Рецензија: ЕУ во паника што на европратеничка не и бил дозволен влез во Русија
Имаме навивачки текст, обид на необјективен начин да се стави знак на равенство меѓу две работи, кои, за волја на вистината, се од слична природа, но, сепак, не се исти. Најверојатно, сакајќи да се долови народната изрека „со твој стап, по твои плеќи“ – овојпат европски, е отстапено од одредени стандарди: насловот не одговара на професионалните критериуми, а дека навистина „крајот го краси делото“ покажува токму финалето на овој напис.
Линк до оригиналниот напис: ЕУ во паника што на европратеничка не и бил дозволен влез во Русија
Датум и време на објавување: 26.09.2014 14:34
Датум на рецензирање: 29.09.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ВИСТИНА „ОБЛАНДИРАНА“ СО ПРИСТРАСНИ ФОРМУЛАЦИИ
Ако насловот и последниот пасус беа поинаку срочени тогаш овој текст ќе поминеше „глатко“. Обработува реален настан, темата е исклучително сериозна, поткрепен е со соговорници, но и е зачинет со несоодветни елементи, кои се далеку помалку на број од позитивните точки, ама, сепак, го нарушуваат ликот на кредибилен новинарски производ. Како што рековме, станува збор за дипломатски проблематична ситуација во која на член на Европскиот Парламент му е забранет влез на руска територија поради фактот дека таа личност била ставена на „црна листа“, а за тоа не била информирана. Поточно, Москва презела контра-мерки на ЕУ санкциите, создавајќи сопствен список на луѓе на кои им е забранет влез во Русија, но тоа го направила нетранспарентно без да ја објави листата и затоа европскиот претставник, несвесен за ситуацијата, бил запрен на пасошка контрола. Кога ќе се тргнат настрана политичката состојба и затегнатите односи на релација Русија-ЕУ поради кризата во Украина, без да се навлегува во причините и последиците на делувањето на двете страни, останува впечатокот за неадекватен новинарски пристап во овој напис, бидејќи е јасно заземањето страна со бранењето на руската постапка како „логичен одговор“. Ако стануваше збор за некаков си коментар тогаш и ќе беше разбирливо, но тоа секако не може да „помине“ во вест пласирана од дописник на државната агенција акредитиран во Брисел. Оттука вистина има, но е „обландирана“ со формулации кои генерално го нагризуваат целиот текст.
Изворите не се каков било проблем – постојат јасно наведени соговорници, цитирани се нивни изјави, не се извртени – пренесени се соодветно. „Додатоците“, кои го проблематизираат написот, се „сервирани“ отстрана, или попрецизно кажано, на крајот и тие се со авторски потпис. Можеби се ставени во отсуство на официјален став и треба ја одразуваат позицијата на Руската Федерација?! Веста може да се пофали со висок степен на содржајност, темата е сериозна и истовремено занимлива за пошироката публика, иако и е даден впечатлив „шмек“ дека „Русија адекватно го враќа ударот“, што, пак, несомнено упатува на необјективност најсилно изразена во последниот пасус кој има и коментаторски елементи:
„Сепак, одлуката да се направи „црна листа“ со европски политичари и пратеници во ЕП со забрана за влез во Русија од страна на Федерацијата е логичен одговор на европските санкции. Ова посебно што забрана за влез на територијата на Унијата, меѓу повеќето членови на руската Дума, доби и контроверзниот пратеник Владимир Жириновски и тоа само поради вербален деликт, односно за изјава дека „Украина треба да се подели“.
Значи, некој си ја презел улогата на медиумски толкувач и оправдувач на постапки на една од страните, независно која, во текст кој треба да претставува извештај – новинарски жанр чија цел е, со проширени елементи, да ја информира јавноста. Сопствените ставови и впечатоци не се дел од извештај, туку се вметнуваат во коментар.
Затоа, ајде пак, по не знам кој пат, да повториме:
„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – член 13 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Плус на тоа, па уште преку пример и се аминува изјавата на Владимир Жириновски за поделба на Украина како некаков си „вербален деликт“ . За ликот и делото на овој човек не треба многу да се зборува.
Во насловната конструкција сензационалистички ни се пласира дека „ЕУ е во паника“, а подолу во написот никаде не се споменува паника, ниту, пак, од пренесените изјави на европските функционери се добива впечаток на ПАНИКА во Брисел, туку на реакција на збунетост во Унијата дека имало руска „црна листа“, но дека нејзината содржина не била јавно објавена. Впрочем, тоа е и поентата на ваквите списоци – на одредени лица да им кажете дека не смеат да Ви затропаат на врата, бидејќи поради одредени постапки ги сметате за непожелни во вашата држава. Соодветен наслов би бил „Жестока реакција на ЕУ“, формулација која е употребена на почетокот на текстот, но некој повеќе сакал да игра на картата на сензационализам.
Пример како со малку може многу да се „утне“ еден текст. Непотребно навивање за оправданост на чекорите на една држава. На Русија апсолутно не ѝ требаат новинарски „дрвени адвокати“ и тоа од земјава, туку на македонската публика ѝ требаат кредибилни информации и извештаи, во овој случај од Брисел.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар