Рецензија: Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање

Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање – think-crop-resize

Текстот со сензационален  наслов:  „Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање“, нема апсолутно никаква допирна точка со вистината. Станува збор за целосно препишана стара информација објавена уште во февруари 2012 година на  друг портал , при што е изменет само насловот. Овој copy-paste напис е објавен еден ден откако повеќето медиуми соопштија дека има нови моменти во истрагата за загинувањето на екс претсетадателот Трајковски. Нивните текстови се потпираа на веста што ја објави една телевизија со национална концесија и која нема врска со она што го објави порталот.

Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање – thinkЛинк до оригиналниот напис: Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање

Датум и време на објавување: 19.11.2013

Датум на рецензирање: 19.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Беспредметно е да се бара веродостојност на овој текст кој е целосно проблематичен и во спротивност со новинарските стандарди. Копија од вест стара речиси две години на читателската публика ѝ се продава како актуелна информација.

Извори на информации: Како извор е наведен друг портал, но не е ставен линк. Исто така,  изворот е кажан само во поднасловот на „веста“:

„Претседателот Борис Трајковски бил убиен оти на високи западни државници им се заканил дека ќе обелодени компромитирачки информации за нивна вмешаност во корупција, за време на косовскиот конфликт и бегалската криза во 1999 година“- пишува сајтот МКД. 

Понатаму во текстот  никаде не се спомнува овој портал, па читателот добива впечаток дека изјавата е „тазе“ и дадена изворно за медиумот, односно за текстот што го резензираме.

„Игњат Панчевски, застапник на семејствата на загинатите во авионот со  македонскиот претседател, потврди дека Трајковски поседувал документи кои би можеле да го нарушат авторитетот на некои западни дипломати кои во 1999 година одлучувале нешто во Македонија, за време на приливот на бегалци од Косово“,

Се вели во написот, а потоа целосно е пренесена изјавата на Панчевски дадена пред 21 месец! Препишан е и крајот на текстот објавен своевремено на овој сајт, каде е користена  и изјава на поранешниот владин гласноговорник дадена за Нетпрес.

Порталот дури го користи и истиот прилог за време „вчера Нетпрес јави“:

„Точно е дека има најнов извештај и дека е пуштен во процедура. Детали не можам да изнесам оти станува збор за документ со доверлива содржина. Оттука извештајот ќе биде доставен до државното обвинителство, кое понатаму ќе одлучи дали и какви мерки ќе преземе“, изјави Мартин Мартиновски, портпарол на Владата.

Пренебрегнувајќи го фактот дека Мартиновски  не е портпарол на Владата од јули 2012 година.

Содржајност: Тука и не може да се говори за некаква содржајност. Се работи за целосно препишан напис, без нови моменти.

Пристрасност:  Со самото подметнување на информацијата, а особено со тврдењето изнесено во насловот,  се искажува одредена пристрасност.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е  речиси е идентичен  со оној што е објавен на друг портал.

Квалитет на насловот: Насловот на прв поглед делува шокантно. Тезата од насловот: „Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање“, не се потврдува со напишаното во текстот.

Фотографија: Написот е илустриран со две фотографии. На поголемата веројатно е прикажано местото на авионската несреќа (нема авторски потпис и легенда), а помалата е  со ликот на Трајковски.

Говор на омраза: Експлицитното тврдење дека станува збор за „убиство“, без да се изнесат никакви аргументи и притоа да се в пери прстот во „конкретен извршител на убиството“, има елементи на говор на образа, бидејќи без докази обвинува за злосторство.

Заклучок: Порталот подметнал „бајата“ информација како новост, со што несомено ја злоупотребил довербата на читателите. Онака како што е пласирана „веста“ со крајно шпекулативен, дури опасен наслов,  очигледно е дека намерата на медиумот била  да  фрапира, да го привлече вниманието на публиката со сензационализам и да ја наведе на погрешен заклучок. Што несомнено претставува демонстрација на дрскост и отсуството на одговорност кон јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција