Рецензија: Бебе се бори за живот, затруено од престој во градинка во Штип

24-098-0099880-crop-resize

Проблематичноста на овој текст има една, но навистина голема димензија. Станува збор за туркање, по секоја цена, на информација која, всушност, во самиот напис е демантирана од надлежните. Овде немаме пример на дознавање на сензитивна политичка информација која, поради нејзината природа, би било многу тешко „100%“ да се провери, туку за вест која „нема каде да бега“. Значи имаме или немаме отруено дете кое, како што се вели, се бори за својот живот?

Во овој текст упорно, и без солидни новинарски огради, се тврди првото, иако кредибилен извор јавно кажува дека тоа не е така. И само по неколку часа се докажува токму спротивното од напишаното во текстот – дека нема затруено бебе и дека неговиот живот не е загрзоен, туку дека детето превентивно било хоспитализирано поради стравување дека можеби нешто голтнало. Значи, класична дезинформација на јавноста!!!

2Линк до оригиналниот напис: Бебе се бори за живот, затруено од престој во градинка во Штип

Датум и време на објавување:  11.02.2014,  10:45

Датум на рецензирање:  11.02.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Токму во овој елемент текстот не го „минува испитот“. Вистината е тотално промашена, бидејќи едно е бебето да се отруло и неговиот живот да е сериозно загрозен, а сосема друго е дека детето не било затруено, туку „за секој случај“ поради страв дека можеби изело нешто што може да е отровно, е пренесено во болница. Пласирајќи ја веста во оваа форма написот се судира со членот 1 од Кодексот на новинарите кој вели дека:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

До колку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Можам да го разберам поривот да се биде прв во објавувањето на информацијата, но брзината паѓа во вода ако кажаното, како во овој случај, не е вистинито.

„Петнаестмесечно бебе е хоспитализирано во тешка состојба откако конзумирало непозната супстанца во детска градинка во Штип каде престојувало. Се претпоставува дека детето е затруено со отров за глувци бидејќи пред инцидентот во градинакта била вршена дезинфекција, дератизација и дезинсекција“.

А, вистината, по извесен период е објавена на низа други медиуми, вклучувајќи го и оној кој го пласираше овој напис.

Извори на информации: Тука доаѓаме до најчудниот дел. Има јасен и кредибилен извор – цитиран е директорот на градинката каде детето престојувало, кој прецизно го опишува случајот од почетокот до крајот, што конечно го потврдуваат и од Клиниката за детски болести во Скопје. Значи, иако изворот вели едно, целиот тек на текстот е свртен во спротивната насока. Зошто? Најверојатно поради новинарски сензационализам.

Содржајност: Ја има, но е погрешно пласирана. Направена е „каша-попара“ – ситуација која подоцна се „спасува“ со објавување на вистинската информација. Ваквиот тип текстови, кои имаат елементи на црна хроника или на семејни трагедии, публиката буквално „ги голта“. Но, овојпат залакот е „утка“.

Оригиналност/Плагијат: Не е наведен авторот на текстот, но понуденото, особено изјавата на директорот на градинката, како да упатува на тоа дека станува збор за оригинален текст.

Квалитет на насловот: И во овој сегмент има големо потфрлање, бидејќи насловната конструкција е ултрасензационалистичка, а всушност е искривување на вистинската информација која во самиот текст ја кажува главниот извор.

Фотографија: Фотографијата не го лоцира местото каде се „случил“ настанот – градинката, штипската болница или, пак, скопската клиника. Значи „сликата“ нема информативно, туку повеќе илустративно значење.

Заклучок: Кусо за резимирање – пред нешто да се објави, особено на влијателен медиум, треба добро да се провери, особено кога станува збор за чувствителна информација. Во овој случај навистина важи она: „Два пати мери, еднаш сечи“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција