Рецензија: Радникот во пензија одгледува овци?!
Новинарството постои поради јавниот интерес, односно за да биде „куче-чувар“ на процесите кои ги засегаат граѓаните, а се во рацете на властите. Во случајов имаме текст кој обработува тема што не е од јавен интерес, но е интересна за читателите. Последователно, треба да се потенцира дека она што е интересно за граѓаните, не секогаш е од јавен интерес, а токму јавниот интерес е она што е во примарниот фокус на новинарите. Така, од аспект на јавниот интерес, не е воопшто важно дали екс-функционер купил стадо овци или плазма телевизор, освен ако тоа не е поврзано со неговата поранешна функција, што во текстот на ниеден начин не е покажано или докажано. Но, тоа не е единствениот проблем…
Линк до оригиналниот напис: Радникот во пензија одгледува овци?!
Датум и време на објавување: 22.03.2014, 16:18
Датум на рецензирање: 23.03.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Веројатноста дека луѓето би сакале да читаат за некој што во минатото извршувал функција поврзана со безбедноста на државата е голема, но она што новинарот треба да го земе предвид е и дали тоа има некаква друга, освен сензационалистичката позадина. Од понуденото, не може навистина да се знае со сигурност дали изнесените факти се точни.
Нашите извори велат дека бившиот полицаец планирал производство на млеко, сирење и кашкавал.
Освен тоа, во текстот со неверојатна брзина и избрзано се „скока“ од тема на тема, па текстот изгледа конфузно:
Радникот важи и за голем љубител на артефакти, но беше пензиониран пред да почне акцијата за апсење на директори на музеи, откако се утврди дека голем број вредни артефакти се украдени од депоата. За кражбите на вредните предмети од музеите во домашен притвор е и пензионираниот директор на Заводот за заштита на споменици, популарниот Паско Кузман, човек од доверба на премиерот Груевски и еден од перјаниците на антиквизацијата што ја турка оваа власт.
Текстот се повикува на анонимни извори и тоа според Кодексот на новинари е дозволено во ситуации кога изворот тоа го бара од новинарот. Меѓутоа, прашање е како подоцна, во медиумскиот производ ќе се убеди читателот во веродостојноста на изнесените тврдења од анонимниот извор. Анонимноста на изворите во новинарските стории често е оправдана токму кога има тврдења кои се од голем јавен интерес и кога новинарот може да го докаже или да го провери анонимното тврдење на некој друг начин или да го дополни. Во случајот, тоа е можно доколку се испочитува основното новинарско правило, да се праша за став и оној за кого се пишува, односно да се консултираат изворите. Тоа не е испочитувано и во текстот не се остава впечаток дека е воопшто направен напор за да се добие став од инволвираната страна, односно од Љупчо Тодоровски – Радникот.
Од аспект на содржајноста, текстот е сиромашен со потврдени факти и затоа изгледа неверодостојно. Ако се навлезе во анализирање на содржината и главниот изнесен непотврден факт, дека Радникот купил стадо овци, тогаш не е јасно зошто таа информација е важна?
Во дел од написот се забележуваат констатации кои се базирани на претпоставка и оставаат впечаток дека се коментаторски и дека зад нив не стои јасно определен или поблиску лоциран извор:
Државата субвенционира и во овчарството, и сигурно и тој ќе добие пари за стимулација за секое јагне и овца од стадото што го купил.
Во јавноста се ширеа и други шпекулации како причина за експресното пензионирање, но сепак, тоа е засега само во тој домен.
Ако се земе предвид наведеното во Кодексот на новинари дека новинарот ќе објавува претежно проверени информации или дека барем ќе се обиде да ги провери на секој можен начин, тогаш се доаѓа до заклучок дека во текстот новинарот сосема потфрлил во оваа негова основна задача, односно читателот не може на ниеден начин да го види резултатот од евентуалната работа на проверка. Не е контактирана засегнатата страна за коментар, нема очигледен јавен интерес во објавувањето на приказната и затоа оваа сторија е сензационалистичка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар