Рецензија: Грција му молчи на „Њујорк Тајмс“ за „Македонецот“
Многу често се среќаваме со вести за кои не сме свесни зошто се појавиле и што сака да се постигне со нив. Ова е текст со намерно подбивање. Тој е напишан без притоа да се внимава на одговорноста и како да е излезен од вицот – „Те молам, не брани ме бато“. Новинарството не е тоа кое треба да соли памет и да се подбива. Тоа е тука да информира и да пренесува, а зошто текстов се закачил за Грција на ваков начин е прашање на кое тешко може да се даде издржан одговор.
Линк до оригиналниот напис: Грција му молчи на „Њујорк Тајмс“ за „Македонецот“
Датум и време на објавување: 14.01.2015, 17:52
Датум на рецензирање: 15.01.2014
Рецензент: Владо Ѓорчев
СВЕСНО ПОДБИВАЊЕ
„Особено интересен е молкот ако се присетиме дека за Грците употребата на името Македонија или Македонец или самата придавка македонски, изедначени со името на нашата држава и националност, на најголемиот народ што живее во РМ, без разлика на контекстот во кој се користи, секогаш било недозволиво и проследено во најмала рака со критики од страна на грчките медиуми. Едно од објаснувањата за ова би било дека грчките власти или нивната дијаспора не сакаат да излезат смешни во очите на влијателните светски медиуми и решиле ова да го премолчат.“
Текстот во поголем дел е коментар. Зачудува она за што текстот се прашува. Притоа, несновано тврди дека Грција секогаш реагира кога ќе се спомене името Македонија. На официјални настани, да, тоа можеби било така, но оваа теза, кога станува збор за весници (и тоа особено весници кои се издаваат во држава која нѐ има признато под уставното име) е недокажлива. Или, ако се сакало да се потврди вистинитоста, требало да се спомнат ситуации каде што такво нешто се случило.
Во вториот дел од текстот, написот прашува дали поради тоа што е во прашање САД, Грција нема да одговара. Кажано е многупати, но, еве, да повториме: практиката во новинарството е прво да информира, а потоа да поставуваат прашања. Во текстот, пак, е направен обратен редослед, па главната приказна е објаснета на крајот.
Ова е текст кој е целиот испревртен. Почнува со коментар, а веста е на крајот. Многу нестандардно кога се работи за новинарска содржина. Секако дека новинарот треба да информира, потоа да прашува, а уште помалку (или речиси никогаш) да прашува со подбивање. Новинарот не треба да се подбива без разлика дали нешто не му се допаѓа или нешто не му е по ќеф. Тој треба стоички да ја издржи „приватната нетрпеливост“ и докрај професионално да си ја заврши работата.
И, секако, целата приказна мора да има смисла. Не смее да се искористува моќта на медиумот поради некаква цел, која овде не е ни сосема јасна. Новинарот можеби е носител на влијание кое му овозможува да комуницира со широка публика, ама тој мора да биде и одговорен.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар