Рецензија: Проект за описменување на невестите од Албанија во Општина Новаци
Основниот проблем со прилогот насловен: „Проект за описменување на невестите од Албанија во Општина Новаци“ е во несоодветната употреба на терминот „описменување“. И тоа, како во насловот, така и во втората реченица од текстот, која истовремено е и поднаслов:
„Во описменувањето на Албанките кои се мајки, главно, на деца од предучилишна возраст, учествуваа четири едукатори“.
Сепак, од самиот текст се гледа дека не станува збор за описменување , туку за Проект за изучување на македонскиот јазик, во кој биле вклучени дваесетина Албанки кои засновале семејства во неколку битолски села (Општина Новаци). Фактички, овие жени го владеат албанскиот – нивниот мајчин јазик, но, веројатно имаат проблем во комуникацијата на македонски, па токму затоа се организирани и едукативните курсеви.
Линк до оригиналниот напис: Проект за описменување на невестите од Албанија во Општина Новаци
Датум и време на објавување: 10.05.2014, 19:01:26
Датум на рецензирање: 11.05.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ИЗУЧУВАЊЕТО ЈАЗИК НЕ Е „ОПИСМЕНУВАЊЕ“!
Прилогот се повикува на официјален настан – доделување на дипломи на Албанки омажени во новачките села, кои во рамките на проектот на УНДП завршиле обука за совладување на основните познавања во говорот, читањето и пишувањето на македонски јазик. Во материјалот што го рецензираме се пренесени куси изјави на една од учесничките во обуката, на една наставничка ангажирана на проектот, како и на градоначалникот на Општината Новаци. Така што, информацијата нема проблем со изворите и содржајноста, меѓутоа, на одреден начин ја става под прашалник вистинитоста.
Имено, формулацијата „описменување“ дава сосема поинаква конотација на прилогот, и, сакајќи или не, ја доведува во заблуда публиката. Сугерира мислење дека невестите дојдени од Албанија се неписмени и дури сега, откако се омажиле во Новаци, допрва ќе се описменуваат! Што, секако не е точно. Изучувањето јазик, како што албанските снаи во новачките села го учеле македонскиот, не може да се квалификува како „описменување“. Впрочем, од изјавата на градоначалникот на Новаци јасно се гледа дека споменатите Албанки имаат стекнато одредено образование во нивната држава, а Проектот треба само да помогне за нивна побрза социјализација во новата средина.
„Вршиме социјализација на овие жени за да можат подобро да комуницираат и да им најдеме работни места соодветно на нивната стручна спрема. Сепак, најважно е да научат да читаат и пишуваат на македонски јазик“ (Лазо Котевски, градоначалник на Општина Новаци)
УПРОПАСТЕНА ИНФОРМАЦИЈА
Со „несреќниот“ избор на поимот „описменување“ во насловот и поднасловот, е направен пропуст. И, независно, што можеби не била таква намерата, сепак, тој прозвучува некако потценувачки и му дава навредлив тон на прилогот. Така што, материјалот што е предмет на оваа рецензија, е пример за тоа како со употреба на само еден погрешен збор, за жал, е упропастена сосема коректно сработена информација. Во конкретниот случај, посоодветен наслов би бил, на пример: „Невестите од Албанија во Општина Новаци учат македонски“.
А за тоа колку е важно на што ќе биде ставен акцентот и како ќе биде пласирана една вест, говори и анализата насловена: „Светот би бил грд во црно-бела слика“, објавена на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Во неа, авторката Аурора Карамети, доктор на информатички и комуникациски науки, осврнувајќи се на улогата на медиумите во креирањето на перцепцијата во јавноста го нагласува нивното големо влијание врз размислувањето на луѓето. Што се рефлектира „преку рамката што тие ја избираат за да ги третираат вестите за кои пишуваат, каде што намерно потенцираат одредени факти и карактеристики, а избегнуваат некои други.“
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар