Рецензија: Бизнисмените бараат квалитетен и образован кадар
Станува сбор за наменски скроен материјал, кој преку класичен спин ја турка тезата дека бизнис-заедницата во државата има позитивен однос кон предлогот за државен испит на факултетите. И, ваквата манипулативна порака на читателите им се соопштува со самиот наслов: „Бизнисмените бараат квалитетен и образован кадар“. Но, кои се бизнисмените кои излегле со вакво барање? Прилогот, сепак, не нуди одговор на ова прашање.
Линк до оригиналниот напис: Бизнисмените бараат квалитетен и образован кадар
Датум и време на објавување: 24.12.2014, 15:09
Датум на рецензирање: 26.12.2014
Рецензент: Оливера Војновска
СÉ НАЈДОБРО ЗА ВЛАДАТА!
Во овој едностран и целосно необјективен напис не може да се најдат факти кои ги потврдуваат наводите дека бизнисмените имаат позитивен однос кон државниот испит. На публиката не ѝ се презентира ниту една изјава од бизнис-секторот, туку субјективената перцепција на авторката (медиумот) се подметнува како став на бизнисмените.
Единствен извор на информации е отворената владина седница од 21 декември 2014 година, од која се издвоени една реченица од настапот на министерот за образование, како и репликата на премиерот, во која тој му „помага“ на министерот да ги објасни новините поврзани со државниот испит (прикажани од 1,12 до 1,58 минута).
„Државниот испит се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети“ (Адеми)
„Тоа значи, ако во прва и втора положат 15 испити, 20 отсто се три предмети. Значи кај три предмети 60 отсто од бодовите да ги освои, може да помине и со 30. Ако му се потешки, или нема афинитети, а по сите други е одличен. Така што, нема да му го сруши државниот испит, но сепак мора да има миниум знаење“ (Груевски)
Но, ова тонско парче нема никаква врска со ставот на бизнисмените. И од споменатиот фрагмент никако не може да се извлече заклучок дека реформата за државен испит е еден начин да се обезбеди квалификуван кадар според барањата на бизнис секторот, како што се тврди на самиот почеток од прилогот. Тоа, буквално, е произволно нафрлено и без никаква аргументација, а со идеја да се форсира позитивна клима во јавноста за најавените реформи во високото образование.
Коментаторските елементи кои се нагласено присутни, исто така, имаат цел да го засилат впечатокот дека концептот што го предлага Владата е полн погодок!
Всушност, целиот прилог, кој е објавен еден ден пред одржувањето на новиот протест на студентите (26 декември 2014 година) премногу нападно ја фали владината мерка. Тој е правен во стилот „сѐ најдобро за Владата“, и прозвучува како политички интонирна пропагандна содржина, која нема некоја допирна точка со принципите на етички исправното новинарство.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар