Рецензија: Малезискиот случај покажа дека ниту летовите од Скопје не се безбедни
Овде имаме текст чија цел, барем како што се тврди, е да нѐ информира дека случајот со малезискиот авион покажал дека „ниту летовите од Скопје не се безбедни“?! Навистина! Да не го прочитав написов навистина немаше да ја знам опасноста од летањето со авион, па макар тоа бил и „лет од Скопје“. Станува збор за, во најмала рака, несоодветно четиво кое имало амбиција нешто да дообјасни во врска со мистериозното исчезнување на боингот 777, меѓутоа од тоа ништо не излегло, освен, секако, пораката дека „нема безбеден лет“ што и не е вест, туку веќе позната статистика. Оттука се поставува прашањето: чуму овој текст?
Линк до оригиналниот напис: Малезискиот случај покажа дека ниту летовите од Скопје не се безбедни
Датум и време на објавување: 18.03.2014
Датум на рецензирање: 22.03.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ЧУДНИ ЗАКЛУЧОЦИ НАМЕСТО СТАТИСТИКА
Текстот може да се пофали со слабо присуство на фактографија, статистика, бројки, а тоа само по себе повлекува и отсуство на некаква информација. Ако веќе се сакало да се каже дека патувањето со авион, по настанот со малезискиот лет 370, е опасно, тогаш требало повеќе да се „поработи“ во однос на кредибилни податоци. И децата знаат дека летањето со себе носи опасност, исто како и возењето автомобил, па затоа неопходна е некаква новина за да се оправда сместувањето на овој материјал во делот за вести. Еве неколку добри примери за текстови кои се темелат на чисти бројки, кои имаат што да кажат и кои, меѓу другото, покажуваат дека повеќе патници гинат во сообраќајки отколку во авионски несреќи. Според овие податоци, шансите да загинете во летало се 1 од 11 милиони, а шансите животот да го загубите во автомобил се 1 од 5.000. Значи, бројките немилосрдно се на страната на авионите. Ако тоа го разрешивме, да се свртиме кон пласираниот заклучок, кој и без тоа е поврзан со претходно кажаното, дека „летовите од Скопје не се безбедни“!!!. Ова вака едноставно не може да се каже, бидејќи ниту еден лет, колку и да е досегашната статистика поволна, не е 100 отсто сигурен. Поточно, ништо во животот не е сигурно, освен дека ќе се умре, ама со непознати фактори: кога, како, зошто… Така што, има вистина дека „ниту летовите од Скопје не се безбедни“, ама нема вистина дека тоа го покажува исчезнувањето на малезискиот авион. Напротив, голата статистика покажува дека летањето носи ризик, исто како и управувањето автомобил.
Можеби работата би била подобра ако се консултирале вистински или јасно прецизирани извори или пак соодветни соговорници.
„Секој осми патник покажува симптоми на страв од летање, покажуваат меѓународните истражувања од 2011 година“.
Кои се тие истражувања од пред 3 години? Не знаеме и нема да дознаеме.
НАСЛОВ БЕЗ ЛОГИКА
Очекувано, немањето јасна информативна нишка, како и добри извори, повлекува и немање квалитетна содржина. Сѐ се сведува на повторување познати работи: како сѐ уште не може да се пронајде авионот, слабоста на најсовремените системи, човечки фактор, итн. Затоа, тешко е да се каже дека текстот, кој има наведен автор, но не и авторски печат, ги задоволува основните читателски потреби.
Најпроблематичниот дел е насловот, кој се наметнува и како заклучок на целиот текст: „Малезискиот случај покажа дека ниту летовите од Скопје не се безбедни“. Логиката била слаба алка при конструирањето, бидејќи како што веќе претохно напоменавме, бројките, а не само овој поединечен случај, покажуваат дека патувањето со авион има одреден степен на ризик. Многу лош наслов, кој содржи и елементи на предизвикување паника кај публиката, секако неоправдана. Освен насловот, би рекле дека е несоодветна и употребената фотографија – станува збор за еден од претставниците на малезиските власти кои ја координираат потрагата по исчезнатиот авион, но никаде не е објаснето кој е тој човек и која е неговата функција. Значи, за џабе е ставена таа фотографија која во суштина ништо не кажува.
Овде немаме ниту информативен, ниту пак сензационалистички текст. Напротив, имаме промашен текст кој се водел по некоја чудна, секако неновинарска логика и затоа конечниот резултат е таков како што е.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар