Реконструкцијата на водоводот во Ресен почна со задоцнување од една година

Реализацијата почна година и еден месец по истекот на рокот. Фото: Wikimedia Commons

Грижата за обезбедување чиста и пивка вода за секој жител на нашата општина и воспоставување на водоснабдителен систем што ќе ги задоволи потребите на секој дом во општината Ресен е процес којшто континуирано се одвива. Во насока на овозможување што подобри услови за водоснабду­вање ќе ги спроведеме следните проекти:

Проект: Реконструкција на водоводна мрежа

Опис: Оваа реконструкција ќе опфати и изградба на еден резервоар за вода во Ресен и во селото Јанковец (Буџет: 37 милиони денари, Рок: 2013-2014)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Со задоцнување кое изнесува повеќе од една година, на крајот на јануари годинава во Ресен почна реконструкцијата на градскиот водовод. Бидејќи станува збор за зафат ветен во изборната програма на Ѓоко Стрезовски за локалните избори во 2013 година, за кој како краен рок е наведена 2014 година, фактички, досега (16.03.2016), ова изборно ветување  е неисполнето. Но, со оглед на фактот дека конечно почна реализацијата, оценката е дека овој зафат е во тек. Останува само надежта дека проектот ќе биде завршен во рок од една година, како што ветува изведувачот, па иако со огромно задоцнување, ресенчани конечно ќе добијат подобар водовод и поздрава вода. Зафатот инаку подразбира и замена на азбестните цевки.

Според изборната програма на Стрезовски, во одделот „Комунални работи и инфраструктура“, точка „Водоснабдителни системи“, за проектот се предвидени 37 милиони денари, односно 600.000 евра.

Потврдата за задоцнувањето е во објавената информација на официјалниот веб-сајт на Општина Ресен од 29 јануари годинава, во која се вели „Долгонајавуваниот проект за целосна реконструкција на градскиот водовод во Ресен, конечно го доживеа почетокот на реализацијата“. Проектот според информацијата за граѓаните, е еден од најголемите зафати во општина Ресен во последните неколку децении.

*Забелешка

Рокот за исполнување (2014 година) на споменатото изборно ветување на  градоначалникот на Oпштина Ресен  е пробиен, меѓутоа имајќи предвид дека во  јануари годинава (2016) отпочнаа активности  за  реализација на овој проект, го оценуваме „во тек“.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар