Рецензија: СКАНДАЛ: Што дува главниот уредник на Либертас Ацо Кабранов во 1 по полноќ
Предизвик е да се разгледува вакво ниско медиумско препукување, кое ги надминува границите на елементарната пристојност, низ призмата на новинарските стандарди. Сепак, клучно е да се запази контекстот во кој е објавен овој текст, за потоа да се дојде до заклучокот дека медиумот се користи за лична пресметка, а не од некаков јавен интерес. Освен што е спротивно на новинарскиот кодекс, кој во членот 16 налага новинарот да ги чува угледот и достоинството на својата професија, да ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и да не го употребува својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги, писанието не може да се смести ниту во еден од новинарските жанрови.
Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Што дува главниот уредник на Либертас Ацо Кабранов во 1 по полноќ
Датум и време на објавување: 23.09.2014; 12:42
Датум на рецензирање: 27.09.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Со низа инсинуации се прави обид да се дискредитира личноста на оној за кого се пишува. Мотивот за ова во сржта е нечесен и неновинарски. Во текстот нема информирање, нема ниту вест (бидејќи станува збор за повод кој е најверојатно лична нетрпеливост поради различни ставови), зашто се користи Фејсбук статус стар три години, кој во својата природа е не „вест-вреден“. Оттука не може да се разгледува категоријата вистинитост на напишаното.Освен тоа, еве што пишува во новинарскиот кодекс:
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Оттука, се добива впечаток дека медиумот се злоупотребува за лични препукувања и ad hominem дискурс кој не е од никаков јавен интерес, не ги задоволува критериумите на она што е од јавен интерес, туку напротив, претставува конфликт меѓу индивидуи, кој се пресликува на уредувачката политика. Тоа е недозволиво од аспект на професионалните стандарди, кои налагаат новинарството да се занимава со факти или со напор информациите да се проверуваат, да бидат балансирани и да се даде што поголем диверзитет на мислењата и ставовите со цел читателот да биде информиран и да може да донесе заклучок за одредено прашање.
Како извор се користи Фејсбук, но прашањето е зошто статус стар три години заслужува медиумско внимание сега, и тоа непосредно по серија преписки меѓу двајцата уредници на портали со различна уредувачка политика. Овој текст доаѓа како надоврзување канонадата напади кон Кабранов, кои вклучуваат изнесување навреди, лични и семејни прилики и клевети.
Во скопскиот сленг јазик зборот „дува“ го користат оние кои конзумираат марихуана, но како термин го користат и во хомосексуалните кругови за орален секс.
Оттука, текстот од содржински аспект, исто така, е неапликативен за разгледување поради тоа што е нерелевантен и претставува хајка на лична основа.
Текстот е пристрасен, бидејќи не содржи факти ниту изјави и се базира единствено врз претпоставки и застарен Фејсбук коментар, без да се наведе ниту контекстот во кој е постиран. Попатно, во битката на оцрнување инволвирани се и други личности.
Коментарите се карактеристични за целиот текст:
Бидејќи овој статус е од пред околу три години, најверојатно Кабранов не знаел дека статусот што ќе го напише на својот „Фејсбук“ профил се појавува и кај другите корисници на социјалната мрежа, кои се во листата на негови пријатели.
Претпоставуваме дека Ацо бил во друштво со неговиот долгогодишен близок и интимен пријател водителот Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, исто така дел од новинарската екипа на „Либертас“.
Згора на сѐ, во лидот се споменува дека Кабранов е уредник на проопозициски портал, што дополнително фрла сомнеж за мотивите за пресметката со него. Иако текстот е преземен од друг портал и тоа е наведено, како и во вакви случаи, со пренесувањето, порталот што го прави тоа ја споделува одговорноста и го покажува стојалиштето во однос на изнесеното. Се покажува индиферентност кон стандардите за тоа што е вест-вредно, поради лични напади и навреди.
Постапката на употреба на стари Фејсбук статуси, за кои не се знае ни контекстот ни зошто се поставени, ниту некого го интересира тоа, со цел да се дискредитираат колеги, е нечесна, непрофесионална и заслужува осуда.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар