Рецензија: Познат идентитетот на малолетничката која се самоуби во Ѓорче Петров

malol-gjorce-petrov-crop-resize

Текстот се приклучува во групата рецензирани поради неговата недоволна кохерентност која кај некои читатели може да значи и сомнеж во вистинитоста. Иако во првиот параграф од текстот се известува за самоубиство, веќе од вториот параграф, пренесен од билтенот на МВР, станува јасно дека нема доволно информации за да се поткрепи тврдењето дека станува збор за самоубиство.

„ Според податоците од полицијата, малолетничката чиј идентитет е веќе утврден, почина откако патнички воз кој сообраќал на релација Кичево-Скопје, удри во неа вчера утрото околу седум часот и дваесет минути“.

Од ова произлегува дека претпоставката на авторот, оти се работи за самоубиство, МВР не си ја дозволил и прецизно наведува дека возот „удрил“ во девојчето, не навлегувајќи во тоа дали станува збор за самоубиство или не.

Иницијалите на малолетната жртва се објавени, што не е од јавен интерес. Одмерениот баланс меѓу професионалноста на новинарот (што вклучува да не се прикриваат информации) и јавниот интерес, е сензитивна територија. Поради тоа, самоубиствата ретко се наоѓаат во главните вести, освен ако не станува збор за јавни личности или за вознемирувачки случаи на отворено, на јавни места.

Една од причините за ваквиот третман што го применуваат етички поткованите новинари е и теоријата на „епидермички шприц“, која предвидува дека публиката го апсорбира она што го восприема преку медиумите и може да го повтори.

Новинарот би покажал исклучително ниво на професионалност доколу би се залагал за неоткривање на идентитетот на жртвата, дури и кога таа информација би му била достапна, дури и тогаш кога е убеден во сознанието дека станува збор за самоубиство.

Во текстот се даваат информации за возраста, полот, првите букви од името и презимето на малолетното лице, како и за скопската населба каде се случил немилиот настан. Ова може да значи поблиско лоцирање на идентитетот на жртвата.

malolЛинк до оригиналниот напис: Познат идентитетот на малолетничката која се самоуби во Ѓорче Петров

Датум и време на објавување: 8.11.2013; 09:51

Датум на рецензирање: 12.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Текстот не содржи доволно информации кои ќе потврдат дека станува збор за самоубиство. Информацијата од МВР е дека „возот удрил“ во девојчето, што не мора да значи дека е поврзано со самоубиство. Новинарот може да го увери читателот во вистинитоста на информацијата, доколку искомуницира со надлежни институции и стручни лица, на пример од Институтот за судска медицина и ги дознае причините за настапувањето на смртта. Но, дури и тогаш прашање е што е јавниот интерес во приказната, односно зошто треба да се извести дека малолетно лице си го одзело животот. Единственото разумно образложение на ова прашање е доколку самоубиството се случило на јавно место и со самото тоа многумина знаат дека настанот се случил. Во конкретниот случај не може да се утврди дали овој услов е исполнет.

Извори на информации: Авторот се служи со официјални информации, меѓутоа фактот што го пласира, дека се работи за случај на самоубиство, не е атрибуиран на ниту еден извор.

Содржајност: Текстот е вест во низа. Уште од првата реченица лесно може да се препознае дека сајтот веќе објавувал информации за конкретниот случај, но авторот не дава линк до овие содржини и затоа веста се состои од неколку информации.

Оригиналност/Плагијат: Текстот содржи информации од билтенот на Министерството за внатрешни работи кои се идентично пласирани во речиси сите медиуми, што известија за случајот и што го претставија како самоубиство. Ова не може да се смести во класификацијата „плагијат“.

Квалитет на насловот: Насловот одговара со лидот, информира доследно за она за што се известува. Тој ја сумира новата информација во текстот, односно идентитетот на жртвата. Не може да се утврди дали насловот манипулира во делот кога се тврди дека скопјанката се самоубила и тоа произлегува од истата недоследност и недостаток во текстот.

Фотографија: Фотографијата дава лажна перцепција дека МВР го претставува случајот како самоубиство, што од текстот не е видливо. Од парафразираниот дел од полицискиот билтен не може да се дојде до заклучокот за начинот на кој настапила смртта.

Заклучок: Секоја информација која вклучува малолетник мора да подлежи на двојна ревизија во поглед на етиката. Пред да се изнесе тврдење дека случајот е самоубиство, треба да се понудат и веродостојни факти кои тоа ќе го покажат. Самоубиството во суштина се избегнува како новинарска содржина освен кога се работи за самоубиство на јавна личност или кога ќе се случи на јавен простор на очиглед на многумина. Недостигот од сеопфатни одговори на прашањата може да предизвикаат сомнеж кај читателот за тоа дали станува збор за самоубиство и дали е задача на новинарот тоа да го констатира, или пак на надлежните институции.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција