Рецензија: Милчин и соросоидите го поддржуваат палењето во Чаир

FireShot-Screen-Capture-007-kurir_mk_makedonija_vesti_164186-Milcin-i-sorosoidite-go-crop-resize

Веста за чинот на палењето на постерот со фотографија на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, секој го „лајкува“ на друг начин и тоа е индивидуално право на поединецот кога реакцијата е на социјалните мрежи.

Ако медиумот таквата реакција ја извади од контекст и со измислени конструкции ја стигматизира, сатанизира јавната личност, во овој случај првиот човек на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), Владимир Милчин, тогаш тоа не е ништо друго туку злонамерен напад со политичка заднина и е спротивно на сите етички норми, стандарди и Кодекси на однесување на новинарите.

До моментот на објавување на написот и 17 други граѓани реагирале на настанот на сличен начин и го „лајкувале“. Тие ни криви, ни должни се сатанизирани како поддржувачи на Милчин и ставени се во категорија која медиумот ја нарекува „соросоиди“. Со што тие 17, а во моментот на рецензирање нивниот број се зголемил на 38, се легитимирале пред медиумот дека се „соросоиди“, за да му дадат за право со измислени конструкции да напаѓа и сатанизира цела една група на луѓе и да ги става на „листа за отстрел“?

FireShot Screen Capture #007 - 'Милчин и соросoидите го поддржуваат палењето во Чаир' - kurir_mk_makedonija_vesti_164186-Milcin-i-sorosoidite-go-Линк до оригиналниот напис: Милчин и соросоидите го поддржуваат палањето во Чаир

Датум и време на објавување: 06.07.2014, 14:39

Датум на рецензирање: 07.07.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

„ЛАЈК“ КАКО ПОВОД ЗА НАПАД

Сосема тенденциозно е да се вадат било какви заклучоци од еден „лајк“ на актуелна вест. Луѓето притискаат „лајк“ од секакви причини. Има корисници на социјалните мрежи, кои оваа опција ја користат за речиси секој статус со цел да привлечат што повеќе исти такви „лајкови“ за своите статуси или, едноставно, зашто така мислат дека треба.

Потоа, „лајкот“ во никој случај не мора да се однесува на палењето на постерот со ликот на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, туку може да се однесува на веста како таква, односно на фактот што тој конкретен портал или тој новинар успеал да извести од овој настан, па дури и успеал да обезбеди ексклузивна фотографија. „Лајкот“ може да е едноставно одобрување за професионално сработената новинарска работа – и толку. Потоа, познато е дека притискањето на оваа опција ја зголемува популарноста на веста како таква, па во време кога сите ние баравме на социјалните мрежи што повеќе вести за протестите, „лајкот“ може да значи желба оваа вест да се прошири до пријателите за и тие да бидат информирани за настанот.

Има куп причини заради кои некој може да ја употреби оваа опција на социјалните мрежи. Токму затоа, и тоа особено кога станува збор за актуелна и интересна вест, крајно неупатно е да се шпекулира за мотивот на „лајкот“, а камоли да се измислуваат тези дека тоа подразбира одобрување на чинот на кој се однесува веста.

На пример, на социјалните мрежи може да се најде споделена вест за драматично зголемениот број на лица во Русија, кои го изгубиле животот заради прекумерна употреба на опојни дроги. Статусот со оваа вест има неколку „лајкови“. Значи ли ова дека лицата што ја „лајкнале“ оваа вест ја одобруваат смртта на корисниците на опојни дроги во Русија и сметаат дека бројот на починати лица од опојни дроги треба да се зголеми? Еве до какви апсурди се доаѓа кога на сила се сака да се изврши личен напад врз некого врз основа на еден „лајк“.

ТЕКСТОВИ ПО НАРАЧКА

Ова може да се протолкува единствено како нарачка од центрите на моќ, чија континуирана цел се нападите на директорот на ФООМ и на невладиниот сектор, кој добива поддршка од Фондацијата, а сега во таа група сосема недолжни и неоправдано се ставени и 38 други граѓани на Македонија.

Како предводникот на „групата“ е ставен Владимир Милчин, („Милчин и соросидите го поддржуваат палењето во Чаир“) со што целата информација станува провидно наменска, тој и „соросоидите“да се деградираат, етикетираат, сатанизираат и прикажат во негативно светло како поддржувачи на рушителските демонстрации.

„Пожарот кој синоќа беше предизвикан од група вандали кои се разбегале по пристигнување на полицијата беше опасност за зградата и станарите. После ова, се поставува прашањето дали Владимир Милчин ги поддржува насилствата и нападите врз полицијата, бидејќи очигледно му се допаѓа палењето на постерот на Јанкуловска во Чаир“.

Дали еден „лајк“ на настанот, кој е изваден од контекст и не е осамен, може така да се толкува? Секако, не.
Останатите, чии имиња се избришани, се окарактеризирани како поддржувачи, со што нивната „одговорност“ не е амнестирана, само не е персонализирана како на Милчин. Уште во насловот категорички е изречено обвинување: „Милчин и соросоидите го поддржуваат палењето во Чаир“ .

Коментарот кој понатаму се развива во приказната, хипотетички го прикажува Милчин како поддржувач на тенденциите кои ја загрозуваат и општата безбедност на граѓаните. …Пожарот кој синоќа беше предизвикан од група вандали… беше опасност за зградата и станарите… дали Владимир Милчин ги поддржува насилствата и нападите врз полицијата, бидејќи очигледно му се допаѓа палењето на постерот на Јанкуловска… дали првиот човек на Фондацијата Сорос во Македонија го поддржува каменувањето и демолирањето на Судот…

 

ЛОШ ПРИМЕР

Да заклучиме, целиот прилог е добар пример како не треба да изгледа новинарството и може едноставно да се окарактеризира како новинарски прозвод со најнискиот именител, кој е произлезен од таблоидизираниот (за жал, сѐ попопуларниот) домашен журнализам.

Колку е сето ова апсурдно покажува и следново. Лицето, кое е цел на нападите во овој текст, извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, го има „лајкнато“ и овој напис во кој е неаргументирано обвинуван дека го поддржувал „палењето во Чаир“. Дали ова значи дека тој го поддржува и овој овде рецензиран напис во кој тој самиот е предмет на безумен и комплетно измислен напад?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција