Рецензија: Еве каде летува премиерот Груевски заедно со своето семејство!

think_mk_2014_08_12_eve-kade-letuva-premierot-gruevski-zaedno-so-svoeto-semejstvo-crop-resize

Основниот проблем со материјалот што го рецензираме е фотографијата. Веста информира дека премиерот го минува одморот со семејството во Турција, а е илустрирана со стара фотографија (2012) од прошетката на премиерот со сопругата и ќеркичките во Зооолошката градина во Скопје. Пропустот особено доаѓа до израз  кога ќе се прочита насловот кој претендира да информира: „Еве каде летува премиерот Груевски заедно со своето семејство!“, а на читателите им се прикажува илустрација од Скопје. Што делува некако глупаво и смешно.

think_mk_2014_08_12_eve-kade-letuva-premierot-gruevski-zaedno-so-svoeto-semejstvo

Линк до оригиналниот напис: Еве каде летува премиерот Груевски заедно со своето семејство!

Датум и време на објавување: 12.08.2014

Датум на рецензирање: 22.08.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ФОТОГРАФИЈАТА „БОДЕ“ ОЧИ

Веста нема проблеми со вистинитоста, изворите и го задоволува минималното ниво на сеопфатност.  Таа се повикува на друг медиум и на официјалната информација од Кабинетот на премиерот. Иако, е нејасно зошто како извор на информации се пососчува друг портал, кога веќе го имале соопштението од  владината прес-служба, а кое го пренесоа речиси сите медиуми.

Како што споменавме, текстот „боде“ очи поради фотографијата направена пред две години во скопската Зоолошка градина. Можеби навидум не е голема грешка, но илустрацијата  воопшто не одговара за вест со која на  јавноста ѝ се соопштува дека:

„Премиерот Никола Груевски со своето семејство се наоѓа на летен одмор во Република Турција, на покана на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, а во времетраење од 10 дена, почнувајќи од 9 август. Одморот ќе го помине на две места, едното во близина на Бодрум, другото во близина на Фетије, по половина од времето“

Како што, впрочем, забележува и читателот на чиј предлог ја правиме оваа рецензија. Имено, тој со право прашува: „Зошто не се покажани фотографии од одмаралиштата, туку слика од изрежирана прошетка низ Скопје?“

Ако во моментот на објавувањето на веста не можело да се обезбедат фотографии од одморот на премиерот во Турција (оние од прошетката во чаршијата во Бодрум беа објавени два дена подоцна), сигурно не било тешко  на интернет да  се најдат илустрации од двете познати турски летувалишта.

Несомнено, некоја од овие фотографии посодветно би го доловила амбиентот каде одмора премиерот  со сопругата, двете ќерки и мајка му. Или, можеби, намерата воопшто не била  да се претстави поавтентична слика за одморалиштата каде што престојува премиерското семејство, туку да се каже (спинува) дека е семеен човек  близок до народот кој ги негува традиционалните вредности и не крие каде летува.

Фотографии од луксузни летувалишта, хотели и „рајски“ плажи, пак, кои дури и посредно би сугерирале дека премиерот ужива во раскошен одмор (макар и на сметка на турскиот премиер), би го нарушиле имиџот на скромен човек, кој македонскиот премиер со години го гради во јавноста. Но, токму ваквото спинувано претставување на одморот на премиерот ја става под прашалник  објективноста на целата информација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција