Рецензија: Прилепчанец фатен со хероин

Прилепчанец фатен со хероин   Хроника   10без10_crop_resize

Класичен пример на несоодветно избрана фотографија за која не може да се тврди дека би требало само да ја илустрира информацијата дека е фатен прилепчанец со хероин. Во текстот се вели дека полицијата ја пронашла дрогата закопана во дворот на пријавениот, а на фотографијата имаме лице кое е фатено како пренесува дрога скриена во долна облека. Оваа фотографија е толку карактеристична и се однесува на конкретен настан и лице, што не може да служи како „општа“ фотографија која би се употребила во вакви ситуации.

За илустрација на текстот, медиумот би можел да постави архивска фотографија на која би се гледала запленета дрога, но не вака експлицитна од друг карактеристичен случај, со што се доведува во прашање сериозноста на медиумот и неопходниот сенс дека треба да се размисли за изборот на фотографијата пред да се „залепи“ првата што ќе се пронајде на интернет пребарувачот. Во најлош случај, требало да пишува архивска фотографија, иако и тогаш не може да има целосно оправдување за постапката. Изборот на несоодветната фотографија непотребно предизвикува реакција за веста која е максимално коректно пренесена од соодветен надлежен орган за прогон – обвинителството.  

Прилепчанец фатен со хероин   Хроника   10без10Линк до оригиналниот напис: Прилепчанец фатен со хероин

Датум и време на објавување: 9.10.2013

Датум на рецензирање: 11.10.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Информацијата е вистинита, коректно пренесена, со иницијали на лицето, што е реално ретко низ медиумите во последно време.

Извори на информации: Посочени извори се полицијата и локалното обвинителство во Прилеп, што може и да се заклучи и од самата содржина на пласираната информација.

Содржајност: Информацијата е сеопфатна, не е оптоварена со непотребни детали, не се впушта во коментирање или изнесување на детали од личниот и приватниот живот на притворениот, освен податокот дека бил и претходно осудуван, што е во контекст на целиот настан.

Оригиналност/Плагијат: Веста има автор, потпишан со иницијали, а порталот наведува дека е преземена од дневен весник, со тоа што фотографијата е избор на овој медиум, а не на дневниот весник, каде што има друга фотографија за илустрација, која битно се разликува од посочената со уапсениот маж кој криел дрога во долната облека, а не во дворот како што се вели во информацијата.

Квалитет на насловот: Одговара на содржината на веста, информативен, без непотребен сензационалистички пристап.

Фотографија: Фотографијата е спорниот момент во целата приказна, за која и во воведот напоменуваме дека е несреќно избрана, се однесува на друг настан и лице, што е видливо од тоа што е прикажано, не е наведено дека е авторска фотографија, па оттаму се губи смислата за нејзиното објавување. Не може да се најде оправдување зошто ваква фотографија била ставена како илустрација. Таа дури може да предизвика и разни коментари кон осомничениот, бидејќи читателите во неговата средина веста може да ја „прочитаат“ преку фотографијата, па понатаму таа да се пренесува дека бил фатен како шверцува или крие дрога во гаќи!

Заклучок: Изборот на фотографија е несомнено толку важен колку и самата информација и нејзината вистинитост. Во овој случај, при речиси пренесена информација од надлежна институција, несреќно избраната фотографија за илустрација на текстот го навлече и нашиот интерес за рецензирање, па оттука, мора да потенцираме дека електронските медиуми, порталите и весниците мора да водат сметка и за сликата/фотографијата која е половина од информацијата. Доволно е да имате добра фотографија или снимка која ќе кажува доволно сама за себе и тогаш не ви треба многу текст, но кога треба да илустрирате со фотографија која треба да го поткрепи текстот, тогаш мора внимателно да се избира, за да не го расипе комплетниот впечаток, како што е во конкретниов случај.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција