Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги чeсти пратениците на СДСМ со уште една плата за нова година
„Ајмо народе, ВМРО части! Од наследство им се парите. А СДСМ е вработена во ВМРО!“ Ова е реакцијата на читател на „Сервис за проверка на фактите во медиумите“ (СПФМ). Духовита реакција, пред сè, на насловот на овој новинарските текст кој, на предлог на овој наш читател, го рецензираме овде пред вас.
Впечатокот и реакцијата на нашиот читател е еден од проблемите на вака изведени наслови. Партикуларно, односно изведена е само една поента и, што е уште полошо, нагласено е нешто (ВМРО-ДПМНЕ ќе ги чести…) што предизвикува контраефект за сметка на објективноста: „…од наследството им се парите, а СДСМ е вработена во ВМРО!“. И просечниот читател повеќе не мора да чита зашто насловот му сугерира пристрасност која веќе ја имаме премногу.
Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги чeсти пратениците на СДСМ со уште една плата за нова година
Датум и време на објавување: 15.12.2014
Датум на рецензирање: 17.12.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Овој текст инаку нема проблем со вистинитоста бидејќи таа е прикажана како недофатлива зашто целата приказна е конструирана врз шпекулации. Веднаш да се разбереме, во новинарството е сосема легитимно да пишувате за шпекулации, но она што мора да биде неопходна состојка во таквата приказна се изворите. Тие мора да ги толкуваат шпекулациите. Особено кога се работи за политички теми и, особено, кога се работи за шпекулации кои, вусшност, стануваат инструменти за политички маневри.
Овој текст како такви требаше да ги контекстуализира политичките шпекулации за кои пишува, а тоа требаше да го направат независни политички аналитичари или упатени личности кои имаат капацитет, легитимитет и политичка смелост, макар и „оф рекорд“ да ги протолкуваат.
Но, нема. Нема ниту еден извор. Освен впечатоците стекнати од седниците на Собранието и на неговите тела, кои се произнесуваа по прашањето за постапката за одземање на мандатите на опозицијата поради отсуствувањата од работата на законодавниот дом.
Нема ниту еден извор од опозицијата. Зошто? Зошто еден текст кој се занимава со едно исклучително политичко прашање да не консултира втора страна? Па, од тоа нема никој да се зарази со некоја болест!
Штета. Една легитимна тема падна на елементарните прашања на професионалното новинарство.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар