Рецензија: Исчезна Радмила Шекеринска

ikk-0987-0980099-crop-resize

Пред нас се наоѓа четиво обременето од проблемот што за неговото објавување нема повод. Токму тоа што во него нема новост, ниту одговор на петте новинарски прашања, прави да не може да го сместите во новинарскиот жанр „вест“. А ако нема вест, ниту аналитичко новинарство, тогаш се поставува прашањето зошто овој текст заслужил да го добие медиумскиот простор што му е определен? Кога ќе се навлезе во анализа на дискурсот, одговорот се наѕира меѓу следните две точки: пристрасност и безидејност.

ikkЛинк до оригиналниот напис: Исчезна Радмила Шекеринска

Датум и време на објавување: 07.05.2014

Датум на рецензирање: 10.05.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во заемна релација се доведуваат изборните резултати со интензитетот на јавни настапи на функционер и притоа тие две работи се ставаат во причинско-последична врска. Тоа и според намерите би требало да прозвучи: Аха, Шекеринска се крие. Она на кое не се посветува внимание е дали имало причини или поводи таа да се појави во јавноста. Во текстот се забележуваат и исклучително субејктивни квалификации, кои изразуваат стојалиште за она за кое се пишува, како тврдењето дека сумите за кириите се скандалозни. Притоа, не се аргументира наводната скандалозност и се доведува во прашање природата на изнесеното, односно дали станува збор за спинерска констатација или зад неа има вистина. Неуспешниот обид да се симулираат „извори на информации“ не покажуваат веродостојност:

Според она што може да се дознае од Бихаќка, таа е  активна во партиските тела но нема информација зошто не се појавува во јавност.

Наспроти ова, субјективните доживувања и описи преовладуваат. Се прави скромен обид за „анализирање“, но тоа е плитко и без уверливост зошто токму Шекеринска е на агендата. Поинаку би било доколку се анализираат настапите и застапеноста на повеќе политичари одеднаш, но во случајот не е така и имаме селективност.

Шекеринска која важеше за политичар кој беше исклучително активен на социјалните мрежи на Фејсбук фан страната нема никаква активност од 27 април, а последниот пост на Твитер датира од два дена претходно.

Од ова се забележува пристрасност и тон на непродуктивна прозивка.

Насловот сериозно отстапува од новинарските стандарди каде манипулацијата е непријател на вистината. Било кој читател би можел да помисли на реално исчезнување на Шекеринска, па дури и на такво кое вовлекува кривично-правен настан, што не е случај.

Сѐ на сеѐ, ако на текст без извори му се додаде атрибутот на непотребност, тогаш неговата објава тесно се поврзува со агенди кои виреат надвор од редакциите. За секој текст треба да има повод и точна причина за објавата. Секој читател може да се запраша зошто одреден медиумски производ се пласира ако е очигледно дека неговиот „тајминг“ и содржајност паѓаат на тестот на професионалното информирање. Секој пример каде од буквално ништо се прави нешто, на себе носи парола дека е манипулативен и пропагандистички.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција