Рецензија: Економски успешна година – и Владата и бизнисмените задоволни

FireShot-Screen-Capture-154-ALFA-TV-www_alfa_mk_News_aspx_ID68627_Ur34TPRDsXE-crop-resize

Во прилогот „Економски успешна година – и Владата и бизнисмените задоволни“  се претерало со величењето на владините економски успеси. Со сугестивниот наслов, поднасловот и самата конструкцијата на текстот (главата, изборот и редоследот на изјавите, заклучокот) добиен е еден апологетски извештај  од средбата на членовите на Владата со бизнисмените од Комората на Северозападна Македонија. Од  вака конципираниот телевизиски прилог се добива претстава дека во Македонија се случил некаков економски прогрес!

FireShot Screen Capture #154 - 'ALFA TV' - www_alfa_mk_News_aspx_ID=68627#_Ur34TPRDsXEЛинк до оригиналниот напис: Економски успешна година – и Владата и бизнисмените задоволни

Датум и време на објавување: 27.12.2013, 18:00

Датум на рецензирање: 28.12.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Прилогот се потпира на изјавите на претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи и на министерот за финансии, Зоран Ставрески.  И тие се точно пренесни.

„Резултатите се тука. Скептиците остануваат да бидат секогаш скептици, но ние како бизнис заедница сакаме секогаш да бидеме оптимисти“ (Мендерес Кучи)

„Ова беше добра економска година… Владата во својот дел направи многу – преку евтините кредити, раздолжувањето, навременото сервисирање на обврските и сите други политики“ (Зоран Ставрески)

Овие фрагменти од изјавите ги имаше во речиси сите електронски и печатени медиуми, кои тој ден објавија извештаи за споменатата средба.

Тврдењето  пак, искажано во првите две реченици и во поднасловот:

„Успешна година, над сите очекувања. Економијата ги натфрли и најоптимистичките проекции. Ваквото мислење го делат и бизнисмените и владините претставници.“

е под голем прашалник. Тоа не беше кажано на ниту еден од медиумите што го проследија настанот. Па, веројатно, се работи за субјективна констатација на авторот на текстот, „обландирана“ како мислење на бизнисмените и владините претставници.

Извори на информации: Извор на информации е средбата на членовите на Владата со бизнисмените од Комората на Северозападна Македонија, при што се искористени две изјави врз основа на кои се прави претенциозна  проценка за економските состојби во земјата.

Содржајност:  Текстот само навидум ги има опфатено двете страни. Втората страна е само бледо нафрлена. Имено, ставот на претставникот на  Комората на Северозападна Македонија, не може да се третира како став на целата бизнис заедница, како што се тврди во насловот („бизнисмените задоволни“)  и во текстот („ваквото мислење го делат бизнисмените…“).

А, за  да се излезе, пак, со прилично силната констатација  дека сме имале

„економски успешна година над сите очекувања и дека се натфрлени и најоптимистичките проекции“,

неопходни се неколку независни експерстки мислења, посочување на конкретни показатели за економскиот раст, како и споредбени анализи со претходните години. Но, тоа би бил еден поамбициозен аналитичен текст.

Во конкретниот случај требало да се направи еден најобичен извештај, во  кој само ќе се пренесат куси изјави, без дополнителни коментари и воодушевување.

Пристрасност: Во овој  материјал  се препознава наклонетост кон власта, тоа дури не се прави малку посуптилно, туку отворено се покажува:

„Министрите слушаа, па и запишуваа. Бизнисмните добија ветување дека сите нивни предлози ќе бидат сериозно проучени, дел од нив и преточени во нови мерки“

„Од предновогодишниот работен ручек и едните и другите задоволни, заминаа со оптимизам убедени дека добрата соработка Влада – стопанство ќе продолжи и догодина“

А некои формулации како:

„Успешна година, над сите очекувања. Економијата ги натфрли и најоптимистичките проекции…“

прозвучуваат дури додворувачки.

 Коментирање: Коментаторски елементи се забележливи во прилогот, кој почнува и завршува во коментаторски стил.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за авторски текст со потпис на новинарот.

Квалитет на насловот: Насловот сосема соодветно ја испраќа пораката од текстот, која уште посилно е нагласена во поднасловот.

Фотографија: Материјалот е илустриран со снимки од производствен погон, автопатишта, потоа  инсерти од средбата и со видео материјал од изјавата на Мендерес Кучи, на кои стои логото на телевизијата. Во прилогот фали тонското парче од изјавата на Стварески, која е цитирана во текстот.

Заклучок: Од еден полевтерен настан (предновогодишен работен ручек) телевизијата излегува со наменски скроен  пристрасен прилог. Во него од самиот старт е препознатлива намерата да се воспеваат владините економски политики. Па, наместо материјал со чисто информативен карактер (каков што објавија повеќето медиуми), добиен е лош новинарски производ. Гледано во поширок контекст, ваквиот начин на обработка и пласирање на информациите остава простор за сомнеж дека идејата е во јавноста да се креира атмосфера за успешното владеење на актуелната политичка структура.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција