Рецензија: Македонски девојки се проституираат на црногорски јахти
Вест која во насловот изнесува груба шпекулација, без да се обиде да ја истражи и поткрепи нејзината веродостојност.
Линк до оригиналниот напис: Македонски девојки се проституираат на црногорски јахти
Датум и време на објавување: 18.07.2013
Датум на рецензирање: 22.07.2013
Рецензент: Соња Здравеска
Вистинитост: Написот е пренесен од српски „Блиц“ . Во оригиналната вест се зборува за проституција на јахти во Црна Гора, но не се спомнуваат девојки од Македонија. Авторот во насловот изнесува тврдење, чија веродостојност не ја поткрепува со никакви докази.
Извори на информации: Текстот се темели на изјави на анонимна малолетничка и на извршната директорка на една „сигурна куќа“, каде што малолетничката се обратила за помош. Изјавите не се соодветни на насловот на веста: „Македонски девојки се проституираат на црногорски јахти“. Во текстот нема изјава ниту каков било навод кој би го потврдил ваквото тврдење.
Содржајност: Во онлајн-верзијата на текстот на „Блиц“ (од каде најверојатно е пренесена веста) никаде не се спомнува Македонија. Во насловот на рецензираната вест се тврди дека имало и Македонки кои учествувале во организираната проституција. На ова сериозно тврдење текстот се осврнува само во последната реченица, во која признава дека се работи за шпекулација:
„Се шпекулира дека во овој бизнис има и девојки од Македонија.“
Ова ја прави целата вест не само несеопфатна, туку и невистинита.
Пристрасност: Написот ја пренесува вистината делумно – се повикува на изјави дадени за српски „Блиц“, кои се однесуваат на проблемот со проституцијата во Црна Гора, а притоа не пренесува изјава од каков било извор, кој би потврдил дека меѓу девојките има и од Македонија. Со тоа, авторот ја спинува информацијата која се однесува на Црна Гора и се обидува да ја поврзе со Македонија, на начин кој, во најмала рака, е проблематичен од професионална гледна точка.
Оригиналност/Плагијат: Написот е пренесен од српски „Блиц“, како што е наведено во него. Сепак, во написот нема линк до оригиналната вест.
Квалитет на насловот: Главниот проблем во овој текст е во насловот, во кој се изнесува сериозно тврдење за кое не е понудена поткрепа. Ова е етички неприфатливо зашто доведува до манипулација на читателите.
Заклучок: Ова е напис во кој медиумот се обидува преку сензационалистички наслов да привлече публика, но притоа не се водело сметка насловот да ја одразува содржината на веста. Ваквиот обид за манипулација не се смета за етички допуштен и е надвор од новинарскиот кодекс.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар