Рецензија: „Боингот” е урнат за да се спречи катастрофа

03212014-NM-za-Avionot-crop-resize

Медиумот што ја објавил новинарската „анaлиза“ која ја рецензираме тврди дека во своите претходни текстови во врска со исчезнатиот малезиски „боинг“, главно се држел до проверени факти добиени од повеќе извори на различни страни на светот, при што успеал да биде на чекор пред другите медиуми во презентирањето на најновите сознанија.

Една општа самофалба која се поништува самата себеси веќе со следниот пасус кој објаснува какви биле изворите што ги контактирал медиумот за да пишува на оваа тема. Еве, повелете:

„Најпрво да појасниме неколку факти. Во досегашното наше третирање на проблемот многу често го користевме терминот „меѓународна разузнавачка заедница”. Терминот меѓу другото значи дека на Интернет постојат форуми на кои дебатираат лица со познат или скриен идентитет, кои активно или во минатото се занимавале со операции од областа на разузнавањето, како и декларирани терористи и аналитичари, се среќаваат и разменуваат информации. Некои од тие пораки се кодирани и всушност станува збор за дијалог меѓу двајца или повеќе заинтересирани за таа тема. Се разбира, постојат и отворени дискусии во кои се вклучени повеќе заинтересирани страни, при што сите можат да ја следат дискусијата и да се вклучат во неа.”

03212014-NM-za-AvionotЛинк до оригиналниот напис: „Боингот” е урнат за да се спречи катастрофа

Датум и време на објавување: 21.03.2014

Датум на рецензирање: 23.03.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Извинете, ама ова е многу несериозно за еден медиум кој вели дека „главно се држи до проверени факти“. Како е можно да бидат веродостојни и проверени фактите што произлегуваат од „лица со познат или скриен идентитет кои дебатираат на интернет форуми, инаку декларирани терористи и аналитичари“ (??!!??). Многу несериозно.

Освен овие „декларирани терористи и аналитичари“ како извори за трите теориии поврзани со причините за исчезнувањето на малезискиот авион, во актуелниот новинарски текст, овој што го рецензираме, авторот користи коментари и мислење на еден локален експерт од „странско потекло“ кој, освен името и презимето, се идентификува како „политички аналитичар со врски во разузнавачката заедница“.

Ние нема да навлегуваме во квалитетот на експертизите на именуваниот, само ќе кажеме дека тој досега бил експерт за економски стратегии, за политички прашања, меѓуетнички односи, а еве сега гледаме и за тероризам, комуникциски системи, авиони и управување со авиони – со два збора експерт erga omnes.

Но што вели теоријата, а и праксата во врска со изворите, нивната екпсертиза и мотиви. Во својата книга „Биди новинар“ (Матица Македонска, 2005, стр. 98) Бранко Героски вели:

„Изворот треба добро да се процени, не само од аспект на неговиот однос кон информациите со кои располага (дали е засегнат, дали е експерт или е овластен), туку и во поглед на неговите мотиви и на можноста за проверување на фактите што ги соопштува. Заради добра процена на изворот, постави си ги следниве прашања: Можам ли да се потпрам на него? Можам ли да ги потврдам неговите информации? Дали знае што зборува? Дали е компетентен? Зошто ми кажува? Можам ли да му верувам?“

Овие сугестии и прашања мора да си ги постави авторот на еден новинарски текст зашто изворот мора да го издржи товарот на јавното соопштување на фактите што ти ги нуди. Потоа, ако наводите што ти ги соопштува еден извор не се проверливи, тогаш имате сериозен проблем зашто верификацијата на фактите е битен елемент на новинарското истражување.

Кога се работи за информации и извори, меѓу нив мора да постои знак за еднаквост на комптенција. Има извори што имаат искуство и знаење за некоја област и се спремни да ти дадат многу важни информации, но, сепак, не се компетентни да го сторат тоа. Така доаѓаме до прашањето на мотивот. Во таа смисла Героски во споменатата книга вели:

„Некои од тие информации едноставно не смееш да ги користиш (тие од разузнавачки извори, на пример), бидејќи значат директно прекршување на професионалната етика. Повеќето ќе ги користиш умно и внимателно, секогаш во интерес на твоите читатели и секогаш свесен за мотивите на твоите извори.“

На крајот, секогаш останува наједноставното решение, особено кога се работи за сложени и специфични настани – втор извор. Тоа на новинарската постапка ѝ дава сериозност и професионален пристап.

Во меѓувреме, текстот што го рецензираме е повлечен од интернет изданието на медиумот. Не знаеме зошто, но тука, како дел од нашата рецензија е неговиот скриншот, кој е сосема читлив доколку кликнете на фотографијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција