Рецензија: Паника и страв во СДСМ по анкетата на “Димитрија Чуповски“
Пречестата и со ништо оправдана флоскула околу анонимните извори не е дозволена во новинарството. Уште помалку е дозволено мешање на факти со ставови, односно со коментар, неизбалансирано известување и игнорирање на втора, односно засегната страна… Сето ова го имаме во текстот Паника и страв во СДСМ по анкетата на „Димитрија Чуповски“.
Линк до оригиналниот напис: Паника и страв во СДСМ по анкетата на “Димитрија Чуповски“
Датум и време на објавување: 31.01.2014, 18:04
Датум на рецензирање: 03.02.2014
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Текстот наведува факти, но само оние што се однесуваат на резултатите од анкетата се проверливи и точни. Сѐ друго што се нуди како факт – страв, паника, неиспорачани промени, итн… е непроверливо од аспект на веродостојноста, односно вистинитоста.
Извори на информации: Изворот или изворите на текстот се анонимни – се користи флоскулата „партиски извори“. Тие извори се еднострани, а нивната релевантност и актуелност не може да се провери.
Содржајност: Информацијата е далеку од нормите за сеопфатност и содржајност, пред сѐ, затоа што недостасуваат прашања и одговори од субјектот на кој се однесуваат тврдењата во текстот, а недостасува и трет, независен извор кој стручно би ги прокоментирал и анализирал резултатите од анкетата и нивната релевантност.
Пристрасност: Не може со сигурност да се тврди дека има спин, иако „мириса“ на такво нешто, но она што со сигурност се детектира во текстот е пристрасноста, неизбалансираноста и наклонетоста која наликува на политички мотивирана.
Коментирање: Коментарот преовладува во текстот. Тој во најголем дел е замаскиран како став на анонимниот извор. Коментарот и ставовите се измешани со фактите, а во еден дел е и комплетно неразбирлив за читателот:
„Дополнително, промените кои ги ветуваше раководството на СДСМ, не се испорачани, по што членството е уште повеќе разочарано од стапките на новото раководство“.
Кои промени? Какви промени? Кое членство?…
Оригиналност/Плагијат: Со пребарување на интернет може да се утврди дека текстот е оригинално дело и дека потоа оваа информација е преземена и од други медиуми. Редакцијата не го навела името на авторот, ниту изворите, а нема ни корисни, поврзани линкови ниту со анкетата, ниту со слични анкети, ниту со некои други факти кои се изнесуваат во текстот.
Квалитет на насловот: Не може да се утврди дали насловот е дезинформација, токму поради структурата и на самиот текст. Тој е соодветен за напишаното, но е сезнационален и тенденциозен, токму поради непоткрепеност на кажаното.
Фотографија: Наместо фотографија, во текстот има табела од едно од прашањата на анкетата и таа служи како илустрација поврзана со темата на текстот.
Говор на омраза: Нема говор на омраза, ниту дискриминација. Сепак, има дискредитација на една личност спомената поединечно и на повеќе други (партиско раководство на СДСМ), кои не се наведуваат со имиња.
Заклучок: Овој текст може да послужи во новинарските школи како лош пример за новинарски производ на дадена тема. Неименуваниот автор користи неименувани извори кои очигледно се еднострани и само врз нив – под претпоставка дека тие навистина постоеле – гради ставови кои на јавноста ѝ се наметнати низ еден сугестивен, изнасилен стил и во форма на коментари, најчесто затскриени зад анонимниот извор.
Користењето анонимни извори во новинарството е дозволено, но секогаш е пожелно што поблиску да се лоцира изворот и секако, да се наведе причината за анонимност што ја побарал изворот. Но, тоа не го ослободува новинарот од обврската да ја провери информацијата „колку што е тоа можно“ (Кодекс на ЗНМ) и да не пласира непроверени информации.
Во текстот што го рецензираме нема поблиско лоцирање на изворот, нема наведено причина зошто побарал анонимност, но најважно, нема никаков знак дека информацијата е проверена „колку што е тоа можно“.
Коментирањето е сеприсутно, иако вешто се затскрива зад изворот и тоа е измешано со фактите, односно со веста, што, пак, е непрофесионално и неетички. Но, најважната последица од непрофесионалното постапување во изработката на овој текст, е непристрасноста и неизбалансираноста, која е изрично забранета со Кодексот на ЗНМ и со други алатки за саморегулација што се познати во светот.
Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. (чл.14 Кодекс на новинарите на Македонија – ЗНМ)
Текстот е обременет и со непотреби зборови и пасуси, па може да се најдат и стилски забелешки. Непотребно, но за да се зајакне тврдењто во насловот, на крајот од текстот повторно е ставен пасус со резултатите од анкетата кој еднаш е веќе наведен во првиот пасус.
Станува збор за текст во кој подеднакво не се почитувани повеќе професионални и етички стандарди врз кои почива современото новинарство.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар