Рецензија: Уништени пластеници во с. Грчец

Alsat-M-Unisteni-plastenici-crop-resize

Во услови на нагласено изострена атмосфера во поглед на меѓуетничките односи, етичкиот и професионалниот кодекс на однесување, на новинарите им налага посебна одговорност за јавно искажаниот збор. Нивните ставови се важни фактори во обликувањето на јавното мислење поради што говорот на омразата е неспоив со новинарската етика. Во таа смисла членот 10. од Кодексот на новинарите нагласува:

„Новинарот нема … да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа”

Оттаму, медиумите и новинарите имаат посебна одговорност и да внимаваат кога треба да објавуваат материјали (информација, слика, мислење, коментар), кои во себе кријат непријателство или омраза, или доколку постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика дополнителни тензии кон друга етничка заедница или кон поединци заради нивната раса, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, итн.

Alsat-M-Unisteni-plasteniciЛинк до оригиналниот напис: Уништени пластеници во с. Грчец

Датум и време на објавување: 09.12.2013, 18:59

Датум на рецензирање: 13.12.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Со оглед на тоа што се работи за авторски текст во кој се пренесуваат изјави од неколкумина жители од село Грчец, нема основа да се сомневаме дека новинарот осведочил лично дека пластениците на некои од жителите на селото се „уништени”, како што се наведува во текстот. Кога веќе го спомнуваме терминот „уништени”, се налага мислењето дека, ако се суди според фотографијата (и ТВ снимките), оваа оценка е пренагласена. Можеби посоодветен термин е дека пластениците се „оштетени”. Некој ќе рече дека е тоа работа на стручна проценка, но таа ја нема во текстот, а контекстот во кој се става овој инцидент, сепак, налага двојна внимателност зашто така налага и Кодексот на новинарите, бидејки станува збор за многу чувствителна тема – меѓуетничките односи.

Извори на информации: Новинарот има поголем број изјави од, најверојатно, различни личности – жители на Грчец. Но, сите се анонимни.

Содржајност: Текстот има извесна количина содржајност, односно дополнителни информации што ги дообјаснуваат околностите, природата и вредноста на штетите… Но, недостасува другата страна. Не можеме да претпоставиме зошто авторот не се распрашал кај соседите за да го чуеме и нивното мислење. Има изјава од полицијата, но отсуството на втората страна наведува на пристраност.

Пристрасност: Пристрасноста, за жал, се открива уште во поднасловот на овој текст: „Сопствениците Албанци ги обвинуваат соседите Македонци”. Да беше употребен терминот „се сомневаат во …”, наместо „ги обвинуваат” и доколку таа умереност и воздржаност продолжеше и во телото на текстот, сѐ ќе беше поинаку.

Квалитет на насловот: Насловот е многу сувопарен, но сепак е неутрален. Авторот се воздржал во самиот наслов да ја идентификува етничката припадност на луѓето чии пластеници се оштетени, но во поднасловот наведува дека станува збор за Албанци, кои ги обвинуваат соседите Македонци. Тоа се, сепак, сомневања.  

Фотографија: Фотографијата не е потпишана и нема легенда, ама претпоставуваме дека е автентична. Но, таа, како што веќе споменавме, „зборува” дека штетата е непропорционална на зборот „уништени”.

Говор на омраза: Не можеме да кажеме дека во овој текст има говор на омраза. Но, заради деликатноста на целата атмосфера и контекст кои ги нагласуваат и соговорниците на новинарот во овој текст, која е најсилна и во овој исказ:

„Убеден сум дека македонската страна ни ја направи оваа штета. Поради цар Душан. Убеден сум, милион посто дека се од нив. Македонските се таму, ниту една не е оштетена.“

сметаме дека е потребно да потсетиме на една од дефинициите која за говор на омраза го смета:

„секој говор што има за цел да навреди, понижи, исплаши или да поттикне на насилство или штетна акција против одредена личност или група врз основа на нивната политичка, расна, социјална, полова , сексуална или некоја друга различност” (од „Прирачникот за етика во новинарството“, ЗНМ, 2012).

Заклучок: Зборот е во основата на новинарството. Она што не треба да се заборава е дека подеднаков третман имаат и зборот на новинарот, авторскиот, како и зборовите на оние од кои ги земаме изјавите. Не е доволно и не е оправдување да се каже „Јас не го велам тоа, соговорникот го вели…” Тое не е алиби за сите ситуации. Особено кога станува збор за чувствителни ситуации, како и за ситуации што потврдуваат стереотипи со кои делата на поединци се идентификуваат со заедницата.

Стереотипите се непријатели на доброто новинарство! Секој е различен. Новинарите никогаш не треба да портретираат однесување на еден човек како карактеристика за цела група или заедница и нема да прифатат да учествуваат во создавање негативен имиџ на одредена група или заедница.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција