Рецензија: Естрадата се обедини со Тони Михајловски – погледнете ја оваа „гужва” на неговиот профил на Facebook

01062013-Toni-Opusteno-so-Gruevski-na-Press24-crop-resize

Неодамна во новинарската лекција под наслов „Тролови насекаде – коментарите на интернет“ го цитиравме заклучокот во истражувањето Еarly comments on stories affect what later readers believe, and what they say, за навиките на интернет корисниците кога се коментарите во прашање, Џеф Сондерман за Институтот Поинтер, кој вели дека

„корисниците на интернет сѐ почесто прво ’ѕиркаат’ во коментарите, па дури потоа да го читаат текстот”.

Напишавме дека тоа крие една сериозна опасност оние што практикуваат такво читање на изворниот текст да му пристапат веќе инфицирани – без разлика дали инфекцијата е позитивна или негативна.

Но, изненадувањата во македонското новинарство, особено она онлајн, продолжуваат непријатно да изненадуваат. Сега коментарите се сервираат како новинарска содржина на која „авторот” додава само наслов кој, обично, секогаш е неинвентивен и почнува со „Видете…”, „Погледнете…”.

Тоа дефинитивно не е новинарство. Но, бидејќи се сервира како такво на сајт кој сака да биде новинарски, наше е, со помош на нашата објективна методологија, да докажеме дека не е добро новинарство.

Следува рецензија на медиумска содржина која прекршила принцип од преамбулата на Кодексот на новинарите и дури 6 негови членови. Мислам дека ова е рекорд во досегашната историја на рецензиите на проектот Сервис за проверка на фактите од медиумите.

01062013-Toni-Opusteno-so-Gruevski-na-Press24Линк до оригиналниот напис: Естрадата се обедини со Тони Михајловски – погледнете ја оваа „гужва” на неговиот профил на Facebook

Датум и време на објавување: 03.01.2014, 23:26

Датум на рецензирање: 06.01.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Во оваа медиумска содржина нема што да се оценува од аспект на вистинитоста зашто се работи за збир од коментари на Фејсбук, кои авторот, за жал, неуспешно се обидел да ги спакува во одредена медиумска содржина.

Извори на информации: Целата медиумска содржина, освен насловот, е збир од коментари од приватна Фејсбук страница. Којзнае зошто, некои од имињата на авторите на коментарите се избришани, а некои не.

Содржајност: Малку погоре во оваа рецензија, во делот на вистинитоста, рековме дека авторот направил неуспешен обид да спакува нешто што би требало да биде стандардна медиумска содржина. Во медиумската пракса се познати начините кога од коментари се прават стандардни новинарски текстови: се наведува изворот, се издвојуваат суштинските коментари, се идентификуваат со одреден контекст, се консултираат независни експерти да ги анализираат… Во случајот на медиумската содржина што ја рецензираме ништо од ова не е направено. Само е пренесен со принт скрин еден дел од коментарите на приватна Фејсбук страница и – толку. Не се водело сметка за тоа дека објавените коментари фаворизираат само една страна.

Со тоа е прекршен еден од принципите на преамбулата на Кодексот на новинарите на Здружението на новинарите во кој се вели дека:

„Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.“

Пристрасност: Оваа медиумска содржина е крајно пристрасна со оглед на тоа што ги афирмира само, и исклучиво, коментарите кои поддржуваат само една страна. Кога веќе се тргнало во ваква, да нагласиме уште еднаш, неновинарска постапка, можело да се објават и спротивните мислења за да се види зошто лицата чии коментари се објавени реагираат со многу ниско, или никакво, ниво на толеранција.

Коментирање: Иако практично не рецензираме новинарски текст, оваа медиумска содржина не е ништо друго освен збир на коментари.

Квалитет на насловот: Насловот е еден од оние „Погледнете…“, „Видете…“

Говор на омраза: Ако нешто има во оваа содржина, тогаш тоа е омраза. Изобилство на омраза и тој што ја постира на овој сајт ја споделува целата одговорност, но уште повеќе целата некултура, бидејќи дозволил оваа неконтролирана омраза и примитивизам да се шири во јавноста. Тоа предизвикало прекршувања на дури 6 членови од Кодексот на новинарите.

Како прво не се почитува приватноста и со тоа е прекршен член 7:

„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.“

Бидејки оваа содржина овозможила говор на омраза го прекршила и членот 10 во кој се нагласува дека:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Медиумот што ја објавува содржината што ја ревензираме го нарушила и членот 11 во кој се вели дека:

„Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.“

Во членот 13, Кодексот на новинарите вели дека:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

Во овој случај тоа не можеме да го потврдиме.

Кодексот на новинарите има поширока рамка кога станува збор за медиумската култура и културата воопшто, но содржината што ја рецензираме не го почитува ниту тоа, а членот 15 од Кодексот е сосема јасен:

„Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспоива со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“

И на крајот, но, во овој случај, како најважно, прекршен е членот 16 кој зборува за достоинството на професијата и на новинарот:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

Заклучок: Секој има право својот приватен простор да го уредува и да живее во него така како што сака. Како и да е, начинот на живеење во тој простор ја демонстрира културата на нејзиниот сопственик. Таа култура може да биде израз на одреден примитивизам и тоа може да се прифати како начин на живеење сѐ додека тој примитивизам останува во рамките на приватното.

Но, кога уредувате медиумска куќа се согласувате дека таа не е приватна и дека со оглед на тоа што таа се бави со јавноста, претставува јавен простор кој се уредува според медиумските стандарди.

Во една таква медиумска куќа вие можете да пишувате за примитивизмот, но никако не смеете да го претворите јавниот медиумски простор во место за примитивизам. Ако не ја направите таа дистанца, за жал, медиумската куќа станува примитивна.

Освен тоа, портал кој претендира да биде медиум, не може да биде „поштенско сандаче”, како што вели еден мој колега. Сѐ додека е „поштенско сандаче“ треба да очекува дека секогаш во него некој ќе стави и примитивизам.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција