Рецензија: „Професорскиот пленум“ пропушти шанса за дебата за реформите во образованието

profesori-MTV-09876-098-crop-resize

 

Ова е уште еден текст во низата напади врз професорите здружени во „Професорски пленум“ и врз нивните барања. Притоа, приказната се дефокусира од вистинската намера на ова неформално здружение и се спинува за да се омаловажат професорите и нивните барања. Во тоа придонесуваат и двајца професори со своите изјави, но прилогот не ја дава и другата страна. Посебно, тоа е потребно ако, како во прилогот, се напаѓа едната страна. Тогаш мора да му се даде можност на другиот да се брани.

profesori MTVЛинк до оригиналниот напис:Професорскиот пленум“ пропушти шанса за дебата за реформите во образованието

Датум и време на објавување: 07.01.2015, 17:43

Датум на рецензирање: 09.01.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ТЕКСТ-КОМЕНТАР

„Од скандал до јавен срам за „Професорскиот пленум“ – се коментарите на социјалните мрежи откако „Пленумците“ јавно прифатија да учествуваат на дебатата за измените во високото образование, а после кусо време се премислија, со образложение дека се збуниле.“

Текстот почнува со едно тврдење кое е невистинито. Поголемиот дел од текстот е коментар кој изнесува тврдења што не се докажани во прилогот. Притоа, нема ниту принтскрин од тврдењата на „Фејсбук“ за нападите врз професорите. Башка што тоа не е вистина затоа што и покрај ваквите тврдења имаше и спротивни. Имаше луѓе кои им даваа поддршка и ги поддржаа нивните одлуки. Но, не се ставени и нивните мислења. Затоа, текстот не може да се каже дека е објективен оти ја нема и другата страна. Притоа, прилогот не е ниту содржаен затоа што ги нема сите засегнати во приказната.

„Најнапред на професорите кои се против реформите им пречеше локацијата. Откако беше прифатено нивното барање за дебата во Парламентот тие сепак  избегнаа да ги соочат аргументите или да предложат измени за подобрување на стандардите во високото образование.“

Текстот и понатаму продолжува како коментар, повторно со паушални тврдења. И тука работата не е прикажана како што треба. Прво, на професороте не им пречеше локацијата (дефокусирање), туку им беше наметната од владата. Потоа, премиерот Никола Груевски дојде и речиси насила ја промени локацијата на дебатата. Тоа е класичен спин со дефокусирање, кое сака да го наметне овој прилог. Главното барање на професорите, со кое тие бараат прво да се повлечат измените на законот за подоцна да дебатираат, воопшто не е споменато во прилогот. Во него се посочуваат небитни или, пак, помалку битни работи само за да се пренасочи вниманието од темата.

Понатаму во текстот има изјави од двајца професори кои ги обвинуваат своите колеги. Прилогот има изјави и тоа е добро. Сепак, професионалното новинарство бара, доколку има обвинувања, да се слушне и другата страна. За прилогот, пак, докрај да биде објективен и содражаен, морало да се викнат со свои изјави и професорите кои се против измените на законите за образование и да се слушне и нивната приказна. Вака, ова е текст што не може да се посочи како реален и искрен.

„Измените во високото образование предвидуваат  поголем ангажман околу објавување на научни трудови. Професорската фела веќе искоментира дека оние кои до сега не работеле на универзитетите со полна пареа за подобрување на квалитетот, сега им е нарушена комоцијата, па реформите им се тешки.“

Текстот „епохално“ завршува како што и почна. Со коментар без поткрепа. Тука повторно се става во еден кош цела професорска бранша, ставајќи ѝ во уста нешто што не кажала. Како може да се поверува на тезата дека „Професорската фела веќе искоментира дека оние кои до сега не работеле на универзитетите со полна пареа за подобрување на квалитетот, сега им е нарушена комоцијата“. Кој го кажал тоа? Дали е снимен? Каде е неговата изјава? Дали е ова навистина кажано од релевантен или каков било извор?

Овој прилог ги нема запазено новинарските стандарди. Тој личи на политички памфлет кој има цел да ги раскара професорите. Веќе видено овие денови, но од јавниот сервис најмалку се очекува ваков прилог. Пред сè, затоа што е јавен сервис кој треба да го отсликува широкиот спектар на мислења во јавноста и да биде објективен, затоа што сите го плаќаме.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција