Рецензија: Бездомни кучиња спасиле паднат човек на паркинг

Бездомни кучиња спасиле паднат човек на паркинг-CROP-RESIZE

Основната причина поради која се решивме да го рецензираме овој текст е аголот на приказната и нејзината необичност, а во исто време едноставност. Човечката димензија во новинарските текстови, особено кога се третираат теми од општествениот живот кои ретко се пишуваат надвор од шаблонот, веднаш паѓа во очи и им дава на сториите веродостојност. Човечката димензија ја прави оваа сторија интересна за читање и го моделира јавното мислење суптилно и аргументирано. Таа на „герилски“ начин влијае врз јавното мислење, при што се претставува агол и страна на приказната која ретко е застапена. Во секој случај, за пофалба.

Бездомни кучиња спасиле паднат човек на паркингЛинк до оригиналниот напис: Бездомни кучиња спасиле паднат човек на паркинг

Датум и време на објавување: 14.04.2014

Датум на рецензирање: 18.04.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

ПРИКАЗНИТЕ СО ЧОВЕЧКА ДИМЕНЗИЈА СЕ ЕФЕКТНИ

Авторот разговарал со инволвирани во случајот, што е евидентно од посочените извори, кои даваат сведочења. Има директни цитати и изворите се посочени и со генералии што дополнително ѝ дава на тежина на приказната.

– Ова се случуваше некаде кај 22 часот. Kучињата лаеја дваесетина минути без престан, а сите одозгора гледавме, но не сфаќавме што се случува. Еден сосед се симна и, што да види, човек лежи и бара помош. Соседите повикаа полиција и брза помош и го однесоа. А кучињата, како да беа задоволни што завршиле добра работа и легнаа да се одморат на тревникот – вели Татјана Чуновска, станарка од Kапиштец и активистка за правата на животните.

Уверливо се дава до знаење дека настанот за кој се известува се случил, но она што уште повеќе ја прави сторијата интересна е фактот што се зазема поинаков агол на медиумско третирање на проблематиката со бездомни кучиња. Во однос на содржајноста, проблематиката се третира од повеќе различни аспекти и се посочуваат информации што можат сеопфатно да го информираат читателот за идните правни дејствија во врска со бездомните кучиња. Техниката е едноставна, но многу ефективна. Се оди од конкретен пример и поединечен случај каде кучиња спасуваат живот на граѓанин за да се информира за поширокиот аспект на регулација:

Новина во одлуката е што ќе се воведе категоријата „старател на бездомни животни“, која се однесува на оние граѓани што во своите маала чуваат и хранат улични кучиња. Пријавувањето за старател ќе донесе одговорност и обврски за граѓаните што ќе го прифатат новиот статус. Ако некое маалско куче гризне или нападне некого, одговорноста ќе падне врз грбот на старателот, а не врз градската власт, како што е во моментов. Но, старателството ќе значи дека шинтерите од Вардариште не ќе можат да го уловат кучето.

Станува збор за авторски, оригинален напис. Насловот е информативен и концизен.

Сѐ на сѐ, за пофалба е инаквиот агол кој се зазема во приказната, консултирањето на изворите кои се наведени прецизно и опширноста на понудените информации. Улогата на новинарите да известуваат за општествените случувања, но и за темите за кои се наметнати дилеми во јавниот дискурс, од поинаков агол, е доблесно и наидува на препознавање. Новинарот во случајов е тнр. „агенда сетер“ (ја поставува агендата и насочува јавната дебата по ова прашање), без разлика на тоа колку безначајна изгледа одбраната тема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција