Рецензија: Македонци кои се иселиле: сакаме да се вратиме, но се плашиме за работа
„Индивидуалци, кои сакаат да бидат ценети според нивните способности. Сакаат живот во кој нема да слушнат за политика, освен ако тоа не им е интерес. Сакаат да работат за пристојна плата со која ќе можат да си дозволат да патуваат или да се занимаваат со некое хоби во слободното време, наместо само грчевито да гледаат како да го завршат месецот. Луѓе кои сакаат децата да им зборуваат повеќе јазици и да растат без посериозни општествени Вака грубо ги можело да се опишат дел од македонските емигранти од последниот бран што изминативе години ја напуштаат земјата со намера животот да го продолжат некаде во странство“.
Порталот донесува текст за нашите економски мигранти кои копнеат да се вратат назад, ама се плашат дека дома одново нема да имаат перспектива. Текстот е базиран врз основа на раскажувања на две семејства на мигранти, ама и на податоци на Заводот за статистика за бројот на иселеници од земјава, кој е апсолутно неточен и многу далеку од податоците објавeни од меѓународни институции (Еуростат и УНИЦЕФ). Со тоа се прави статистичка манипулација од голем обем и се минимизира една социјална слика за губење на биолошката супстанца на нацијата.
Линк до оригиналниот напис: Македонци кои се иселиле: сакаме да се вратиме, но се плашиме за работа
Датум и време на објавување: 01.12.2013 18:18
Датум на рецензирање: 04.12.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост: Нема сомнение дека исповедите на членовите на семејствата Стаменкови и Мемети се точни и дека точно го отсликуваат и мотивот да се замине од земјата и да се стравува од враќање назад во овој момент. Но, тврдењето на Заводот за статистика дека 1.330 лица ја напуштиле земјава „само лани“ е едноставно паушална и надвор од било каква логика. Настрана, зошто е релеватна само минатата година?
Извори на информации: Авторот на текстот пропушта да направи сериозна анализа за која нема да му биде тешко да најде релевантни податоци. Публикацијата „Миграции 2012“ на ДЗС, на која се повикува е во класичен судир со стварноста која ја осликуваатсо свои бројки земјите каде се пријавуваат македонските државјани како лица што таму ќе престојуваат тајно или подолго време. Еуростат е еден таков извор (novatv.mk/index.php?navig=12&writer=1&vest=3399www). Само во Германија педантните домаќини избројале 67.147 Македонци (http://www.dw.de/македонците-во-германија-малку-но-добро-интегрирани/а-16203817). Дури и домашни извори кажуваат дека годишната стапка на иселување од земјава изнесува 15.000 (http://e-demokratija.mk/documents/10157/26941) што е далеку од посочената бројка од ДЗС (1.330).
Нема ниту избалансираност меѓу исповедта на двете семејства, бидејќи онаа на Мемети ја држи речиси целата сторија а онаа на Стаменкови повеќе е тука само заради национална равнотежа.
Содржајност: Искуствата на двете семејства во Холандија односно Англија, пренесени на порталот, содржат многу интересни импресии, сознанија и лични проекции, но секако можеле да бидат надополнети со многу повеќе статистика а евентуално и да бидат дополнети со уште неколку искуства. Вака, се чини, дека се оди по шема „едно македонско семејство и едно албанско, плус податок (и тоа неточен – од ЗДС) и готова манџа“.
Пристрасност: И така една драматична ситуација се претвора, благодарејќи на вакви површности и импровизации, во фрагментарност, која дури сугерира една „фолклорност“ на проблемот, во стилот- народот оди надвор да си ја проба среќата.
Оригиналност/Плагијат: Темата е оригинална и потпишана, со иницијали, како што е впрочем практика на порталот, каде само фоторепортерите имаат право на комплетно излегување од анонимноста!?
Квалитет на насловот: Насловот сугерира дека луѓето со кои се разговара, би се вратиле назад ако им се гарантира работно место, ама тоа не стои така во изјавите! Имено, семејството Стаменкови е половина холандско (!), па излегува дека тоа таму си има и „корен“ и не е дека плаче за назад, додека семејството Мемети како причина за иселување ја наведува атмосферата растечкото нагласување на етничките разлики во земјата а тоа е веќе „друго петнасет“ .
Фотографија: Текстот е илустриран со сет на фотографии на фотографот од редакцијата, кој се задржал на местатаа од каде си заминуваат Македонците (аеродромот Александар Велики и железничката станица). Но, во текстот го нема она што правилата на журнализмот го бараат – да ги видиме оние со кои новинарот разговара!? Тоа е непростлив гаф и за авторот и за уредникот.
Заклучок: За да не останеме должни за вистинската бројка да кажеме дека „на бело“ од земјава се иселени во последните 15 години 230.000 лица. Предлагаме еден доста содржаен во таа насока текст во Капитал . Ако таа бројка се надополни со бројот на оние кои се надвор „на црно“ излегува дека дури 350 илјади лица се надвор од нашите граници со надеж дека трајно или на подолг рок ќе си најдат нова татковина. Некои од нив ќе си го повлечат и семејствто. Според анализата на „Капитал“, желбата за враќање назад на повеќето од нив е мала или никаква, а малкуте повратници кои ги контактиравме се соочуваат со проблеми да обезбедат основна егзистенција.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар