Рецензија: Порталите финансирани од Сорос ширеа параноја по протестите за „Монструм“

soros-098700960-crop-resize

Во вакво време-невреме да се пласира теза дека:

Во голема мера полугата на Сорос (портали и интелектуалци кои се финансирани од нив) потпомага во ширењето тензија поврзано со протестите околу случајот „Монструм“.

… е крајно, во најмала рака да речеме, несериозно. Во моментов кога причините за протестите (кои ниту малку не се безопасни) се сосема од друга природа, а вината да се бара во медиуми, невладини организации и интелектуалци е лошо и штетно и за државата и за граѓаните. Овој текст го прави токму тоа. Спинува. Не знам само дали постои свест што се прави со ова? Или, пак, немоќта на институциите да се справат со новонастанатата ситуација сега се покрива со дефокусирање од вистинската тема.

sorosЛинк до оригиналниот напис: Порталите финансирани од Сорос ширеа параноја по протестите за „Монструм“

Датум и време на објавување: 07.07.2014, 10:16

Датум на рецензирање: 07.07.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КОРЕКТНИ ПРЕЗЕМАЊА

За само неколку дена Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ) и нејзиниот директор се најдоа на удар во провладините медиуми. Но, тоа не е ништо ново. Единствена разлика е што досега се напаѓаа за наводна поврзаност со СДСМ, а сега за наводна поврзаност со демонстрантите.

Изворите на информација се порталите на албански јазик, чии текстови (според написот) подоцна се пренесени од неколку македонски веб страници. По проверката на тие портали, сепак, се заклучува дека порталите на албански јазик кои се посочени во текстот биле поажурни, побрзи и поточни во информирањето. Порталите, пак, на македонски јазик кои се наведени во текстот, точно дека презеле од нив, но само видеа и фотографии, а речиси сите текстови се потпишани од нивни новинари кои биле на терен. Значи сите портали кои се наведени, со свои новинари „истрчале“ на терен, а во ретки случаи пренесени се само видеата и фотографиите. Оттука не држи тезата изнесена во текстот дека:

Шемата е следна – голем дел од написите на албанските медиуми се преземени токму од порталите и медиумите на Сорос. За неколку часови подоцна сите се објавувани од Плусинфо, Либертас, А1он, НОВА ТВ… Нема ниту извор на информација, ниту потврден факт, туку само шпекулации и чисто манипулирање кај албанските медиум.

И само како ПС на погоре кажаното. Сите преземни фотографии и видеа се потпишани од изворните медиуми.

Написот нуди некои наслови од текстови со кои „заклучуваат“ дека се ширела тензија. Притоа се наведени:

Порталб: Доколку протестите бидат сфатени како „Монструм“, ситуацијата може да ескалира

Муслиу за Порталб: Лошото менаџирање на ситуацијата може да предизвика конфликт

Биљали за Порталб: Протестите треба да продолжат

Овде се работи за сопствени мислења на интелектуалци, кои порталите ги консултирале и сосема коректно и точно ги пласирале нивните тези во насловите. Тоа е во согласност со новинарските правила и стандарди. Друго прашање е дали тие тези на некого му се допаѓаат или не.

 

ОД КАДЕ ДУВА ВЕТЕРОТ

Пристраснот има и со алудирањето и со тенденцијата на тезите се гледа од каде дува ветерот. Текстот, всушност, е еден голем коментар кој не се темели на ниту еден факт. Така пласирани и нафрлени тези не прават новинарски производ, туку нешто што е далеку од новинарските правила и стандарди.

Овој текст, пак, кој денеска го рецензираме, е прв таков од серијата исти или слични кои се појавија во различни медиуми. Зачудувачки со колкава огромна брзина тие се шират. И, ако е дозволиво од одредени медиуми, секако со цитирање, да се преземаат некои делови од текст, тука се прави целосна узурпација на сопственичкото право. Цели пасуси, коментари, па дури и цели текстови се преземаат и се појавуваат на други медиуми со мали корекции во насловите. Притоа, сите се водат како редакциски и никаде не е потпишан оној текстот кој прв се појавил. И, ако сакаме да играме со нивната игра, да прашам: Како може друг портал да го преземе целиот овој овде рецензиран текст, а притоа никаде тоа да не е наведено. Од друга страна, пак, порталите со кои се занимава текстот, не смеат да преземат ниту еден пасус, иако притоа се со уредно наведен извор и линк?

Насловот е целосен спин. Тоа е класичен школски пример за такво нешто. Текстот, пак, само го следи спинувањето од насловот и ја надградува и проширува тезата и вади нови дополнително спинувани моменти.

Фотографијата е ставена само како илустрација.

Овој текст ги крши сите познати етички и други норми од Кодексот на новинари. Нема ниту еден факт, ниту една барем приближно точна теза. Од помош на невладина фондација (која патем со тоа се занимава и тоа ѝ е работа) се прави нешто што нималку не личи на новинарски текст. Може да се заклучи дека се бара игла во сеното. Само што тука не можат да најдат ниту игла, ниту сено.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција