Рецензија: Убиецот на Тијана ужива во затворот?!

zatvor-09876-098-crop-resize

Ова е текст кој може да предизвика многу реакции во јавноста, пред сѐ, поради насловот. Заклучокот дека тој ужива во затвор е извлечен без конкретен податок или факт, иако сѐ уште е спорно како тоа се ужива во казнена установа, каде што бил сместен сам во соба.

zatvorЛинк до оригиналниот напис: Убиецот на Тијана ужива во затворот?!

Датум и време на објавување: 11.08.2014, 10:10

Датум на рецензирање: 12.08.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

БЕЗ ДОКАЗИ

Тоа што некој е во затвор, а е сместен сам во повеќекреветна соба, не дава за право да се мисли дека затвореникот ужива. Тој сѐ уште се наоѓа во притвор, а според стандардите од Европската унија и законите во матичната земја точно се знае што треба да се прави со еден притвореник.

Пасусот дека:

Не е во самица, сместен е сам во повеќекреветна соба со оглед на тоа што моментално во затворот има слободни места и не би ризикувале останатите затвореници да го нападнат. Ни овде засега не покажува никакви емоции, не разговара ни со чуварите и до сега немаше никакви барања. Од петокот е во ќелијата, но до денес никој не го посетил, дури ни мајка му, рекол извор од затворот за Ало.рс.

… само покажува дека поради негова заштита тој не се меша со другите притвореници и затвореници.

Тоа го кажува и изворот од затворот, кој овде е погрешно протолкуван. Згора на сѐ, се работи за извор, кому по логиката на нештата треба да му се верува.

Исто така, ниту податокот што јадел и како јадел не навестува дека тој ужива во затвор. На сите притвореници и затвореници им следува оброк, а за тоа дали молчел додека јадел нема што да се коментира:

За појадок јадеше меснен нарезок и јајце, мармалад и леб и испи чаша чај, додека за ручек имаше зелка со месо, леб и салата. Секој оброк го прими и изеде без ништо да каже, додал изворот.

 

СЛОБОДНО КОМЕНТИРАЊЕ

Сегментите каде се тврди дека ужива во затвор се коментаторски елементи и не се поткрепени со никаков доказ. Друго би било ако во текстот има елементи кои се нетипични за затворски престој на притворено лице, но такво нешто нема. Наведено е само дека бил сместен сам во повеќекреветна соба и молчел додека јадел. Исто така, не смееме да ја заборавиме и презумпцијата на невиност и покрај тоа што сега осомничениот наводно го признал делото. Покрај ова, секој притвореник и затвореник има права и обврски.

Насловот сака намерно да потенцира нешто со што би се кренала поголема прашина во јавноста. Сепак, тој е изнасилен и непотребен особено кога на социјалните мрежи се активни повеќе групи кои бараат смртна казна за осомничениот. Во ваква наелектризирана ситуација премногу е да се пласира ваков наслов, посебно кога тој е далеку од вистината.

Понекогаш треба работите да легнат за да може убаво да се процени ситуацијата. Со вакви написи тоа е потешко зашто се замаглуваат работите. Затоа, во време кога има наелектризирана атмосфера не треба да се истрчува со вакви наводи. Згора на сѐ, тие не се поткрепени со факти.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција