Рецензија: Повисоки плати и пензии за подобар стандард
Повторно се сретнуваме со обид за анализа во чиј центар лежи споредба на економски показатели и повторно се сретнуваме со истиот проблем – несоодветни и нерелевантни, односно погрешни споредби од кои лесно можат да се извлечат, исто така, погрешни заклучоци. Покрај ова, се сретнуваме и со постапка на селективен избор на податоците: се избираат и дискутираат оние податоци кои покажуваат раст, односно позитивен развој, а се избегнуваат или прескокнуваат оние податоци кои имаат пад. Генерално, се избираат позитивните податоци, а се избегнуваат негативните. Ова во сериозна анализа не би смеело да се прави. Заклучоците што се извлекуваат после ваквиот пристап кон податоците ги симплифицираат и ги сведуваат работите на црно и бело, иако во многу ситуации тие се некаде измеѓу или, пак, сосема обратни од она што се нуди.
Линк до оригиналниот напис: Повисоки плати и пензии за подобар стандард
Датум и време на објавување: 20.08.2014, 07:30
Датум на рецензирање: 20.08.2014
Рецензент: Владимир Петрески
Еве како почнува текстот:
Од октомври годинава, административците ќе добиваат за 5 проценти повисоки плати. Се прави нагорна корекција на примањата, финансирани од државната каса, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните. Според македонските власти, земјава успешно се справува со последиците од кризата, па затоа има простор да се реализира даденото предизборно ветување.
На прв поглед, нема ништо погрешно во овој пасус. Но, има поедноставување и занемарување на редица факти, кои во сериозна анализа би морале да го најдат своето место за читателот да добие комплетна слика и за да може квалификувано да донесе заклучок или, пак, да има целосна верба во евентуалните понудени заклучоци во анализата. Да стануваше збор за вест, ако се одговорат петте основни новинарски прашања, никој никому нема право да му кажува што требало, а што не требало да се додаде. Но, овде станува збор за анализа, во која по правило не се селектираат и не се прескокнуваат податоци кои се важни за темата.
РЕАЛНИТЕ ЛИЧНИ ДОХОДИ ПАЃААТ БАРЕМ 4 ГОДИНИ ПО РЕД
Како прво, важно е да се спомне дека платите во администрацијата веќе се повисоки до оние во стопанството. И гледаме дека платите на административците повторно ќе растат. Прашање е колку е ова мудро и колку е фер – разликата на платите меѓу оние работници во стопанството (кои го создаваат богатството) да се зголемува во негативен правец во однос на платите на вработените во администрацијата (кои го трошат и прераспределуваат стекнатото богатство). Потоа, уште поважно, крајно е проблематично тврдењето „земјата успешно се справува со последиците од кризата“, оставено вака непредизвикано во ситуација кога реалните лични доходи (значи оние со вклучена инфлација) паѓаат барем четири (2010-2013), а најверојатно и пет години по ред. Падот на личните доходи сигурно бил најдраматичен во 2009 година, односно во годината кога ударот на светската рецесија беше најсилен, но податоците тоа не можат да го потврдат зашто тогаш додатоците за хранарина и превоз влегоа во платите и целата статистика е изместена. Настрана фактот, пак, што останува допрва да се види колкав ќе биде падот на реалните лични доходи од јануари до октомври годинава кога ќе се случи покачувањето. Еве го графиконот:
Со оглед на ова, владата со ваквото зголемување на платите се обидува да го сопре падот на реалните лични доходи и да го задржи нивото на лична потрошувачка на граѓаните, но податоците покажуваат дека тоа, барем до лани, било неуспешно.
Настрана фактот што е крајно проблематично тврдењето за успешно справување со последиците од кризата ако се знае дека Македонија е земја со најголем раст на централниот јавен долг во цела Европа во изминатите 7 години и тоа за 100 отсто номинално (во пари – од 1,4 милијарди евра во 2007 на 2,8 милијарди евра во 2014) и за 50 отсто како процент од бруто домашниот производ (од 24 отсто од БДП во 2007 на 36 отсто од БДП во 2014). Со вакви задолжувања (во кои не е вклучена последната еврообврзница од 500 милиони евра) и не е тешко да се биде „успешен“.
ПЕНЗИИТЕ МОРА ДА РАСТАТ И ЗАРАДИ ЗАКОНИТЕ
Проблемот со инфлацијата е заборавен и кога се говори за растот на пензиите. Еве што се вели во анализата:
Највозрасната категорија граѓани од март зема за 5 проценти повисоки пензии, линеарно зголемени за 600 денари. Вкупно, над 3.5 милијарди денари легнаа на сметките на 284.878 пензионери. Сега, просечната пензија е за 62 процента повисока, споредено со 2006-та година.
Точно е дека истото ова го кажува и Министерството за финансии во цитираното соопштение:
Со зголемувањето на пензиите во март годинава, просечната пензија изнесува 12.445 денари, што претставува зголемување од 62 процента во однос на 2006 -та година, кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари.
Но, како што сме рекле повеќепати досега, податоците од официјалните органи (за оние неофицијалните, пак, да не говориме) мора да се проверуваат и анализираат. Проблемот е што и овде е заборавена инфлацијата. Еве како се движела таа (пресметана преку трошоците на животот) во периодот од 2006 до лани:
Од инфографикот се гледа дека до 31 декември 2013 инфлацијата во период од 7 години изнесувала 27,1 отсто. Ако ова се земе предвид, тогаш наведеното номинално ниво на раст на пензиите од 62 отсто, за кое говори анализата, едноставно е стопено за околу половина. Потоа, не е фер во објективна анализа да не се спомне и дека владата има законска обврска редовно да ги сообразува пензиите со растот на трошоците на живот, зашто вака излегува дека растот на пензиите е целосна заслуга на владата и е резултат на нејзини политики и добра волја, а не, барем делумно, резултат на законска обврска. Исто така, овде требало да се истакне и дека Македонија има второ најниско ниво на пензии во поранешна Југославија (пред БиХ), како што веќе напишавме во Сервисот за проверка на факти во медиумите во друга рецензија. Кога вака ќе се постават работите, едноставно станува сосема очекувано пензиите да пораснат – белки нема да ги оставиме да ги изеде инфлацијата и белки нема да дозволиме да имаме и најниски пензии во регионот. Настрана фактот што растот на пензиите директно води кон раст на потрошувачката, од која, пак, директно зависи растот на бруто домашниот производ, односно растот на целата економија и со тоа и мерењето на успехот на владините политики на економски план.
БАЛАНСИРАНИОТ ПРИСТАП – ПРЕДУСЛОВ ЗА ДОБРА АНАЛИЗА
На едно место во анализата се прави споредба со состојбите во „дел од земјите на стариот континент“, тврдејќи дека тие „се одлучија за непопуларни мерки – намалување на пензиите или нивно оданочување“, но како пример се зема само Србија и така „дел до земјите…“ се претворија во само една земја. Србија е, се разбира, лош пример за правење споредби за економски перформанси во моментов, заради големите штети од поплавите. Но, и покрај тоа што во анализата е наведен овој момент (дека земјата се соочува со големи штети од поплавите), сепак, токму таа е земена како пример. Ова едноставно не е фер.
Истиот проблем кој го има во податоците за нивото на пензиите во текстот од написот, го сретнуваме и во приложениот графикон кој се обидува да врши споредба на пензиите во 2006 и 2014 година. Повторно инфлацијата не е земена предвид. Ваков графикон може да се прави само во „денари од 2006 година“ (израз кој се користи кога би се зела предвид инфлацијата во периодот од 8 години) и износите за 2014 да се намалат за нивото на инфлацијата во периодот од 2006 до 2014 година. Вака, како што е ова направено, повторно се соочуваме со бројки кои по правило не можат да се споредуваат. Исто така, пензиите за 2006 и 2014 година во овој графикон се прикажани групирани во три групи, но не е јасно што тие групи треба да значат. Само внимателните читатели на текстот ќе сфатат дека пензиите се поделени на најниските, средните и највисоките, но ова од графиконот не може да се сфати веднаш. Токму затоа, под секоја од трите групи требало да стојат назнаките „најниски пензии“, „средни пензии“ и „највисоки пензии“.
Секогаш кога се споредуваат суми на пари од различни периоди треба да се земе предвид инфлацијата, односно растот на трошоците на живот. Ова е многу едноставно да се се сфати. Пример: не е битно што пензиите се зоглемиле во пари, ако за таа повисока сума пари, добиена неколку години подоцна, можат да се купат помалку производи или услуги зашто цените во меѓувреме пораснале повеќе од пензиите. Без ова се добиваат споредби кои немаат многу смисла.
Проблемите што ги има оваа анализа, по обичај, сега се пренесени и на оние други седум портали кои ја презеле без да ги воочат неправилностите со кои таа се соочува. Исто така, кога се прави анализа, ако се сака да се биде релевантен, не може и не смее да се селектираат само оние показатели кои се позитивни или само оние кои се негативни. Како што може да се види, во овој период пензиите имале раст поголем од инфлацијата, така што тие навистина бележат раст. Но, ако ова се кажело, анализата ќе била објективна, а не пристрасна, каква што, за жал, мораме да ја оквалификуваме.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар