Рецензија: Софијанова на дежурство: Се вжешти линијата на „Ало докторе“
Станува збор за пристрасен прилог во кој се воздигнува директорката на Клиниката за детски болести, која на 3 јануари попладнето била дежурна на линијата „Ало докторе“. Нејзиниот ангажман за време на четиричасовното дежурство во повикувачкиот центар, во кој се делат медицински совети, толку многу се предимензионира, што изгледа некако невкусно.
Линк до оригиналниот напис: Софијанова на дежурство: Се вжешти линијата на „Ало докторе“
Датум и време на објавување: 04.01.2015, 17:00
Датум на рецензирање: 04.01.2015
Рецензент: Оливера Војновска
САМО ФАЛБИ ЗА ДИРЕКТОРКАТА!
Пристрасноста е видлива уште во изборот на насловната конструкција , која е во два дела и има драматичен призвук:
Софијанова на дежурство: Се вжешти линијата на „Ало докторе“
Истата порака се соопштува и на самиот почеток од прилогот, кој, фактички, се потпира на раскажувањето на директорката за тоа како поминало дежурството. Но, нејзината изјава потоа дополнително е „исфилувана“. И тоа, со такво нагласено фалење што кај публиката предизвикува, дури, чувство на непријатност.
„Загрижени мајки и татковци барале лекарски совет за нивните болни деца… Имало над сто повици за 4 часа. Од покачена температура, кашлица, пролив, бронхит. Речиси сите завршиле со препораките од Софијанова…“
Од друга страна, ваквото величење изгледа и смешно. Прозвучува како Софијанова да ги „средила“ пациентите по телефон!
Прегледот на иформациите што во изминатиот период ги објавуваа медиумите покажува дека на споменатата телефонска линија во просек има од 100 до 150 јавувања за здравствен совет. А тоа, може да се види и на крајот од овој прилог, каде е наведено дека „за три ипол месеци колку што функционира Ало докторе, имало над 15000 јавувања од граѓани“.
ЕПП ЗА „АЛО ДОКТОРЕ“
Па, гледано од тој агол, нејасно е што било толку специфично „телефонското“ дежурство на директорката на Детската клиника? Или, таа добива таков третман во прилогот бидејќи „го оправдува функционирањето на „Ало докторе“, проект кој предизвика поделени мислења во јавноста.
Имено, дел од експертите реагираа дека „е спротивно на медицинската етика лекари да даваат совети, дијагнози и да препишуваат терапија по телефон.“
Материјалот што го рецензираме е надвор од стандардите на добрата новинарска практика и наликува на наменски скроен пропаганден производ. Манирот во кој е напишан и пласиран остава впечаток дека е правен за да се пофали директорката, која, пак, има само убави зборови за владиниот проект.
Инаку, Софијанова беше иницијатор на Петицијата за поддршка за втор мандат на Ѓорѓе Иванов, а беше избрана и за пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во април минатата година (2014), но набргу по изборот си поднесе оставка на пратеничката фунција.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар