Рецензија: Се самоуби татко на три деца
Дека дно, во смисла на почитување на новинарските критериуми и стандарди, најверојатно не постои, потврдува овој текст. Ако сметате дека сум преостар, видете ја темата – самоубиство, а потоа видете ја фотографијата.
Линк до оригиналниот напис: Се самоуби татко на три деца
Датум и време на објавување: 01.05.2014, 08:28
Датум на рецензирање: 02.05.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ФОТОГРАФИЈА ЗА „НОВИНАРСКО САМОУБИСТВО“
Ова е написот за кој зборуваме:
„Таткото на три деца М.С: (52) од Сапна, во близина на Тузла се самоуби во семејната куќа, пукајќи си со пиштол во глава.
Наводно бил болен и секојдневно трпел силни болки кои во последно време му се интезивирале. Смртаа на М.С. ја констатирал дежурен лекар. Увид е направен од страна на босанските полицајци е утврдено дека се работи за самоубиство“.
Ништо страшно, но ни ништо особено би рекле. Куса вест за голема трагедија, лошо сработена, без наведени извори на информации, без да се прецизира од каде и од кого е „позајмена“, со сериозни дупки во содржината, без елемнтарно чувство за семејството кое несреќниот човек го оставил зад себе…. Со други зборови, набрзина преземена информација и по принципот copy-paste, а можеби и Google translate, што се навестува од неколкуте правописни грешки, залепена е на домашниот сајт. Ајде, би кажале ваквите примери за неквалитетни препишувања не се ни први, ни последни, но еден сегмент МНОГУ отскокнува и тоа отскокнува МНОГУ негативно. Фотографијата!
Не ми е јасно што треба повеќе: дали фантазија или глупост, најверојатно е ова второво, како илустрација за ваква трагедија да се искористи сцена од холивудски мегахит. Не знам кому и како на ум му дошла идејата дека смртта на еден човек може да се „накити“ со фотографија во која Мел Гибсон во „Смртоносно оружје“ сака да си го одземе животот? Страшно! Како поинаку да се нарече ваквиот патетичен обид за фотографско доловување на настанот од Босна. Филмска фикција за реална нарација. Навистина една фотографија вреди 1.000 зборови, ама оваа во овој случај не вреди ништо.
Што ако трагедијата не била овде во земјава. Дали тоа значи дека професионалните стандарди не важат?!
„Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“ – член 7 од Кодексот на новинарите;
„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“ – член 8 од Кодексот на новинарите.
Одговорот е не! Стандардите секогаш треба да важат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар