Рецензија: Ја заборави ли Заев изјавата дека патриотизмот не му прилега на СДСМ?

1222_0000000000_00000000123456-crop-resize

Бидејќи овој текст не содржи нови факти, туку користи изјава „извадена од нафталин“ и комбинирана со актуелна изјава, а за да се покаже дека Зоран Заев е „непатриот“, неговата основна цел не е да информира, туку да контекстуализира, т.е. да создаде база на наводни „докази“ дека одредена политичка фигура низ времето покажувала тенденција на „непатриотизам“.

Она кон што се цели за да му се наметне заклучок на читателот е дека Заев нема право да зборува за патриотизам.

Овој текст нема новинарска вредност, во смисла на тоа дека не открива нови информации, не информира, туку е ад-хоминем коментар, преку кој партијата треба да се квалификува како „непатриотска“. Во исто време, во текстот се поистоветува патриотизмот со етничката припадност на градоначалникот на Кичево, што претставува потенцијално поттикнување меѓуетнички тензии.

1222Линк до оригиналниот напис: Ја заборави ли Заев изјавата дека патриотизмот не му прилега на СДСМ?

Датум и време на објавување: 06.12.2013; 14:23:28

Датум на рецензирање: 08.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост:  Во текстот кој претендира да го посочи патриотизмот како мерлива категорија, според критериумите на медиумот од кој се презема, се забележуваат вонконтекстуални елементи. Тоа значи дека авторот не го зема предвид фактот што двете партии имаат различни дефиниции за тоа што е сакање на државата. Случајно или не, ова појаснување што го дава Заев во својата понова изјава е изоставено, а за сметка на тоа се користи негова стара изјава како „доказ“ дека тој не е патриот.

Извори на информации: Главниот извор се архивските изјави. За потребите на текстот не е консултиран ниту еден извор, што е надвор од новинарските стандарди за професионализам.

Содржајност:  Текстот е оскуден со факти. Во него повторно се навлегува во „психата на македонската јавност“, што е непрофесионална „алатка“ за манипулација. Авторот, за да ја максимизира веродостојноста на своето лично мислење, го наметнува како општоприфатено и јавно. Тоа е спин.

Пристрасност: Политичката пристрасност е најверојатен мотив да се става под знак прашање патриотизмот, кој е инаку квантитативно немерлива категорија.

 Коментирање: Во членот 13 од Кодексот на новинари е прецизирано:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

Во текстот што го рецензираме, прекршен е членот 13 од Кодексот:

„ Исто така, Зоран Заев најверојатно заборавил на својата изјава дадена во интервју на една од националните телевизии, каде јасно го кажува својот став во врска со патриотизмот на и во СДСМ“.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за преземен текст од друг портал, со јасно наведување на изворот. Сепак атрибуцијата не се провлекува во целиот текст, туку само во лидот, а нема ниту линк до оригиналниот напис.

Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен, непоткрепен со аргументи.

Фотографија: Пред нас имаме фотографија која остава впечаток дека е коректна и во контекстот во кој се употребува има намена да го упати читателот на субјектот кој е предмет на обработка во написот.

Говор на омраза: Со самото тоа што патриотизмот се става во контекст на етничноста на градоначалникот на Кичево, се поставува прашањето дали авторот тврди дека секаде каде што градоначалниците се Албанци, всушност владее „непатриотско тло“? Оваа премиса е нелогична и спротивна на Уставот, законите и Рамковниот договор.

Заклучок: Ад-хоминем нападите, иако се всадени во новите форми на известување, не се професионални. Доколку авторот не изнесува нови информации, тогаш впуштањето во вакви анализи може да оди само во насока на пропагандни цели, што не е работа на новинарите туку на спин-докторите. Кога се работи за патриотските чувства потребна е голема внимателност при известувањето за да не се повредат чувствата на етничките заедници кои живеат во Македонија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција