Рецензија: Заев лидер или само привремен претседател?
Тенденциозна квази анализа која преку спин има крајна цел да ја убеди јавноста за две нешта:
- Бранко Црвенковски и натаму е вистинскиот лидер на СДСМ;
- Зоран Заев е формален претседател на партијата кој има „предавнички ставови за името“, кој е реваншист и кој е аболициран криминалец.
Линк до оригиналниот напис: Заев лидер или само привремен претседател?
Датум и време на објавување: 03.06.2013, 16:18
Датум на рецензирање: 04.06.2013
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Текстот не се темели дури ни на факти, освен еден – дека Заев е избран за претседател на СДСМ. Но, ни тој факт не се остава чист, туку се негира со вториот дел од реченицата, во кој се наведува дека „СДСМ избра претседател, но не и лидер“.
Извори на информации: Авторот во текстот формално се повикува на извори, но, исто како и да ги нема. Употребени се зборовите „експерти“, „експертска јавност“, „познавачи на состојбите во СДСМ“ и „самите социјалдемократи“.
Содржајност: Нема поширока анализа на проблемот што се анализира. Прашањето на лидерството во СДСМ не е поткрепено со никакво теоретско ниту практично искуство, освен со една реченица во која се наведува за греењето на столчето, но и таа е неразбирлива со тоа што авторот вели дека Заев порано тоа го направил „доброволно“, а сега самиот Црвенковски го натерал??? Во текстот се прикриваат важни информации за квалификативите употребени за Зоран Заев.
Коментирање:
„Свиткана кичма за името, јадење живи луѓе, пукање пред избори, аболиција за случајот Глобал тежок неколку милиони евра. Зоран Заев носи тежок политчки багаж, но од друга страна, тој е единствениот социјалдемократ кој реално може да ги загрози позициите на Црвенковски“ – ова се јасни коментаторски елементи интегрирани во текстот.
Плагијат: Постои дилема дали оваа квази анализа да ја третираме како оригинално дело, зашто е само лефтерна разработка на една сериозна теза која во последните неколку денови се пласира речиси во идентична форма во повеќе медиуми, кои со својата уредувачка политика инклинираат кон Владата и Центарот за комуникација при владејачката партија.
Квалитет на насловот: Насловот дезинформира, не е креативен, сензационален е и тенденциозен, зашто со него авторот или уредникот сакаат да ја уверат јавноста во теза која со ниту еден валиден аргумент не е поткрепена во текстот на квази анализата.
Говор на омраза: Навредите се јасно забележливи во два дела од квази-анализата. Онаму каде се коментира и се даваат навредливи оценки за Заев – за името, за неговиот реваншизам, за неговото насилство (пукање во предизборен период) и во оној дел каде се кажува дека тој го греел столчето. По тој основ тука имаме и лична дискредитација и дискриминација по политичка основа – авторот сака да ја убеди јавноста дека во една политичка партија така се решаваат работите внатре во партијата, со што се упатува скриена порака дека таа политичка партија е несериозна и не треба да ѝ се верува. Толку навредливи и дискриминаторски елементи во толку кратка анализа, не може да се разберат поинаку освен како говор на омраза од политички мотиви.
Заклучок: Станува збор за текст кој би требало да е од поджанрот анализа, но, ниту формално не ги поседува потребните елементи да се квалификува како таков. Наместо анализа имаме чисто пропагандистичко новинарско дело кое со помош на употребен спин има за цел да го насочи јавното мислење да верува дека Бранко Црвенковски е сè уште вистинскиот лидер на партијата и дека Зоран Заев, новиот претседател, е личност со криминално минато, со предавнички став за името и со реваншистички побуди.
Но, според „анализата“ во текстот, дури и таков Заев, „е единствениот социјалдемократ кој реално може да ги загрози позициите на Црвенковски. Познавачите на состојбите во СДСМ велат дека вечниот лидер е свесен за моќта на струмичкиот градоначалник и токму затоа го праќа да изгори на наредните избори“ (???).
Покрај оваа произволност и нелогичност, постојат и други:
„Дека Црвенковски останува да владее говори и последниот состав на Централниот одбор, каде скоро половина од членовите се најверните луѓе на Црвенковски“.
Прво, во моментот на објавување на текстот, не постоеше ниту една јавно објавена информација за тоа кои се членовите на новиот Централен одбор. Второ, не е наведена улогата на ЦО во носење клучни одлуки во СДСМ, во однос на другите тела и функции, па јавноста треба да стекне впечаток дека тоа е најмоќното и клучно тело во СДСМ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар