09.2016]
- (31.08.2016) Алсат-М – Репортажа: Наместо готова пруга до Грција, работите се запрени, изградбата ниту до половина [Пристапено: 28.09.2016]
- (27.09.2015) А1он – (ВИДЕО) Бочварски: Помина Јули, пруга нема! [Пристапено: 28.09.2016]
- Билд – Кременица [Пристапено: 28.09.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар