Рецензија: Спорот за наследство траел 43 години и не е во Македонија

0903-Dnevnik-EU-Sudstvo-crop-resize

Дали можете да погодите која била мотивацијата за да се напише овој новинарски текст? Медиумски малку поеманципираниот читател веднаш ќе ви каже дека прашањето е беспредметно зашто мотивот за овој текст се гледа уште во неговиот наслов „Спорот за наследство траел 43 години и не е во Македонија“. Овој наслов, кој навидум иронизира, всушност гласно порачува од насловната страница на весникот дека нашата земја не е најтапа во однос на должината на судските спорови. Имало и бетер.

И целиот текст е во тој дух. Една реченица во него вели:

„До правда и првостепена пресуда тешко се доаѓа и во државите на Европската Унија, од каде што доаѓаат и најголемите критики за бавното и неефикасно македонско судство.“

Значи, овој текст има намера да ја оправда судската неефикасност со иста таква пракса на другите земји, а не со аргумените на правната држава, владеењето на правото, со неопходната независност и самостојност на судската власт… Сето тоа овој текст го игнорира и го заменува со праксата на другите. „Нека си гледаат во својот двор“, како да порачува текстот.

0903-Dnevnik-EU-SudstvoЛинк до оригиналниот напис: Спорот за наследство траел 43 години и не е во Македонија

Датум и време на објавување: 02.09.2014, 10:51

Датум на рецензирање: 03.09.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Нема невистинитост во текстот што го рецензираме. Само што има пристрасност и несеопфатност. Зошто некој медиум би се занимавал со ефикасноста на судовите во земјите членки на ЕУ, а да не ги споредува со онаа во Македонија? Таква е констатацијата и на читателот што го предложи овој текст за рецензија. Тој вели:

„Во текстот се дава споредбено трајноста на случаи вон Македонија, а во секое параграфче се намигнува во стил `тие нас ќе ни кажуваат дека судството ни било лошо`“.

Освен тоа, рамката во текстот за бројот на судии на 100 илјади жители во ЕУ земјите не значи ништо ако не се спореди со таквата статистика кај нас. На пример: она што прво ни падна в очи кога ја видовме бројката од 6 судии на 100 илјади жители во Данска, а во таа земја споровите се решаваат во рок од 30 дена.

Колку за споредба, Таблата на правдата за ефикасноста на судовите на земјите членки на ЕУ, илустрира дека најголем број судии по глава на жител има во поранешните социјалистички земји, а кај нив судските процеси траат најдолго. Претпоставуваме дека овие параметри се прилично слични со оние во Македонија. Зар тоа не е многу поголема мотивација за фокусирање на новинарскиот текст, отколку „евтиното“ кокетирање со поедноставениот заклучок дека и во земјите на ЕУ има долготрајни судски спорови?

Некако, не можеме, а да не се согласиме со читателот што ни го предложи овој текст за рецензија, кој вели:

„Текстот е информативен, ама неприменлив. Насловот е како за во берберница или за сеирчење од клупа пред влез на зграда.“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција