Рецензија: : ФОТО: Стајлингот на оваа мајка ги собра сите погледи во скопската Зоолошка
Фото-веста што ја рецензираме морализира и грубо се исмејува со една млада жена, затоа што се „дрзнала“ да ги прошета своите деца во скопската Зоолошка градина без соодветен дрес-код!
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Стајлингот на оваа мајка ги собра сите погледи во скопската Зоолошка
Датум и време на објавување: 18.10.2014, 13:46
Датум на рецензирање: 20.10.2014
Рецензент: Оливера Војновска
СОСЕМА НЕПОТРЕБНА ВЕСТ
Беспредметно е да се анализира вистинитоста, изворите на информации и содржајноста на овој материјал, за кој е нејасно зошто заслужува да биде објавен како вест?
Основната функција на веста е да информира. Во оваа новинарска лекција на „Сервис за проверка на факти од медиумите“ (СПФМ) е наведено дека за да може информацијата да се „квалификува“ да стане вест таа треба:
„да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.“
Така што, во конкретниот случај, прашањето е кого воопшто го интересира како се облекла оваа девојка – непозната за пошироката јавност, а на која ѝ се нарушува приватноста?
ПОЛОВИ СТЕРЕОТИПИ
Истата вест можеше да се прочита во повеќе медиуми, најверојатно преземена од веб-страница со забавен карактер. Фактички, објавени и искоментирани се фотографии од анонимна личност, сликана од грб, која најверјатно и не знае дека е фотографирана.
Трите реченици од кои се состои оваа куса вест имаат навредлив тон, при што паѓа в очи дискриминирачкиот пристап врз основа на полови стереотипи. Омаловажувачкиот говор се забележува уште во насловот каде е видлива намерата да се дискредитира девојката само затоа што некој сметал дека е лошо облечена.
Вакиот пристап се коси со принципите на етички исправното новинарство, кое подразбира дека новинарот не смее да навредува или исмејува и да потикнува диксриминација врз каква било основа.
Иако написот е пласиран во рубриката „Магазин“, каде се објавуваат полефтерни содржини, сепак, тоа никако не значи дека може да се помине границата на добриот вкус и во еден типичен малограѓански манир, најбезобѕирно да се навредува и да се изложува на потсмев личноста која е фотографирана.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар